Актуелно

Предраг Петровиќ: Приватните трговски марки како најголем адут

11 Nov 2013

Гостин-воведничар: Предраг Петровиќ, директор за набавка и маркетинг во dm за Србија и Македонија

Сите ние во FMCG-секторот секојдневно се соочуваме со нови предизвици на пазарот, меѓу кои најголемиот е како повеќе да им се доближиме на нашите купувачи. Во оваа пригода би сакал да го свртам вниманието кон групата производи наречени приватни трговски марки, што знаат да бидат вистинска одлика на еден трговски синџир.

Приватните трговски марки (PL) најчесто се позиционирани како евтина алтернатива на регионалните, националните или интернационалните брендови, иако во последно време е забележан и трендот одредени сегменти од PL да се позиционираат како „премиум“ брендови и со тоа да станат рамноправна конкуренција на водечките етаблирани „премиум“ брендови на пазарот.

На глобално ниво, Европа, а особено земјите од ЕУ предничат во учеството на PL на пазарот, додека во некои земји (на пример, Швајцарија, Шпанија, Велика Британија) количинското учество достигнува и над 45% од целокупниот пазар. Јадранскиот регион покажува нееднаков степен на развиеност по ова прашања (од 2% на босанско-херцеговскиот пазар до 19% во Хрватска), но забележливо е дека секоја година донесува позитивно поместување во регионот.

Македонскиот пазар по официјалните испитувања покажува дека кај околу 75% од купувачите постои свесност за поимот приватна трговска марка, дека 50% од купувачите повремено ги купуваат овие производи, но дека сè уште е занемарлив бројот на купувачи што редовно ги купуваат производите на приватните трговски марки. Ова е послдица на сè уште недоволната асортиманска и квалитативна развиеност на приватната трговска марка, особено во непрехранбениот сектор.

„ДМ Дрогерие Маркт“ пред повеќе од 20 години во асортиманот ги воведе своите први трговски марки. Иако dm е присутен на македонскиот пазар малку повеќе од една година, локалните истражувања покажаа дека над 70% од купувачите ги познаваат марките на dm, а дека 55% од купувачите на приватните марки на dm ги купуваат првенствено поради квалитетот. Одличниот однос на цената и квалитетот се потврдуваат и од страна на германските независни институти за тестирање, како што се „Око-Тест“ и „Штифтунг Варентест“: истите приватни марки секогаш одново остваруваат многу добри и добри резултати, што е означено и директно на производите.

За приватната трговска марка да биде постојано атрактивна, мора да ги задоволи сè поголемите барања на модерните купувачи. Во таа смисла, потребно е асортиманот на приватната трговска марка да биде многу динамичен, со голем број сезонски и промотивни артикли, а сè со цел од една страна на нашите купувачи константно да им се нуди нешто ново, интересно и поинакво, а од друга страна на тој начин да се дознае што им се допаѓа на купувачите. Освен тоа, тимот што работи на развој на приватните трговски марки треба постојано да ги следи новите иновации и тенденции и да се труди во пократок рок да ги понуди и во рамките на приватните трговски марки. На тој начин, приватната трговска марка престанува да биде пасивен дел од една асортиманска понуда и почнува рамо до рамо да се бори со останатите брендови и со соодветна маркетиншка презентација да создава лојални потрошувачи.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...