Актуелно

Миле Бошков: Добро деловно опкружување за одржливи претпријатија

11 Jun 2013

Гостин-воведничар: Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија

Помеѓу сите вклучени актери во стопaнските дејности редовно се говори за подобрување на деловното опкружување. За да можеме да очекуваме подобрување на деловниот амбиент во Македонија, пожелно е и потребно е сите (владата, бизнис заедницата, синдикатите, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор) да се вклучиме во „движењето“, затоа што доброто деловно опкружување не е крајна станица или дестинација, тоа е незапирливо патување и движење.

Тука би сакал да укажам на основните точки што влијаат на деловната клима во Македонија, како: мирот и стабилноста (економска, граѓанска и политичка), претприемничката култура, поволната правна и регулаторна средина, пристапот до финансии и финансиски услуги итн.

Мирот и стабилноста имаат најголемо влијание врз претпријатијата. Важноста на мирот и стабилноста особено е нагласена и важна во постконфликтни подрачја како нашето. Претприемничката култура треба постојано да се поттикнува, а тука сите можеме да влијаеме. Особено треба да се стави акцент врз недостатокот на претприемнички ставови и вредности што се однесуваат на работата и што потешко се менуваат.

Кај поволната правна и регулаторна средина се соочуваме со проблеми поради честата промена на законите и постојаното донесување нови. Честата промена создава проблеми. Менаџерите не се во можност да направат долгорочна стратегија и/или инвестиција за среден рок (од 4 до 6 години), бидејќи законската рамка ќе се промени. Законот може да трпи промени доколку тие се иницирани од бизнис-секторот и придонесуваат за ослободување од стегите што го оневозможуваат развојот. Промените не треба да бидат иницирани од политички субјекти.

Кога говориме за пристапот до финансиски услуги, банкарскиот систем во Македонија е многу ригиден, односно не постојат можности за инвестициско банкарство. Ова е еден од главните проблеми со кои се соочуваат малите и средните претпријатија во Македонија, заедно со немањето пристап до финансиски услуги. Во однос на фондовите, недостигаат приватни инвестициски фондови што би останале во една компанијa од пет до седум години и на тој начин би придонеле со финансиски капитал и знаење.

Физичката инфраструктура е во многу лоша состојба. Тука спаѓаат и енергетската, патната, железничката инфраструктура, механизацијата итн.. Тие се недоволно развиени, а се основа за успешно работење, особено за една фирма што произведува/купува, односно увезува/извезува.

Проблемот со сивата економија многу силно и длабоко се вовлекува во македонското општество. Најпрвин, сивата економија негативно се одразува на јавните приходи и е главен поттикнувач и создавач на даночната евазија со што директно се оштетува и државата и граѓаните. Сивата економија изнесува од 35 до 40% од БДП.

Кога говориме за конкуренцијата, работодавачите сметаат дека премал дел од економијата во земјата е претставен преку малите и средните претпријатија, додека остатокот е сведен на нелојална конкуренција и сива економија. Кај здравата и стабилна макроекономска политика и доброто управување на економијата, нагласена е потребата од постоење на долгорочни стратегии што не би се менувале на подолг временски период, бидејќи кога се финансира во одредена сфера, мора да се консултира долгорочната стратегија на државата.

Затоа, мисијата на Бизнис конфедерацијата на Македонија е да помогне кон поттикнување и подобрување на бизнис опкружувањето во Македонија, но овој напор секако не е краен. Искрена желба на Бизнис конфедерацијата на Македонија е да ја поттикне успешноста и Република Македонија да стане држава во која е исплатливо да се има бизнис и да биде место каде може добро, здраво и квалитетно да се работи и да се живее.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...