Актуелно

Филип Ивановски: Иновативност, маркетинг и општествена одговорност

10 Mar 2014

Гостин-воведничар: Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“

Малопродажниот сектор во Македонија станува сè поконкурентен во сите сфери, a особено во делот на синџирите супермаркети. Наспроти светските трендови каде што големите синџири на супермаркети учествуваат со над 70% во вкупниот малопродажен пазар на храна, пијалаци и средства за домаќинство, во Македонија сè уште вкупниот удел на големите малопродажни синџири е под 50% во вкупната малопродажбата. Во 2010 пријавените приходи на 6-те најголеми синџири на супермаркети изнесуваа 254 милиони евра, во 2011 имаше пораст од над 10% на 281 милиони евра, за веќе во 2012 вкупните приходи на овие компании да достигнат околу 297 милиони евра или 5,8% повеќе во однос на 2011 година. За очекување е вкупните приходи на овие трговски синџири во 2013 да остварат пораст од 4 до 5% во однос на 2012 година, а за 2014 реално е да се очекува да достигнат 320 милиони евра односно околу 3% повеќе во однос на 2013, што е блиску до проекциите за пораст на вкупната економија оваа година.

Следниве години реално е да се очекува опстојување само на оние трговски синџири што знаат кои се нивните целни купувачи, што имаат партнерски односи со своите доставувачи, адекватна понуда на производи, цени, услуги, објекти и маркетинг и промотивни активности. Но, не смее да се заборави дека освен „паметниот“ маркетинг пристап, важен предуслов за придобивање на довербата на купувачите е имиџот што трговските синџири го градат како општествено одговорни компании, што ги прави позитивно различни од конкурентите.

Почитувањето на законите е почеток на таа општествена одговорност. Не случајно имплементацијата на најголем дел од еколошките закони (за отпад од пакување, батерии, електрични апарати) е тесно поврзана со работата на трговските синџири и малопродажбата воопшто, како место каде се вкрстуваат производителите/увозниците и купувачите. Имено, малопродажбата има законска обврска да продава производи исклучиво од доставувачи што го имаат законски уредено финансирањето на системи за собирање на отпадот од своите производи по нивната консумација или искористување. Со тоа, трговските синџири на своите купувачи им овозможуваат избор на производи од компании што се грижат за нашата животна средина, а истовремено придонесуваат за заживување на овие закони исклучително важни за целото општество и за здравата иднина на новите поколенија. За тоа нема потреба од примена на глоби или барање оправдувања. Потребна е само волја и развиено чувство за одговорност кон природата и општеството во кое живееме. Тоа е она што ќе ги одвои успешните од просечните компании во кој било сектор.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...