Актуелно

Посетивме: InStore на PLMA 2018

28 Jun 2018
На најголемиот светски саем на приватните трговски марки PLMA во Амстердам, одржан од 29 до 30 мај, од вкупно 2.500 изложувачи од целиот свет, Јадранскиот Регион го претставија 49 компании, а од медиумите од регионот што го следат ова случување магазинот InStore беше единствен.

Автор: Горица Ѓуровиќ, gorica@instore.rs

Производители и доставувачи на стока за широка потрошувачка од повеќе од 60 земји ги изложија своите производи во центарот РАИ, Амстердам, на нето-површина од 41.500 м². Посетителите имаа можност да посетат повеќе од 2.500 компании-изложувачи на 4,450 различни промо-штандови, а годинава првпат беа присутни изложувачи од Тајланд, Бразил, Перу, Словачка и од Белорусија.

Изложбениот простор покрива 14 хали, поделени на три комплекси. Комплексот „Европа" беше посветен на прехранбените производи, во комплексот „Холандија" беа изложени непрехранбените производи, додека во комплексот „Парк" - комбинација од едните и другите производи. 

На саемот присуствуваа повеќе од 14.000 професионалци од 110 земји, меѓу кои и застапниците на трговските синџири од сите формати: хипермаркети, супермаркети, средни и мали маркети, дисконтери, аптеки и трговски центри, како и увозници и извозници, производители, консултанти, агенти за продажба, стручни лица за дизајн и пакување итн.

Од Македонија самостојни штандови имаа: „Линкер груп", „Лион", „Магрони", „СМС груп", „Виа пром", „Виталиа".

Годинава од регионот беа присутни 20 компании од Србија, 17 компании од Хрватска и 6 од Словенија.

Настанот траеше три дена. Првиот ден беше наменет за презентации-семинари, додека другите два дена беа посветен за обиколка на саемот и склучување договори.

 Организатор на саемот е Private Label Manufacturers Association (PLMA), непрофитна организација основана во 1979 година со цел промовирање на приватните трговски марки. Тоа е единствена организација од ваков тип со повеќе од 4.000 компании-членки од 72 земји во светот. Компаниите што се членови на оваа организација се во распон од мултинационални корпорации до мали семејни претпријатија. Повеќе на: www.plmainternational.com.

Првиот семинар почна со најава за наградата PLMA International Salute to Excellence за иновативни производи. Повеќе од 430 производи од 76 трговци од 26 земји беа оценувани во категориите пијалаци, производи за хигиена во домот, козметика и вино. Жирито беше составено од експерти од индустријата за FMCG, поранешни трговци, академици и новинари. Победничките производи привлекоа многу посетители, а беа изложени на посебен штанд Trade Show во рамките на Идеа супермаркет. На ова место можеше да се погледнат линиите на приватните трговски марки на повеќе од 50 трговци од 20 земји.

Едно од најголемите случувања на овој саем беше презентацијата на годинешниот keynote говорник Џастин Кинг, некогашен генерален менаџер на „Сенсеберис".

Уделот на приватните трговски марки во Европа беше во фокусот на вториот по ред предавач Том Пенинкс од „Нилсен". Тој верува дека е значајно да се разбере дека двете демографски групи, милениумци и постарите, имаат многу заедничко. Двете групи бараат приспособени производи и услуги и зависат од технологијата за да се поврзат со другите. Ако сакате да ја добиете презентацијата по електронски пат, пратете ни мејл на alma@instore.mk.

 

Според податоците на PLMA, може да се видат вредностите на уделот на приватните трговски марки во 2017 година, за следните држави: Швајцарија 42,4%, Велика Британија 42%, Шпанија 40,8%, Германија 36,4%, Белгија 31,7%, Австрија 31%, Португалија 30,1%, Холандија 27,4%, Шведска 26,7%, Франција 25%. За нас се интересни податоците за следните држави: Унгарија 25,1%, Словачка 23,2%, Чешка 21,3% и Грција 24%.

Вредносниот и волуменски удел на приватните трговски марки во Западна и во Источна Европа непрестајно расте. Прашањето што им го поставивме на производителите е: Дали е можно, освен сопствените брендови, да произведат количество што ќе ги задоволи малопродажните синџири? Позитивен одговор на тоа ни дадоа претставниците на компаниите од регионот што беа присутни на саемот.

Пораката на овогодишниот саем е дека сегментот на премиум и иновативни производи во наредните години значително ќе го зголеми порастот на приватните трговски марки. На саемот имавме можност да се сретнеме со повеќето водечки трговци од регионот, како и со регионални производители, посетители на саемот. Се надеваме дека во иднина ќе има поголем број на домашни изложувачи и посетители од Македонија за да имаат можност да го видат овој импозантен настан и да ги видат најновите трендови во развојот на приватните трговски марки.

Учесниците на саемот од регионот, секако, се инспирација за сите други и им упатуваме честитки на сите регионални компании-изложувачи за доаѓањето и посветеноста на вработените на саемот.

Удел на приватните трговски марки по држави, од 1997 до 2016 година

Македонските производители на саемот PLMA

На годинашното издание на саемот на приватни трговски марки (PLMA) учествуваа вкупно шест производители од Македонија: „Линкер груп", „Лион", „Магрони", „СМС груп", „Виа пром", „Виталиа". Ви ги пренесуваме впечатоците што со нас ги споделија некои од нив.

Дритон Куртиши, генерален менаџер, „Линкер груп"

Годинава првпат учествувавме на саемот PLMA и мислам дека саемот е интересен, имаше голема посетеност и за нас е добра можност за претставување на компанијата и на производите.

Заинтересираноста за нашите производи беше одлична, подобра отколку што очекувавме. Во текот на саемот успеавме да оствариме повеќе од 40 средби со потенцијални соработници.

Доколку се земе предвид интересот на посетителите, мислам дека влажните марамчиња за бебиња имаат најголем потенцијал, така што шансата за соработка ја гледаме кај овој вид производ. Сè уште е рано да објавиме за остварено партнерство затоа што сè уште се одвиваат почетните контакти.

Планираме и догодина да бидеме присутни на саем со нашите производи, секако, дотогаш планираме да развиеме и нови производи што ќе бидат интересни. Оваа потреба се јави како резултат на барањата на посетителите на овогодишниот саем.

Александра Димитриевска, директор за интернационална продажба во „Виа пром"

Годинава се претставивме по петти пат на саемот PLMA во Амстердам. Се вративме со одлични впечатоци, огромен број нови контакти, зацврстени бизнис-односи со постојни клиенти и тоа што е најважно за секој изложувач - се вративме со солидна основа за почнување нови соработки.

Имаше огромна заинтересираност за нашите производи и со дел од посетителите веќе ги финализираме последните активности за почнување на соработка.

Со оглед на тоа што нашата фирма е специјализирана за производство на сендвич-бисквити, најголем интерес беше забележан конкретно за оваа категорија. Во изминативе години сме оствариле многубројни соработки со клиенти од Велика Британија и Холандија.

Планираме да продолжиме со вложување во континуиран развој на оваа категорија во согласност со глобалните трендови. Во изминатиов период активно поставуваме солидна инфраструктура и за производство на безглутенски, без шеќер како и високопротеински сендвич-бисквити.

Бојан Младеновиќ, менаџер за нарачки и надворешна трговија, „Магрони"

Нашата компанија по петти пат се претстави на овој саем со свој штанд. Понудата на излагачите, особено во сегментот на FMCG, сѐ повеќе импресионира со својата инвентивност.

Саемското искуство што „Магрони" го кумулира низ годините имплицира сѐ поинтензивно внимание за нашите производи.

Со оглед на глобално растечкиот тренд за производи кои промовираат здрав животен стил, нашите пијалаци привлекуваат голем интерес. Искуството и посветеноста во развојот на нови производи за нашата компанија создадоа конкурентска предност која целосно нѐ диференцира како производител.

Значаен дел од нашата стратегија е одржување континуитет на значајните меѓународни саеми и со тоа проширување на извозните можности.

Александра Ристевска, менаџер во „Лион"

Ова е првпат да учествуваме на овој саем. Во последните неколку години инвестиравме во проширување на производствените капацитети за чоколадни табли, какао крем и капацитетите за кекси, така што одвоиме дел од производството за приватни марки, поради што решивме да учествуваме на PLMA.

Дел од посетителите што претходно немале можност да ги пробаат нашите производи беа пријатно изненадени од квалитетот на производите, а уште повеќе од конкурентноста на цените согласно висината на квалитетот. Имаше заинтересираност за сите групи производи.

Првите нарачки ги добивме уште на саемот за фирми од Италија и Германија под нашиот бренд Leona, а со дел од фирмите сме во фаза на технички подготовки.

Секако дека ќе продолжиме со учеството на саемот PLMA во Амстердам, но секогаш приоритет ќе биде сопствениот бренд, а слободните капацитети ќе се користат за производство на приватните трговски марки.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...