Актуелно

Радмила Павловска: Трговската етика и понатаму останува клучна

22 Apr 2014

Гостин-воведничар: М-р Радмила Павловска, маркетинг и ПР-менаџер на „Гемак Траде“ и сопственик и уредник на магазинот „Бар Код“

Анализата на потрошувачите покажува дека тие со текот на времето стануваат сè попребирливи и почувствителни на цените на производите. Производителите, доставувачите и продавачите внимателно ги следат овие променети потрошувачки навики и развиваат нови начини и алатки за приближување до нив. Покрај оние традиционални алатки од сферата на маркетингот и мерчендајзингот, сè повеќе се посветува внимание на иновативноста, односите со јавноста, експерименталниот маркетинг, социјалната одговорност на компаниите и слично. Борбата станува сè поостра, а победник ќе стане оној што ќе биде различен од останатите и ќе измисли нешто ќе му даде конкурентска предност во однос на другите што размислувале во рамките на шаблоните и стереотипите.

Процентот на сиромаштија во Македонија е 30,9%, а невработеноста 31,2%. Притоа, џини-коефициентот што ја покажува нееднаквата распределба на доходот во една земја, односно јазот меѓу сиромашните и богатите, е 0,432. Ако на тоа се додаде и падот на прометот кај трајните производи за широка потрошувачка од ноември 2013 во однос на 2012 година за 20,2% и кај нетрајни производи за широка потрошувачка за 4%, прашањето како да се опстане на македонскиот пазар станува прашање од милион долари.

За да може да се зборува за факторите што влијаат на однесувањето на потрошувачите, треба да се тргне од процесот на купување и од нивниот животен стил. Без оглед на пазарот во кој се наоѓаме, постои една категорија што влегува во описот на животниот стил на потрошувачите, дел од вградените емотивни начела на секој човек, а тоа е стравот да не бидеш излажан, насамарен или потценет. Прекршеното ветување или лагата секогаш водат кон намалување на довербата што е екстремно тешко повторно да се стекне. Се работи за етика – код на морални принципи и вредности.

Ако етиката, моралот и одговорноста при создавање профит условно ги наречеме трговска етика, би рекла дека голем дел од македонските компании, особено оние помалите што сметаат дека краткорочниот успех е поважен од долгорочната стабилна позиција на пазарот, се на голема мака да го положат овој тест. Во напор да го задржат профитот што опаѓа, тие често знаат да настапат со ирационални и нереални барања како услов за соработка, а кон потрошувачите често им се случува да настапат со понуди зад кои, ако се анализира подетално, всушност не се крие никаква додадена вредност.

Овие простори отсекогаш функционирале врз база на блиски и емотивни човечки контакти и заемно почитување. Менталитетот во приватните релации логично е да биде пренесен и на деловните комуникации и деловната, односно трговската култура. Ова е особено важно затоа што во услови на мала популација нештата побрзо се дознаваат преку секојдневен разговор отколку преку медиумите. Поради ова, несомнена е потребата сите компании што сакаат да бидат успешни и да изградат долгорочни позиции на пазарот да внимаваат на својата етика и на малите детали во односот со своите соработници.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...