ИНСТИТУЦИОНАЛЕН СТАВ:
Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ)
Во октомври 2013 година Владата му предложи на Собранието да донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната („Службен весник на РМ“, бр. 187/13“) со кој се воведе забрана за производство, ставање во промет и увоз во Македонија на храна и производи од храна што содржат ГМО или се составени од ГМО. Оваа забрана важи и денес. Во ЕУ, ГМО-храната и ГМО-храната за исхрана на животни се регулирани со следите регулативи: Регулативата бр. 1829/2003 од 2003 година за генетички модифицирана храна и храна за животни и Регулативата бр. 1830/2003/ЕЗ од 2003 година за следeње и означување на генетички модифицирани организми и следење на храната и добиточната храна произведени од генетички модифицирани организми.
Генерално во овие регулативи се одредени начинот на одобрување, производство, пуштање во производство, одредување на прагот на прифатливост од 0,9 проценти, како и начинот на обележување на храната што содржи ГМО. Во предлог-правилникот што АХВ го достави до Владата се пропишува само начинот на вршењето на официјалната контрола на забраната за производство, ставање во промет и увоз во државава на храна и производи од храна што содржат генетички модифицирани организми, или се составени од генетички модифицирани организми.
Кај нас ГМО-храната е своевидна табу-тема затоа што информациите за неа погрешно се пренесуваат во јавноста. Нема доволно едукативни прилози во медиумите со кои јавноста би се запознала што е тоа ГМО, зошто се создава таков организам, какви испитувања се прават пред да се одобри и да може да се произведува и пушти во промет еден ГМО. Секако, од исклучителна важност е почитувањето на правото на потрошувачите на избор на тоа каква храна ќе јадат, водејќи се од основниот принцип и законската обврска на Агенцијата - храната да биде безбедна. Како одговорна институција за безбедноста на храната, но и за заштита на правата на потрошувачите, децидни сме дека употребата на ГМО-храната мора да биде регулирана. Затоа производството, увозот и трговијата со ГМО-храна не смее да останат во таканаречената сива зона и да не се контролираат, а граѓаните треба да имаат право сами да одлучат дали ќе консумираат ваква храна. Дали ќе се легализира ГМО-храната, зависи од тоа дали Собранието ќе донесе законски измени и практично да го врати членот од законот кој во 2013 година преку ноќ беше ставен во „мирување“, до влезот на РМ во Европската Унија. Не разбирам што е тоа што во тој момент драстично ќе се смени, па тогаш ќе може да се произведува, пушта во промет и увезува ГМО-храна, а сега не може? Согласно тој член, кој е во мирување, бевме законски усогласени со ЕУ-регулативите. Контролите за ГМО-храната (како и пред 2013 година кога беше воведен мораториумот) ќе ги прават инспекциските служби на АХВ. Контролите за семенскиот материјал, како и во минатото, ќе ги врши Државниот инспекторат за земјоделство. Како одговорна институција, засега само детектираме евентуално присуство на ГМО-храна на пазарот според годишните мониторинг-програми. Ако се усвојат нови прописи и се утврди прагот на толеранција, ќе утврдуваме и квантификација на присуството на ГМО.
Немам проблем како потрошувач да купам ГМО-храна, со оглед на фактот дека досега од ГМО што се регистрирани во светски рамки не е забележан ниту еден штетен случај за здравјето на луѓето. Прашувам, дали македонските државјани кога патуваат во странство не консумираат ГМО-храна бидејќи, на пример, согласно прописите на другите ЕУ-земји, толеранцијата е до 0,9 %, а операторите не се должни да ја обележат храната дека содржи ГМО. Соја редовно консумирам во сите религиски пости, иако над 80 проценти од неа во светски рамки се ГМО.
РАМКА: Немам проблем како потрошувач да купам ГМО-храна, со оглед на фактот дека досега од ГМО што се регистрирани во светски рамки не е евидентиран ниту еден штетен случај за здравјето на луѓето.
ЕКСПЕРТСКИ СТАВ
Проф. д-р Верица Илиева, Универзитет „Гоце Делчев“-Штип, Земјоделски факултет – Катедра за растително производство
Поднаслов: Евентуална таква одлука треба да се одложи, барем додека не се воспостави ефикасен систем за контрола.
Законската регулатива што се однесува на ГМО во Македонија пропишува забрана за увоз, производство и промет на ГМО и производи што содржат ГМО. Производителите чие производство е засновано на конвенционални методи и технологии се противници на генетички модифицирана храна и нормално поддржуваат таква регулатива. Од друга страна, за производителите чии производи може да се поврзат на некаков начин со ГМО, таа не одговара и бараат нејзина промена. Потрошувачите се оправдано загрижени и имаат право да знаат што јадат. Од стручен аспект, потребна е законска регулатива за ефикасна контрола како на храната за луѓето така и на храната за животни и декларирање на сите производи со нивниот вистински состав.
Прашањето за ГМО и нивната употреба во исхраната на луѓето и животните е една од најактуелните глобални теми околу која научната јавност е поделена. Како најчеста потенцијална штетност од таквата храна се споменува ризикот од алергија, токсичност, отпорност кон антибиотици. Достапните резултати од истражувањата поврзани со трансгенските растенија покажуваат дека досега нема аргументирани примери за штетност од трансгенските растенија врз здравјето на човекот и на животните. Меѓутоа, не може целосно да се оспори ниту аргументот дека поради релативно краткото време на масовна употреба на ГМО во земјоделското производство и прехранбената индустрија, набљудувањето на подолгорочните ефекти од трансгенските растенија од временски аспект не е доволно. Сметам дека евентуална таква одлука треба да се одложи, барем додека не се воспостави ефикасен систем за контрола. За адекватно означување на производите најпрво треба да се обезбедат соодветни услови за ефикасна контрола и работа на сите надлежни институции. Последниот пример со информациите за присуство на генетички модифициран ориз на пазарот, за кој резултатите од суперанализата направена во акредитирана странска лабораторија покажаа дека не е генетички модифициран, јасно укажува на тоа. Стравот и паниката кај граѓаните треба да се сфатат сериозно. Контроверзните научни факти внесуваат уште поголема забуна. Крајните консументи мора да го знаат вистинскиот состав на храната што им се нуди. Во таа насока треба да се прецизира строга ограничувачка законска регулатива, која и практично објективно ќе се почитува.
РАМКА: Евентуална таква одлука треба да се одложи, барем додека не се воспостави ефикасен систем за контрола.
СТАВ ОД СЕКТОРОТ
Перица Спировски, менаџер за продажба, „Чеза комерц“
„Чеза комерц“ за своето производство увезува строго одбрани суровини со врвен квалитет, од производители кои за својот производ имаат анализи од акредитирани лаборатории. Секогаш се стремиме на своите потрошувачи да им пласираме безбедна храна, па затоа и нашите брендови се барани и на домашниот пазар и во регионот. Присутни сме на повеќе континенти и следиме различни регулативи во различни земји. Но нашите производи се без ГМО и тоа ни дава предност во однос на другите.
Сепак, правилата и регулативите во Македонија постојат за задржување на квалитетот на храната, за што крајна цел е здравјето на граѓаните. Што се однесува до сомнежите што се појавија околу оризот, продажбата не oпадна. Напротив, нашиот ориз КИБЕЛА бележи пораст на продажбата.
За нашата компанија апсолутно е неприфатливо да користи суровини со генетички модифицирани организми. Кај купувачите важиме за најквалитетни производители и затоа не би сакале да ја изгубиме нивната доверба.
РАМКА: За нашата компанија апсолутно е неприфатливо да користи суровини со генетички модифицирани организми.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.