Актуелно

InStore: Со нови сили

16 Sep 2013

Воведничар: Тимот на InStore

Летово, како-така, помина. Сега е време да се соберат сили, сите да се разбудиме од длабокиот „зимско-летен“ сон и да преземеме акција. Само така можеме да постигнеме резултати, и тоа не какви било резултати, туку позитивни резултати! Предизвиците никогаш не нè напуштија. Додека Европа тоне во сè подлабока должничка криза, ние летово одлучивме малку да се одмориме, наместо воопшто и да не помислиме на тоа. Така велат и експертите – во време на криза треба да бидеме проактивни. Затоа, сметаме дека септември треба да биде месецот кога ќе направиме нешто поинакво од она што го правевме летово. Да, сега сите сме одморени, со потемен тен, порасположени и поподготвени да го „зграпчиме денот“. Само со напорна и посветена работа можеме последниот квартал од годината да го направиме „добар“ квартал, квартал што на сите ќе ни донесе насмевки на новогодишната ноќ, кога наместо со шампањ да наздравуваме само за здравје, среќа, љубов и успех, да наздравуваме за да ги прославиме сите овие работи што сме ги постигнале изминатата година, со надеж дека ќе продолжат и во годините што следуваат.

FMCG-индустријата е брзодинамична индустрија и токму поради тоа не дозволува спиење. Ако не умееме сами да преземеме акции во тек со глобалните трендови, тогаш доволно е само да ѕирнеме кај „соседот“ и да ни се избистрат сите работи. Зашто, додека ние „спиеме“ (секоја чест на исклучоците), соседите работат, и тоа работат со полна пареа. Се отвораат нови маркети секојдневно, се објавуваат позитивни финансиски резултати, стартуваат нови кампањи, акции, промоции... И сето тоа со темпо со брзина на светлината. Не дека и кај нас не се случуваат исти или слични активности, но темпото е различно. Мирче Јовановски во еден од неговите „Перископи“ вели: Кога економиите на земјите од Балканот би почнале уште сега да остваруваат стапки на пораст од околу пет до шест отсто, би им биле потребни околу 40 години да се приближат до европскиот просек. Е, па, тогаш, ајде да им пркосиме на фактите и сите барем по малку да придонесеме за поголем економски пораст. Да не дозволиме да поминат 40 години!

Со почит, Тимот на InStore



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...