InStore присуствуваше на испраќањето на првиот камион со македонски прехранбени производи, наменети за Македонскиот изложбено-трговски дом во Москва. Со заминувањето на камионот, се отвори и темата за очекувањата и за потенцијалот на македонските производи на пазарот на Руската Федерација.
Приреди: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Институционален став |
м-р Дејан Бешлиев, извршен директор, Македонска-руска стопанска комора (МАРУКО)
Македонски изложбено-трговски дом, кој почна да функционира од 23 март годинава, е во функција на зголемување на пласманот на македонските производи на рускиот пазар. Со години се зборуваше за отворање дистрибутивен центар во Руската Федерација и конечно, тоа се реализира. МАРУКО со поддршка на Московската стопанска комора и во соработка со „Македонски дом", компанија која е основана и специјализирана за поддршка на компаниите што го фиксираа(т) рускиот пазар како извозна цел, го отвори овој изложбен и трговски центар. Проектот го поддржаа и амбасадите од двете земји.
Македонските компании го препознаа проектот како сигурна и транспарентна платформа, која им помогна да ги пласираат производите без поголеми ризици. Првиот контингент од 20 компании е речиси пополнет. Сегашните и идните македонски извозници во Русија без некој поголем трошок ги изложуваат своите производи во Москва, складираат одредени количества, а руските извозници ги имаат „на дланка". „Македонски дом" има „задача" да ги продава македонските производи, а истовремено им нуди целосна комерцијална, царинска и правна поддршка на компаниите.
Македонските извозници од Москва го освојуваат рускиот пазар.
Руската администрација има воспоставено „правила на игра" за сите што сакаат да ги пласираат производите на тој пазар. Сертификацијата е наједноставна кај конфекционираните производи, а најкомплицирана кај млечните и кај месните производи, како и кај алкохолот. Македонските компании што извезуваат или се подготвуваат за тоа се „наоружани" со најзначајните светски стандарди за квалитет, што го олеснува целиот процес. За дел од домашните компании, производители на млечни и на месни производи, МАРУКО во соработка со Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација, организираше семинари и посети во производствените погони од руските експерти. Тоа придонесе овдешните производители брзо и едноставно да се приспособат на руските стандарди и да ги добијат потребните лиценци. Накратко, сертификацијата се одвиваше без некои поголеми проблеми, освен што за тоа е потребно време.
Основната придобивка за македонските компании - членки на „Македонски дом" е што конечно од срцето на Москва почнуваат да го освојуваат пребирливиот руски пазар, но и пазарите на другите земји членки на Евроазиската унија – Киргистан, Белорусија, Казахстан и Ерменија. Првите искуства тоа веќе го потврдуваат – производите на „Свислион", „Вори", „Горска"… отпатуваа за Русија, а на „Гранд експорт" за Казахстан.
Експертски став |
проф. д-р Ленче Петреска, Меѓународен славјански универзитет
За малите национални економии, како Македонија, политиките за трговска размена на стоки и на услуги со другите држави, се од суштинско значење за развојот и за порастот на економијата. Но, важен е фактот дека земјава има голем извозен потенцијал. Зголемувањето на трговската размена меѓу Македонија и Руската Федерација треба да се насочи кон утврдување и интензивирање на потенцијалите за економската соработка, зголемување на инвестициите, но и кон целосна поддршка на компаниите од двете земји. Соработката со Руската Федерација ќе биде значаен поттик за бизнисмените да се трудат да постигнат повисоки стандарди и квалитет и да ја зголемат конкурентноста на македонската економија.
Поттик за зголемена трговска размена ќе биде решавањето на меѓународните отворени економски прашања што ги засегаат двете земји, отстранување на трговските пречки и олеснување на влез на македонските фирми на рускиот пазар. Тоа наметнува и зголемување на производството на одредени производи, наменети за извоз. Проширувањето на активностите на веќе постојните фирми, следење и детектирање на предизвиците со кои се соочуваат нашите бизнисмени на рускиот пазар ќе придонесат за подобрување на целокупната трговска размена. Улогата на владата е од голема важност за конкурентната способност на земјите што сакаат да бидат извозно ориентирани, односно да бидат вклучени во меѓународната трговска размена. Државата треба да ги води сите сегменти од процесот, при што се наметнува потребата од зголемување на владините стратешки и индустриски политики, за да се создадат атрактивни услови за трговска размена.
Трговскиот дом отвора големи можности за понатамошен поттик на македонскиот извоз во Руската Федерација, кој бележи висок пораст во последните години.
Во изминатиов период се реализира идејата да се претстават македонските производи на рускиот пазар преку отворањето на Македонскиот изложбено-трговски дом во комплексот „Фуд сити" во Москва, официјализирана со меморандумот потпишан меѓу Македонско-руската стопанска комора и Московската стопанска комора. Со тоа, практично им се излегува во пресрет на стопанствениците, чијшто основен интерес е да се зголеми извозот на тој голем пазар. Просторот ќе овозможи постојано присуство на голем асортиман македонски производи, кои ги исполнуваат стандардите на квалитет и гаранција. Тоа отвора големи можности за понатамошно поттикнување на македонскиот извоз во Руската Федерација, кој бележи висок пораст во последните години, тенденција што се очекува да продолжи. Пред македонските компании стои голем потенцијал за понатамошна соработка.
Став од секторот |
Благоја Цветковски, раководител на одделот за увоз-извоз, „Свислион"
Кога бевме повикани на презентацијата на Македонскиот изложбено-трговски дом во февруари, бевме малку скептици, бидејќи кај нас најчесто ваквите работи не резултираат со реализација. Охрабрени од пристапот што го добивме од амбасадорот во Русија, Гоце Карајанов, и од редовната комуникација со Дејан Бешлиев, донесовме одлука дека треба да учествуваме во тој проект. Главен мотив беше можноста да се пласираат нашите производи на рускиот пазар, кој иако е голем и нуди повеќе можности, сепак е „затворен" за производителите што доаѓаат од земји со кои Русија нема склучено билатерални трговски договори, каква што е и Македонија.
За увоз на наши производи на рускиот пазар, производот најпрвин мора да биде регистриран во Евроазискиот економски сојуз, односно да има сертификат „декларација за усогласеност". Тоа подразбира контрола на производот, на неговиот квалитет и карактеристики и дали се исполнети стандардите за тој вид производи пропишани според правилниците на Руската Федерација. Регистрацијата беше поднесена од увозникот – „Македонскиот дом", а ние доставиме спецификации и анализи за производите, како и примероци. По извршената контрола и согледувањето дека се исполнети сите услови, добивме сертификати за секоја категорија производи, со што се овозможи испораката.
Очекуваме соработката полека, но сигурно да прерасне во серозен проект за нас, односно овој пазар да ни стане редовен купувач.
Очекувањата се големи, бидејќи се работи за огромен пазар, но мора да бидеме и реални. Очекуваме соработката, која сега е во почетна фаза, полека, но сигурно да прерасне во еден серозен проект за нас, односно овој пазар да ни стане редовен купувач. Исто така, во „Фуд сити" има изложувачи и купувачи од целиот свет, со што се отвора можноста производите да бидат видени од голем број посетители од други земји, кои би биле потенцијални нови пазари.
Став од секторот |
Горан Цуцулески, генерален менаџер, „Кривогаштани промет"
Нашата компанија е 12. членка, која го потпиша договорот за соработка со „Македонски дом". На годинашниот есенски саем „World Food 2017", успешно се претставивме со производите под брендот Gurmano, кои предизвикаа значаен интерес кај руските трговци со храна, што беше добар сигнал да се приклучиме на проектот.
Досега, целото производство го пласиравме на странските пазари во Австралија, САД и во Европа. Немавме амбиции за освојување на рускиот пазар, но саемскиот настап и пројавениот интерес од тамошните увозници, ни ги сменија плановите. Мотивот да се приклучиме кон иницијативата и да бидеме дел од трговскиот дом во Москва, беше за да можеме полесно да добиеме точни и сигурни информации поврзани со рускиот пазар. Преку Македонско-руската стопанска комора остваривме контакти со увозници и со дистрибутери на производи од Русија и добивме поддршка и сигурност во соработката со нив.
Нашите производи го имаат меѓународниот стандард ИФС (International Food Standard – IFS) за квалитет и безбедност. Во моментов сме во постапка на сертифицирање на производите за рускиот пазар, односно веќе се испратени првите мостри на ајвар, толчени пиперки, феферони, бабурчиња, пиперчиња со сирење..., процес за кој имаме целосна поддршка од Македонско-руската стопанска комора.
Имајќи го предвид фактот дека ќе бидеме дел од огромниот трговски комплекс „Фуд сити", очекуваме значаен продор.
Сметаме дека Македонскиот изложбено-трговски дом е одличен проект, кој претставува можност на едно место да се најдат голем број македонски производители и да изложуваат дел од својот асортиман на производи, кои ќе бидат видени од увозниците и од дистрибутерите во Русија. Имајќи го предвид фактот дека ќе бидеме дел од огромниот трговски комплекс „Фуд сити", односно ќе бидеме во допир со 300 синџири маркети, очекуваме значаен продор во трговските синџири во Руската Федерација.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.