Воведничар: Тимот на InStore
Како вчера да беше кога го завршивме ребрендирањето на првиот домашен трејд-магазин „Таргет“ во InStore и станавме дел од едно големо балканско семејство.
Но, помина една година. За нас макотрпна, за вас, претпоставуваме, година на задоволство, година на интриги, година на нови знаења, година на искуства, а сето тоа добиено од нашите 82 страници секој месец. За нашите почетоци можеме да им се заблагодариме на неколку меѓународни истражувачки куќи како „Нилсен“, ГфК, ИГД, „Ипсос“, „Еуромонитор“, бројни регионални истражувачки агенции и секако домашни компании што безрезервно ни пружаа поддршка во обезбедувањето уникатни и квалитетни содржини.
Изминатава година можеме да се пофалиме со над 20 ексклузивни анализи и истражувања за низа категории на производи од FMCG-индустријата. Објавивме и над 20 домашни и регионални интервјуа. Интервјуа на месецот од домашниот пазар добија личности како Дино Крстуловиќ, тогашен директор на „Крашкомерц“, Кристијан Шарита, тогашен извршен директор на КМБ Бугарија, Муарем Муртезани, директор и сопственик на „Алма-М“, Арјен Рајнирсе, комерцијален директор на „Пивара Скопје“, Кристина Тодоровиќ-Николиќ, генерален извршен директор на „Тинекс“, Беким Беќири, менаџер за бизнис-развој на „Марс“ во Македонија, Косово и Албанија, Димитар Тодороски, бренд менаџер во „Прилепска Пиварница“, Јован Пејчиноски, сопственик и управител на „Монтенегро“, Љупчо Павловски, генерален директор на „Бадел 1862“ и Златко Најдовски, генерален директор на „Млекара Битола“.
Објавивме и над 10 регионални интервјуа, или интервјуа од регионот меѓу кои интервјуа со Филип Дикинсон, генерален директор на „Крафт“ за пазарите од источнојадранскиот регион, Даница Зорин Мијошеќ, директорка и сопственичка на „Козметика Афродита“, Жарко Берлот, директор на „Болтон Адриатик“, Милош Јелиќ, генерален менаџер на „Нелт“, Урша Фечур, директор на „Шторк Адриа“, Петер Коиш, генерален директор на „Баерсдорф“ – Србија, Д-р Роман Гласер, претседател на управата и генерален директор на „Перутнина Птуј“, Жан-Жак Ванденхид, светски консултант во „Нилсен Компани“, Лорен Сориел, генерален директор на дивизијата стока за широка потрошувачка во „Лореал“ – Адриа и Тамара Туџек, член на Управата и директорка на „Нева“.
Со вас споделивме над 1.500 вести од Македонија, регионот и светот. Остваривме соработка со над 100 македонски компании кои директно или индиректно придонесуваат во FMCG-индустријата и понудивме широк спектар на едукативни содржини од суштинско значење за компаниите и вработените во бизнис-секторот. Можеме гордо да кажеме дека сме задоволни од нашиот пораст и развој и дека ќе продолжиме со уште поинтензивно темпо да се развиваме. Затоа, неминовно е да ја имаме вашата соработка и поддршка, како досега така и во иднина, за да продолжиме да го градиме InStore како уникатен бренд на нашиот пазар.
Со почит, Тимот на InStore
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.