Актуелно

Митко Андонов: Потребни ни се херои!

22 Jun 2016

Гостин-воведничар: Митко Андонов, директор за извоз во „Колид С тим“

Приватната трговска марка е во сопственост на продавачот, а не на производителот. Следствено на тоа, сите нејзини добри и лоши ефекти – ги сноси продавачот.

Разликата е во тоа што, кога станува збор за бренд, покрај основните начела, како што се квалитетот и сите стандарди и сертификати, во производот се инвестира и дополнителна енергија за промоција, дегустација, развој, асортиман и за други маркетинг-активности. Кај приватната трговска марка, фокусот е на неколку брзообртни, основни артикли, кај кои може да се постигнат поголеми количества, без дополнителни обврски (влистување, промоција, поврат и сл).

Дали се движиме во насока на пораст на сегментот приватни трговски марки? – Не! Тука сме да им излеземе во пресрет на нашите партнери, за што се добиваат одредени привилегии за сопствениот бренд. Но, целта не е да се произведуваат количества по која било цена.

Македонија не може да биде конкурентна во светот со количества. Во поразвиените земји, автоматизацијата и механизацијата овозможуваат да се произведуваат огромни количества.

Шансата на Македонија е во производството на квалитетни производи, по теркот „домашно“ (homemade).

Природата ни дава поволни услови за развој на прехранбените производи. При секоја посета (аудит), првиот плус го добиваме поради локацијата, околината, воздухот и слично. Македонските производи тешко се пробиваат во светот затоа што придавката „македонски“ сè уште буди повеќе негативни, отколку позитивни реакции.

На пример, во Словенија најпрвин се распродаваат нивните домашни домати, а потоа македонските, иако цената на словенечките домати е двапати повисока, а квалитетот послаб. Пример е и македонското вино, кое има голема побарувачка за извоз доколку е полнето во други земји, а кога е амбалажирано и брендирано во Македонија, малку потешко оди и потешко се прифаќа.

За тоа да го промениме, мора да работиме на долги патеки, без измами, упорно и континуирано.

Да престанеме да бидеме земја каде што по неколку испораки се губи довербата, се намалува квалитетот, се зголемуваат цените, се користат заменски суровини и слично. За успех, потребно е време!

Нашата фабрика за производство на колачи е најголема и најсовремена во регионот за овој тип производи. Брендот Sunday го развиваме десетина години и во време кога условите на пазарот се менуваа, успеавме да ги задржиме квалитетот и цените, за да не ја изгубиме довербата. Производите Sunday се присутни на дваесетина пазари во светот – најмногу на Балканот, но сè повеќе ги освојуваме и европските земји. Соработката со „Лидл“ ни отвори многу врати и го докажа нашиот квалитет и конкурентност.

За да го забрза ова „брендирање“, на Македонија ѝ се потребни херои и лидери. Потребни се производи кои со одлична стратегија и со континуиран квалитет ќе ги освојуваат светските пазари. Секако, успехот и позитивните примери, да се споделуваат, бидејќи на тој начин ќе нè охрабрат и ќе нè мотивираат сите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...