Актуелно

InStore: Полни со ентузијазам

15 Dec 2014

Воведничар: Тимот на InStore

Уште од основањето на InStore пред три години, мисијата што си ја зацртавме пред нас беше нашиот единствен регионален B2B магазин за трговија да го направиме ваше омилено бизнис-четиво. Како што минуваше времето, од вас сè почесто добивавме потврди дека сме ја постигнале нашата цел. Тоа постојано нè мотивираше да го унапредуваме нашето работење и да размислуваме на иновации и нови проекти.

Со гордост можеме да кажеме дека оваа година за нас беше година на многу нови проекти и предизвици. Нашиот тим од 36 врвни професионалци во редакциите во пет земји постојано го „опипуваше“ пулсот на пазарот, ги детектираше неговите потреби и експресно работеше на понудување соодветни решенија. Така, годинава во Белград организиравме две големи конференции, едната за маркетинг, а другата за FMCG; редакцијата во Сараево организираше неколку интерактивни тематски конференции Talk IN Business, а екипата во Загреб прва се впушти во новиот регионален проект – B2B магазинот за угостителство InBar.

Тимот на InStore во Македонија активно учествуваше во реализацијата на овие проекти, чекајќи го вистинското време за и нашата држава да стане „место на случувањето“. И тоа се случи токму овој месец кога го лансиравме македонскиот InBar. InBar е наменет за келнерите, бармените, менаџерите на угостителските објекти и нивните сопственици, како и за производителите и дистрибутерите на пијалаци и храна за угостителските објекти. Со акцент на информативните и едукативните текстови, се надеваме дека и InBar го очекува одличниот прием што го има InStore и дека за кратко време ќе стане најбаран информатор во хорека-секторот во Македонија.

Нашиот новитет што доаѓа на крајот на годината претставува само „залет“ за проектите што ги имаме зацртано за следната. Ви посакуваме и вие успешно да ја заокружите оваа година за да можеме следната, 2015-та, со гради полни ентузијазам заеднички да грабаме напред кон нови предизвици и нови успеси.

Со почит,

Тимот на InStore



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...