Актуелно

Муарем Муртезани: Пулсот на новото време

10 Nov 2014

Гостин-воведничар: Муарем Муртезани, директор и сопственик на компанијата „Алма-М“

Времето во кое живееме и работиме е навистина предизвикувачко... Кризата во регионот и пошироко, неликвидноста на компаниите, проблемот со наплата на побарувањата, нелојалната конкуренција, паралелниот увоз... се актуелните проблеми со кои секојдневно се соочуваме. Но, на проблемите треба да гледаме како на предизвици а не како на проблеми. Мора да бидеме флексибилни и снаодливи во денешницата, да се приспособиме кон новите ситуации и прилики и да ги пронајдеме решенијата, да ги откриеме вистинските одговори.

Паралелната трговија никаде не носи ништо добро, па ни во нашата држава. Паралелниот увоз отсекогаш постоел и ќе постои. Со стабилизација на понудата и побарувачката, воведувањето и контролата на фискализацијата, со зголемувањето на свеста кај клиентите, кои не сакаат да работат на црно, свесни за лошиот ефект на државата од шверцот на стоки, ситуацијата се подобрува. Колку што ми е познато, фискализацијата во нашата држава е на повисоко ниво во однос на Косово и претпоставувам дека во една таква клима можностите за шверц на стоки се сведени на минимум. Трендот кај нас вели дека и оние мали исклучоци коишто се случуваат наскоро ќе исчезнат.

Единствениот начин за заштита од паралелниот увоз за нас трговците е да нудиме услуга на највисоко ниво, квалитетна стока, правична цена и на тој начин да не овозможиме простор за корекција. Тоа е она што ние во „Алма-М“ го правиме постојано.

 „Алма-М“ е компанија чијашто главна дејност се увоз и дистрибуција на светски брендови за широка потрошувачка. Нашата приказна почна во далечната 1991 година и по 23 години, успеваме и понатаму да ја дополнуваме со нови успешни страници. Тајната е во чувствувањето на пулсот на времето и економската состојба во која функционираме и навреме успеваме да се приспособиме кон новите состојби и да најдеме решенија за новите предизвици што ги носи времето.

За да ги минимизираме трошокот и цената на еден производ – ја оптимизираме логистиката. Бидејќи за еден производ да биде успешен и добро да се продава, потребни се три столба: цена, маркетинг и дистрибуција.

Она што треба да го правиме сите ние од трговскиот сектор е да ги следиме светските трендови – да се вклопиме во новиот начин на менаџирање и да ја поттикнуваме креативноста за подобра услуга и комуникација кон купувачите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...