Воведничар: Тимот на InStore
Неодамна агенцијата „СВОТ Рисрч“ на македонскиот пазар направи истражување на услугата на малопродажните објекти преку тајни купувачи. Како што ќе можете да прочитате од 54 до 56 страница, параметрите што се мереа во истражувањето се: поздравување при доаѓање и заминување на купувачот, утврдување на неговите желби и потреби, објаснување и познавање на производите, нудење дополнителни производи и заблагодарување на посетата. Резултатите од истражувањето покажуваат дека Македонија, за жал, е речиси на дното во регионот.
Помислете колку ние како народ се гордееме со нашата љубезност, гостопримливост и пријателска расположеност и како сметаме дека тоа е она што нè издвојува, на пример, од нашите соседи. Каде отидоа тие наши карактеристики кога станува збор за трговијата? Како не знаеме да ги искористиме за да продадеме? Се чини толку едноставно и човечки да се поздрави на доаѓање и заминување, да се каже едно: Здраво, Добар ден, Благодарам, Пријатно, а токму тука сме потфрлиле.
Без разлика дали проблемот за ваквите резултати лежи во залутувањето на погрешни луѓе во секторот на трговијата, во немањето јасна политика на трговските објекти за услугата или едноставно во немотивираноста на вработените, тој треба да се лоцира и што е можно побрзо да се отстрани, затоа што добрата услуга е таа што ги победува сите други продажни аргументи.
Ако тргнеме од себе, веројатно ќе дојдеме до заеднички заклучок дека сите сме подготвени дури и да платиме повеќе само ако сме добро третирани и уживаме додека купуваме. И во многу други сегменти од животот го правиме тоа: сакаме да поминуваме повеќе време со луѓе што се позитивни и насмеани, одиме во кафулиња каде што шанкерите и келнерите се пријатни, преферираме да соработуваме со фини и љубезни луѓе... Затоа што знаеме дека миговите поминати со такви луѓе ни пренесуваат позитивна енергија што ни помага да се справиме со сè што ни пречи во текот на денот. Затоа што знаеме дека таа насмевка, тоа поздравување, тоа навидум толку малку за нас значи навистина многу. Исто и во трговијата, поздравувањето и заблагодарувањето не чинат апсолутно ништо, а го носат најдоброто нешто што може да ѝ се случи на една компанија – задоволни и лојални купувачи. А токму кон тоа сите ние се стремиме, нели?
Тимот на InStore
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.