Актуелно

Даворка Биондиќ Винце: Добивката во бизнисот ретко е работа на среќа

20 Jun 2017

Гостин-воведничар: ​ Даворка Биондиќ Винце, сопственик и директор на „Бионди консалтинг"

Деловните луѓе од Македонија ги задржале топлата емоција, смислата за хумор и гостопримството. Сето тоа е дел од емоционалната интелигенција, која е важен клуч за успех во денешниот бизнис.

Колешките и колегите со кои се дружев неколку дена во Скопје, покажаа висок степен на знаење и на глобално искуство, и тоа што е најважно – амбициозност и желба за учење и за развој. Поставуваа компетентни и квалифицирани прашања, беа активни и соработуваа во вежбите за преговарање пред камера. Забележав самоуверен став, концентрираност и смиреност во вежбите, што е голема реткост. Ми беше мило да гледам како еден со друг се поддржуваат и му аплаудираат на колегата. Освен тоа, беа уверливи и поради складот на вербалната со невербалната комуникација.

За жал, во едукацијата за преговарање во целиот регион, повеќе вложува индустријата и дистрибутерите, но не и трговците! Доставувачите вложуваат трипати повеќе во едукација од трговците и тоа е една од причините поради кои има премногу „тешки" купувачи, со кои преговорите се сведуваат на уцени и на закани, односно на задоволување само на сопствените цели. Тие можат да бидат само краткорочно успешни, но со доаѓањето на конкуренцијата, односно на стабилните и здрави трговски синџири – ќе станат неефективни.

Во Македонија и во другите земји од регионот има премногу неедуцирани купувачи, кои настојуваат да ги остварат целите со примена на сила. Не ретко се користат заканувачки и вулгарни изјави, кои навредуваат на лично ниво. На прашањето зошто треба да дадат дополнителни рабати, продажните претставници го добиваат одговорот: Затоа што управата тоа го бара или Затоа што ние сме лидери. Со нив, доставувачите ја црпат енергијата во конфликти и во исцрпувачки разговори, наместо да ја канализираат таа енергија во заедничко управување на категориите и во пронаоѓање дополнителни ресурси за заеднички пораст.

Поголемиот дел од преговарачите преговараат со техники стари од 10 до 20 години. И се прашуваат зошто некои луѓе во преговорите го добиваат тоа што го сакаат, а тие не?! Честопати туѓиот успех се поистоветува со среќата. Но, добивката во бизнисот ретко кога е работа на среќа.

Да ги потсетам моите драги колешки и колеги од прекрасната Македонија дека во животот не го добивате тоа што го заслужувате, туку тоа за што самите ќе испреговарате. Но, преговарајте на начин на кој другиот би почувствувал почит за вас. Настојувајте да ги задоволите интересите на двете страни, а не само своите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...