Актуелно

Посетивме: Ануга 2017 - Рекорди, вкусови и иновации

22 Nov 2017

Светски саем на прехранбени производи „Ануга 2017", Келн, СР Германија

Саемот годинава беше домаќин на 7.405 компании од 107 земји од светот, кои имаа можност да ги претстават своите производи во 11 хали на површина од 284.000 квадратни метри.

Приреди: Горица Ѓуровиќ, gorica@instore.rs

Посетителите на годинашното издание на „Ануга", најголемиот саем на храна во светот, кој годинава се одржа од 7 до 11 октомври, имаа можност да видат некои од водечките производители на храна од сите краишта на светот. Главните теми на манифестацијата годинава беа одржливоста, односно како актуелноста на концептот на одржливост влијае на иновациите и на деградацијата на брендовите, како и кои се другите големи трендови што можеме да ги очекуваме во иднина.

Посетителите годинава имаа можност да видат и да ги посетат штандовите на излагачи од десет различни прехранбени категории, од кои, најголемо внимание привлекоа категориите смрзната храна (Anuga Frozen Food), пијалаци и топли пијалаци (Anuga Drinks and Hot Beverages), како и органска храна (Anuga Organic).

Сегментот смрзнати производи на едно место собра 563 излагачи, на површина од 28.000 квадратни метри изложбен простор. Покрај излагачи од европските земји, како Белгија, Франција, Грција, Италија, Холандија и Португалија, посетителите имаа можност да видат и учесници од Аргентина, Еквадор, Перу и од САД.

Од регионот на Југоисточна Европа беа присутни претставници од Србија („Ол берис", „Хибрид", „Лаки", „Лучиќ Пригревица", „Мастер фрутс", ПИК „Бечеј Пољопривреда", „Плантер ЛЛЦ", „Сикобери", „Вокар џоинт сток компани", „Еликсир фуд", „Сирогојно компани" и „Стрела"), од Македонија („Рудине ММ", „Био-фрут" и „Фруктана"), од Хрватска („Рагуса" и „Стил пекарна"), од Словенија („Инком", „Органика + Нимрод", „Панвита Мир") и од Босна и Херцеговина („МБА Центар").

Категоријата пијалаци собра 576 излагачи од светот, на површина од 30.500 квадратни метри изложбен простор, меѓу кои и најпознатите: „Аустриа џус", „Балтика", „Дохлер", „Геролштајнер", „Фанер", „Риха" и „Раух". Во категоријата топли пијалаци (Anuga Hot Beverages) беа присутни 162 излагачи, сместени на 8.500 квадратни метри изложбен простор. Меѓу присутните беа ДЕК, „Д-р Сувелак", „Дилма", „Естаблесименто лас Мариас", „Инстанта" и „Пелини". Особено интересни во овој сегмент беа излагачите од Кина, Италија, Јапонија, Колумбија, Јужна Кореа, Шри Ланка, Турција и од Тајван.

Годинашното трговско шоу за органска храна (Anuga Organic Trade Show) приреди 250 излагачи, кои се претставија на површина од 11.000 квадратни метри. Меѓу повпечатливите се издвоија излагачите од Германија („Алб-голд", „Емилс био мануфактур", „Екофиниа", „Елблер", „Фалоуфуд", „Мај чипсбокс" „Провианат", „Тропикаи", „Вешлер" и „Саблер") и од Италија („Полобио", „Натура нуова", „Пробиос" и „Сипа"), како и од Холандија, Франција и од Белгија („Доен фуд", „Де Смаакспециалист", „Спак", „Традин органик", „Санорис", „Троу", „Натурелнов", „Компани биодиверзите" и др.).

Според оценките на организаторот, годинашната посетеност го надминала досегашниот рекорд на „Ануга", манифестација која годинава пречекала 160.000 посетители.

Македонски компании на „Ануга 2017"

Разговараше: Васко Марковски, vasko@instore.mk

На саемот, кој годинава се одржа под мотото „Anuga taste Innovation Show", присуствуваа вкупно 21 компанија од Македонија, како и делегација од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. На самостојни штандови, своите производи ги презентираа: „Вивакс", „Виталиа", „Витаминка", „Макпрогрес" и Mama’s, а другите шеснаесет компании, се претставија на групни штандови. На „Ануга 2017" изложуваа: „Аграр КО", „Бест фуд", „Бим фуд", „Био-фрут", „Випро", „Вори", „Дентина", „Дием ГП", „Фруктана", „Јаболчело", „Ким", „Конимнекс холдинг", „Кривогаштани промет", „Ларс", „Рудине ММ" и „Техноалат комерц Атанас" (Хина продуктс).

Дел од учесниците ги споделија со InStore впечатоците од големиот светски саем за храна и пијалаци, а дел од нив, ни ги открија и плановите за следното претставување на „Ануга", саем кој ќе се одржи во октомври 2019 година.

Искра Ветаџокоска-Муцунска, менаџер и косопственик на „Виталиа"

„Виталиа" и годинава продолжи со етаблирање на брендот made in Macedonia, преку успешната презентација на новата линија безглутенски продукти на светскиот саем на прехранбени производи „Ануга" во Германија.

Вкусните житни барови, оригиналните безглутенски крекери со чили, со пармезан и со семиња, како и уникатните премиум безглутенски мусли со овошје и со јатки, го привлекоа вниманието на посетителите што доаѓаа од целиот свет и отворија нови можности за зголемување на извозот на компанијата, кој денес опфаќа 55 земји ширум светот.

Во најава се договори со етаблирани дистрибутерски фирми, како и соработка за приватни трговски марки со два познати европски супермаркети. Со тоа, „Виталиа" ја потврди својата позиција на респектабилен глобален играч во секторот производство на здрава храна.

Глигор Цветанов, извршен директор на „Макпрогрес"

Имајќи предвид дека таму ги сретнавме главните прехранбени „играчи" од сите земји на светот, саемот за нас е од исклучителна важност. Годинава се претставивме со продуктното портфолио на Vincinni, Armonia и Natura, а го претставивме и новиот член на нашето семејство – Дониа, кој наиде на голем интерес кај посетителите, за кои, особено беа примамливи традиционалните специјалитети алва, локум и домашните колачиња. На својот изложбен простор понудивме производи од автентично домашно производство, претставувајќи ја вредноста и традицијата на локалните состојки.

Остваривме повеќе од 150 контакти со веќе постоечки клиенти, но и со нови од Сингапур, Сејшели, Мали, Тајван, Филипини, Украина, Русија, Џорџија, Нигерија. Со присуството на настани од овој тип, континуирано се трудиме да ги зголемиме интернационалните потенцијали и да овозможиме конкурентност во глобални рамки.

Тања Атанасова, маркетинг директор на „Вивакс"

Како најголем македонски производител на 100% природни овошни сокови, познати под брендот Viva, годинава уште еднаш успешно се претставивме и го привлековме вниманието на големиот број посетители на „Ануга".      

Годинешната понуда беше збогатена и со висококвалитетните природни овошни каши, добиени со преработка на свежо македонско овошје, јаболко и праска, кои се употребуваат за производство на природни овошни сокови, смутија и детски овошни каши. Горди сме што сме меѓу најголемите откупувачи на овошје во земјава.        

Учеството на саемот пред две години, ни донесе извоз во повеќе од 20 земји, како што се Кина, САД, Канада, Шведска, Обединети Арапски Емирати и др. Саемот е местото каде се прават првичните контакти за понатамошна соработка, а го утврдува и фокусот на прехранбената индустрија во иднина, односно дава извонредна можност за размена на иновации и информации.

Љупчо Велески, директор за извоз во „Витаминка"

„Ануга" е центарот на сите значајни производители на храна и на пијалаци. Присуството на саемот, само по себе, значи дека сте реномиран и посакуван производител од индустријата.

Голем дел од асортиманот на „Витаминка", од слатката и од солената програма, беше изложен на самостојниот штанд. Нашите производи, особено новитетите, предизвикаа голем интерес и позитивни импресии кај посетителите.

Сè што е поврзано со овој саем, е стимулирање на понатамошниот развој на компанијата. Овде се сите новитети, трендови, тенденции и тоа што е најзначајно – иновациите во прехранбената индустрија. Тоа го знаеме затоа што сме редовни посетители и досега сме имале многу позитивни резултати. Учеството, заедно со другите производители од светски ранг, е потврда за нашата успешност и надвор од македонските граници, како и повод за нови деловни соработки со компании од различни земји во Европа и светот.

Калин Бабушку, бренд-менаџер на Mama’s

Денес, брендот Mama’s е уникатно позициониран како единствен производител на специјални производи за храна, кои се продаваат во многу премиум продавници во светот.

Mama’s беше македонската ѕвезда на „Ануга". Посетителите на саемот покажаа огромен интерес за ајварот, лутеницата, малиџаното, како и за различните видови слатко, а најмногу го ценеа фактот што тие се направени од 100% природни состојки – без вештачки бои, адитиви, конзерванси, згуснувачи или скроб. Сертификатите за квалитет, што компанијата ги поседува, само го потврдуваат ова.

Побарувачката за здрави состојки е водена од голем број потрошувачки фактори, како што се стареењето на населението, зголемениот интерес за здрави животни стилови, загриженоста за дебелината и зголемената свест за поврзаноста меѓу исхраната и здравјето. Секоја година „Ануга" ги поставува трендовите, а производите Mama’s се дел од нив.

Дарко Нашков, сопственик на „Ларс"

Ова е нашето шесто претставување на „Ануга". „Ларс" традиционално се претставува на овој саем, како најголем светски саем за храна, кој е одлична можност да ги презентираме производите и да го зголемиме извозот.

Нашиот домашен ајвар Perustija беше омилен кај новите, потенцијални купувачи и предизвика голема заинтересираност од претставници од сè повеќе нови пазари. Освен ајварот, многу симпатии привлекоа и 100-процентните домашни природни сокови Perustija и  веќе имаме конкретни договори.

Групните штандови веќе се премали за нашите цели, идеи и за настапот на светските пазари. На следната „Ануга", сигурно би настапиле со самостоен штанд.

 

Искра Тренчевска, менаџер за продажба во „Јаболчело"

Ова е наше прво учество на саемот, кој ни остави одличен впечаток, затоа што беше добро организиран, изложувачите беа добро распоредени, имаше можност за контакти и средби...

За сите наши сокови од цедено јаболко со овошје (праска и аронија) и со зеленчук (морков и цвекло) имаше голем интерес, но би го издвоиле интересот за сокот од јаболко и аронија.

Задоволни сме од тоа што бевме дел од групен штанд – за нас беше значајно да се запознаеме и да споделиме искуства со другите изложувачи од земјава, кои се докажани во работата. Бидејќи произведуваме специфичен производ, би било добро да имаме самостоен штанд, за да не запознаат повеќемина, заинтересирани директно за сокови.

 

Славчо Јорданов, сопственик и директор на „Ким", Неготино

Годинашното учество на „Ануга" e четврто за нашата компанија. Гордост е да се учествува на таа саемска манифестација, на која повеќе од 160.000 посетители ги откриваат најновите и најиновативните производи на повеќе од 7.000 компании.

Познати сме како земја со идеална клима за примарно производство на овошје и на зеленчук. Оттука, најголемо внимание привлекоа нашите преработки од домати и овошни џемови, направени од квалитетни, свежи плодови, кои имаат најголем потенцијал за остварување соработка.

За следното издание ја разгледуваме можноста да се претставиме на „Ануга" со самостоен штанд. Сепак, најважно од сè, е да се учествува на една таква саемска манифестација.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...