Актуелно

Трендови: Вештачката интелигенција во FMCG-секторот

04 Mar 2019

Дојде време кога FMCG-компаниите треба целосно да го дигитализираат синџирот на снабдување за работниот процес да стане транспарентен и приспособен за автоматизација со која управува АИ.

Приреди: Тимот на InStore

Сега е време компаниите што работат во секторот трговија со стока за широка потрошувачка целосно да го дигитализираат синџирот на снабдување, од суровина, готов производ до логистика. На тој начин работниот процес станува транспарентен и приспособен за автоматизација, особено за онаа со која управува АИ (Artificial Intelligence – вештачка интелигенција), со која се подигнува ефикасноста на сосема ново ниво. Тоа се овозможува така што интелигентните состави преземаат повеќе од познатите, точно утврдени аспекти во синџирот на вредности, а носителите на одлуките можат да се фокусираат на пронаоѓање нови можности за креирање нови производи, искуства и вредности што сè уште не постојат.

Со оглед на тоа што производите во FMCG-индустријата се меѓусебно слични, еден од најголемите предизвици во одржувањето на профитабилноста е ценовно конкурентниот пазар. Трговците постојано сакаат да го оптимизираат работењето, а тука се и клучните анализи на Big Data и други дигитални технологии кои им овозможуваат увид во можностите за намалување на трошоците, подобрување на продуктивноста и подигнување на нивото на услугата. Токму затоа, технологијата АИ, особено машинското учење и прогнозерска аналитика, ја носи FMCG-индустријата на ново ниво преку усовршување на разбирањето на потрошувачот и работењето и креирање на патот кон врвните искуства.

FMCG-секторот знае дека податоците се најважни за разбирање на потрошувачките потреби и однесувања, затоа 57% од испитаниците користат или имаат намера да користат вештачка интелигенција во следните месеци и години.

Како одговара индустријата на можностите што ги носи вештачката интелигенција? Како дел од студијата „Ширење на човечките потенцијали: Според целната вештачка интелигенција, „Инфосис“ спроведе истражување за да ги разгледа ставовите на генералните менаџери во големите компании за технологијата АИ и како гледаат на идната примена и развој на технологијата во нивните индустрии. Во истражувањето се опфатени: FMCG, малопродажба, комунална услуга, финансии, здравство, фармација и биомедицина, производство, телекомуникација, автомобилска и авионска индустрија и јавниот сектор. Во овој текст ви претставуваме резултатите од FMCG-индустријата.

Различно доживување

Истражувањето откри дека технологијата АИ најмногу ја разбранувала FMCG-индустријата, иако се чини дека испитаниците од индустријата се воздржуваат при нејзиното прифаќање, бидејќи објавиле скромни вложувања од 3,9 милиони долари. Тоа е мала бројка, и токму затоа FMCG е рангиран како шести од анализираните индустрии. Од испитаните компании само 14% целосно вовеле АИ во своето работење.

Од испитаните 39% изјавиле дека АИ ќе создаде компаративна предност, а 34% сметаат дека оваа технологија може да ги зголеми приходите за 20 до 30% до 2020 година. Околу 56% почнале да ја употребуваат технологијата АИ во своето работење во последните шест месеци, а 41% сметаат дека нивното работење има блага предност пред конкуренцијата.

На прашањето: Независно на кој сектор припаѓате, на кое од наведените подрачја АИ најмногу ќе влијае, 74% одговориле дека тоа е B2C (Business to consumer), 62% оговориле B2B (Business to business), а 35% C2C (Consumer to consumer - eBay, Craigslist).

АИ за подобри потрошувачи

Брендовите од FMCG-секторот размислуваат за автоматизација на потрошувачките услуги за максимално да ја зголемат продуктивноста на вработените, но и за начините за персонализирање на потрошувачкото искуство. За 45% од испитаниците подобрувањето на потрошувачкото искуство е стратешки приоритет во следните три години.

Технологијата АИ, како машинското учење и прогнозирачка аналитика кои се хранат со големи количества различни податоци, создава силни обрасци за употреба во подобрувањето на искуствата и ангажманот на потрошувачите. Брендовите како Nestlé, L`Oréal и маркетите „Хол фуд“ користат алгоритми за машинско учење во персонализирање на маркетиншката содржина за индивидуални потрошувачи врз основа на навиките и барањата во различни канали, од мејлови преку мобилните телефони до плаќање платежни дисплеи. На пример, на прашањето „Што има за ручек?“, врз основа на технологијата АИ, „Крафт“ лансира апликација која нуди рецепти, ги листа состојките, па дури нуди и за нив дисконтни цени преку купони на мобилните телефони на потрошувачите. Потоа, апликацијата АИ ги советува потрошувачите каде да ги купат состојките и што можат да направат со остатоците од храна од претходно користените рецепти. Дури, може да погоди колкаво е семејството на потрошувачот, врз база на претходно подготвените рецепти.

„Крафт“ лансира апликација врз основа на технологијата АИ, која на прашањето „Што има за ручек?“ нуди рецепти, ги листа состојките, па дури нуди и за нив дисконтни цени преку купони што потрошувачите ги добиваат на мобилните телефони. Потоа, апликацијата АИ ги советува потрошувачите каде да ги купат состојките и што можат да направат со остатоците од храна.

Со АИ ефикасност за сите и секаде

Честопати е мала разликата меѓу конкурентните кога станува збор за потрошувачките производи, така што цената станува главен дистинктивен клуч. Работејќи со многу тенки маржи, FMCG компании секогаш бараат начин од помалку да направат повеќе - во управувањето со инвентарот, со огласувањето, сегментација на потрошувачи итн.

Некои компании веќе користат технологија АИ за управување со инвентарот и со резервите. Бидејќи временските услови влијаат врз однесувањето на потрошувачот, „Волмарт“ ја користи АИ-технологијата за да ја контролира состојбата на резервите. Увидувајќи дека потрошувачите повеќе јадат месни нарезоци кога е топло, ветровито или облачно, а повеќе хамбургери кога е топло и суво, компанијата ги темпира промотивните акции, на пример, за плескавиците, врз основа на времето, за да ја зголеми продажбата.

Етиката и АИ

Иако етиката при премената на АИ не може толку да ги разбранува емоциите во FMCG-секторот, колку што може, да речеме во здравството и биомедицината, таа сепак е многу важна. Од испитаниците во оваа индустрија 41% сметаат дека етичките прашања спречуваат технологијата АИ да биде ефикасна колку што може да биде, а 30% сметаат дека е препрека за примена на АИ. Загрижува фактот што само 45% од компаниите ги разгледуваат етичките последици од технологијата АИ, и тоа само делумно.

Секако, важна етичка последица од нејзината примена е грижата на вработените. Од испитаниците во овој сектор, 48% изјавиле дека нивните вработени се загрижени за сигурноста на своите работни места. Вработените може да ги смири податокот дека 61% од компаниите изјавиле дека работниците на чии работни места влијаела АИ ќе ги преквалификуваат во нови улоги во ново подрачје.

Тоа упатува на заклучокот дека со примената на вештачката интелигенција FMCG-компаниите веројатно ќе ги ревидираат структурата и надлежноста на својата работна сила. Она што влева надеж е дека технологијата АИ овозможува работникот да се ослободи од повторувачките физички работи, за да се распредели на задачи со кои ќе иновира или ќе решава проблеми. Доколку компанијата ја воведе вештачката интелигенција со одредена цел, тогаш ќе може да ја искористи технологијата за развивање на човечкиот потенцијал, а не само на замена на човекот во напорното работење.

За FMCG-компаниите во дигиталната економија, персонализираното искуство и ангажманот на потрошувачот се императив за успех. Брзите и оптимизирани операции, како и аналитичкиот увид, вградени во секоја точка на одлучување, еднакво се важни за крајот на процесот. Сето тоа е можно да се оствари со опсежна употреба на дигиталната технологија, вклучувајќи и АИ.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...