Маката на доставувачите е преголема ако не постои договорена и финансиска дисциплина во општеството. Тогаш, бизнисот станува „пипкање во мракот", на среќа на деловните коцкари и на куќите за факторинг.
Автор: Зоран Богетиќ, професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград, zoran@bogetic.com
По избивањето на аферата со „Агрокор", стана јасно дека постојат регионални економски интереси, кои го надминуваат локалниот патриотизам и економските планови на ниво на посебни држави, поранешни членки на Југославија. Деловната практика јасно упатува на заклучокот дека регионалниот пазар, како и да го дефинираме, е поприродна рамка за работа отколку парохиските домети на расцепканите пазари.
Распадот на поранешна Југославија значеше афирмација и економска дистанца од најблиските соседи. Очигледно неприродно, на што најпрвин укажа навлегувањето на мултинационалните компании, а сега и регионалниот поглед на цените и на домашните играчи во секој поединечен пазар.
Принципиелно гледано, регионалната експанзија на хрватските компании на планот контролирање на важните брендови и продажните полици, до неодамна ги фасцинираше упатените во тајните на современата економска доминација и просперитет. Од аспект на профилот и на структурата на играчите, хрватската економија романтично потсетуваше на светските успешни приказни. Љубомората ја урна агенцијата за кредитен рејтинг „Мудис" со лондонската оценка за лошата состојба на „Агрокор". Да се потсетиме дека станува збор за интегриран синџир за снабдување, чиешто разнишување доведува во прашање далеку поголем број од споменуваните 60.000 регионални работни места. Кој и како дозволил интегрирање на толку моќен синџир на снабдување под закрила на „Агрокор", е тема за истрагите што допрва ќе следуваат.
Хрватската економија романтично потсетуваше на светските успешни приказни. Љубомората ја урна агенцијата за кредитен рејтинг „Мудис" со лондонската оценка за лошата состојба на „Агрокор".
Низа години наназад, „Мудис" укажуваше на проблемите во работењето на „Агрокор", за во јануари годинава да го активира алармот, кој ги загрижи балканските стопанственици и политичари. Секако, најмалку беа изненадени многубројните доставувачи, кои подолг период го трпеле теророт на разиграниот балкански гигант. Велиме трпеле, бидејќи не е лесно да се работи под геслото големиот должник е голема грижа. Во коруптивните општества, тоа е најголемиот ризик со кој се соочуваат дистрибутивните компании, кои нема кој да ги заштити.
Се чини дека „Агрокор" како купувач „подиве" откако го презеде „Меркатор" на крајот од јуни 2014 година. И врапчињата на гранките регистрираа дека оттогаш, од централата на разиграниот „Агрокор" следуваа повици и притисоци кон доставувачите, да го поддржат залетаниот партнер преку одобренија за стоки.
Тогаш, „Агрокор" не смееше да биде одбиен поради неговата важност за регионалниот пазар, но и за државните апарати на земјите - членки. Следуваше молкот на доставувачите за проблемите во кои се најдоа, што во голема мера трае и до ден денес. Кому да се жалат кога сласта од малопродажниот кеш секому му е мила?! Впрочем, кој воопшто го регистрираше тогашниот притисок на доставувачите?.
Еснафскиот молк за проблемите за наплата на побарувањата е јасен и прилично солидарен, а приказните за јавноста се речиси изнудени.
И покрај сите активни политичари и медиуми, денешната позиција на доставувачите е во многу незавидна положба. Еснафскиот молк за проблемите за наплата на побарувањата е јасен и прилично солидарен. Приказните за јавноста се речиси изнудени, бидејќи недовербата во регулаторните тела на државичките од поранешна Југославија е на стаклени нозе. Останува надежта дека балканските политичари сепак ќе сфатат оти цената на нивните комбинации во овој случај е превисока, бидејќи е загрозен производствено-дистрибутивниот сектор на стопанството, кој е од темелно значење за секоја национална економија.
За крај, најмногу е загрозена позитивната малопродажна практика, која нема екстра приходи од доставувачите. А, модерната малопродажба би требало да биде моторот за стабилен развој на стопанството..
За авторот:
Проф. д-р Зоран Богетиќ е редовен професор на Економски факултет на Универзитетот во Белград. Докторирал во 2006 година на проблематиката категори-менаџмент. Предавач е и консултант, со долгогодишно искуство. Има одржано бројни програми за тренинзи во компаниите во областа продажен маркетинг и менаџмент, како и креативни партнерски иницијативи во каналите на маркетингот. Тој е постојан соработник на неколку компании од меѓународно значење. Неговиот моментален истражувачки фокус е развој на нов модел за категори-менаџмент, шопер-маркетинг и колаборативна практика на менаџментот на синџирот на снабдување.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.