Актуелно

Зоран Богетиќ: Високообразовно забавиште

22 Nov 2017

Кога професорите на високообразовните институции немаат јасна специјализација што ќе им ја пренесат на студентите, школите се претвораат во социјални институции за згрижување, т.е. за забавување на возрасните.

Автор: Зоран Богетиќ, професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград, zoran@bogetic.com 

Алармантна е практиката што и покрај уредните акредитации во многу високообразовни институции, професорите предаваат сè и сешто. Кој го контролира курикулумот или патот до знаењето во многубројните акредитирани школи што произведуваат дипломирани експерти?

Во општествата со нејасни вредности и со маглив пат до „слава и богатство", квалитетното образование не е приоритет. Знаењето не е добра основа за добар живот, а „учените" се предмет на потсмев. Работата, редот и дисциплината се карактеристики на „тупаџиите", кои не ги препознаваат вредностите на „опуштениот" дел од популацијата. „Кул" луѓето се интересни и за младите и за повозрасните генерации, кои се во потрага по сопствениот идентитет.

Ова е ситуацијата кај народите кај кои рецептот за добар живот е снаоѓањето и „општото" знаење, односно неодоливоста на амебоидните ликови, кои не смеат да се налутат. Во тие заедници, експлицитноста е луксуз, бидејќи не е пожелно да се биде директен, односно релативно груб. Општествено прифатен модел е моделот „аферим ефендија", кој се добива од родителите и од опкружувањето, а не од стегнатите школи, каде што напорно се учи и строго се оценува.

Кога формата е поважна од суштината на образованието, колапсот на високообразовните институции е неминовен. Честопати формална е и високообразовната акредитација, која ја замаглува широкоприсутната појава професорите да предаваат сè и сешто за да ја исполнат нормата. Како да работат во продавница или во кафеана, па по секоја цена треба да направат промет за да добијат плата. Тоа ја доведува во прашање и валидноста на дипломите што се штанцаат. А тоа, очигледно, никој не го контролира.

Поплавата од дипломци, магистри и од доктори на науки, не беше соодветно проследена и со формирање филтер за квалитет, барем не во стопанството. Акцентот е на стопанството, бидејќи најпрвин, тоа би требало да ја отфрли формата без суштина.

На ридестиот Балкан, несомнено, системот на дипломи е во криза. Работодавците не се неопходно заинтересирани за валидноста на дипломите на луѓето што ги вработуваат. И самите тие, најчесто, до капиталот не дошле врз основа на знаењата. Транзициските комбинаторики или претприемачката среќа не се нужно потврда за валидноста на доброто учење и на добрите школи.

На другата страна се државните институции, каде што, исто така, експертизата е во лоша состојба. Традиционалното балканско омаловажување на институциите се манифестира и со тоа што тие се отворени за какви и да е дипломи, зад кои стојат „вистинските" критериуми за селекција на вработените.

Во високообразовниот бизнис на ридестиот Балкан, несомнено, се вртат големи пари. И тупавиот и паметниот вложуваат во образованието, бидејќи „нема среќа" без диплома. Се чини дека поплавата од дипломци, магистри и од доктори на науки, не беше соодветно проследена и со формирање филтер за квалитет, барем не во стопанството. Акцентот е на стопанството, бидејќи најпрвин, тоа би требало да избира само квалитет и да ја отфрли формата без суштина. Така би требало да биде.

Балканското високо образование, во голема мера, потсетува на забавиште за возрасни. Резултат на тоа е сериозната криза на потврдата на знаењето, што е своевиден генератор на хаотичната транзиција и на деловната неефикасност. Квазиекспертите (од државните институции, па сè до претпријатијата) се поврзани во своевидно „братство" и нема лесно да се предадат. Оттука, треба да очекуваме и понатамошна ескалација на веќе драматичниот проблем во образованието на некогашните братски југословенски народи.

За авторот:

Проф. д-р Зоран Богетиќ е редовен професор на Економски факултет на Универзитетот во Белград. Докторирал во 2006 година на проблематиката категори-менаџмент. Предавач е и консултант, со долгогодишно искуство. Има одржано бројни програми за тренинзи во компаниите во областа продажен маркетинг и менаџмент, како и креативни партнерски иницијативи во каналите на маркетингот. Тој е постојан соработник на неколку компании од меѓународно значење. Неговиот моментален истражувачки фокус е развој на нов модел за категори-менаџмент, шопер-маркетинг и колаборативна практика на менаџментот на синџирот на снабдување.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...