Актуелно

Мислења и коментари: Снежни маки големи

20 Feb 2017
 
Приреди:

Алма Растодер alma@instore.mk 

И овојпат нѐ изненади првиот снег. Тоа изненадување предизвика доцнење или воопшто недоаѓање на вработените на своите работни места, доцнење или прекин во испораката на производи и на услуги, одложување состаноци и сл. Поради снегот беа отсечени повеќе села, а забавена беше и испораката на нарачаната стока до продажните објекти. Очигледно беше дека институциите не реагираа навреме, бидејќи беше прекинета или забавена основната цел на FMCG-секторот, а тоа е брза циркулација на производите за стока за широка потрошувачка.

Токму затоа тимот на InStore се обиде да добие мислења за тоа што им преостанува на компаниите да прават во ситуација кога се соочуваат со сериозно лоши временски услови кои предизвикуваат непроодност на патиштата и со неажурност од страна на државните служби надлежни за чистење на патиштата? Се обидовме да дознаеме какви сѐ влијанија има ваквата состојба на патиштата врз целокупното работење на компаниите...

Институционален став


Фатмир Бетиќи, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија

Лошите временски услови без двоумење имаат значително влијание врз компаниите, што понатаму, секако, ќе  влијае негативно и врз целокупната економија во земјава. Доколку лошите временски услови, односно во нашиот случај, непроодноста на патиштата не се реши и доколку продолжи во подолг временски период, ќе предизвика домино-ефект, што, секако, влијае врз економијата.

Во зависност од дејноста на компаниите, неповолните временски услови ја намалуваат продуктивноста, бидејќи вработените не стигнуваат навреме на своите работни места или воопшто не се појавуваат, што влијае врз намалувањето на приходите на компаниите. Понатаму, важни фактори за намалувањето на приходите се и: неактивноста на потрошувачите во период на лоши временски услови, намалување на нивната побарувачка, забавување на синџирот на снабдување што ги става во ситуација компаниите да не можат да ги исполнат потребите на потрошувачите, ситуација на која често можевме да бидеме сведоци.

Покрај намалувањето на продуктивноста и непроодноста на патиштата, поради одложувањето или стопирањето на дистрибуција на производите до крајните дестинации, трговците не беа во можност да ги пополнат полиците.

На крај, и чистењето на патиштата од компанијата, односно напорите за рехабилитација,  значат огромен трошок за компаниите.

Став од секторот


Дино Шкријељ, директор за логистика, „Кола"

Многу често дистрибутивните компании мора да се справуваат со отежнати услови на функционирање кои не се предизвикани од нивна страна, а сепак мора да се приспособуваат кон ситуацијата и својата дејност да ја извршуваат максимално професионално. Во ситуација, кога и времето и надлежните институции не се на страната на дистрибутерите, нам ни останува сами да се организираме за да не дојде до застој во испораката и до изгубена продажба. Во овој случај, се трудевме да предвидиме колку повеќе време ќе биде потребно за достава, па возилата возеа со 4 до 5 пати помалку места на испорака, знаејќи дека толку повеќе време ќе биде потребно за да се заврши испораката.

Поради неисчистените патишта, имаше места што беа непристапни за товарни возила, а дури и во поголемите градови најголемиот дел од улиците беа непристапни за достава. Во тие случаи ангажиравме мали помобилни товарни возила со зимска опрема, во кои стоката се претовараше и тие ја завршуваа испораката.

Став од секторот


Румен Смилевски, директор, „Малина 99"

Во ситуација кога се соочивме со сериозно лоши временски услови кои предизвикаа непроодност на патиштата, едноставно моравме да се снаоѓаме за производите да бидат навремено доставени. Пуштавме уште еден човек во возилата, кои, секако, се опремени со сета потребна зимска опрема, но повторно одеше тешко. Одевме до каде што можевме да пристапиме. Морам да нагласам дека беше отежнато работењето и се губеше драгоцено време. Ако рутата требаше да се заврши до 16 часот, имаше денови кога се остануваше и до 21 часот. Сепак, целта беше остварена и каде што требаше да се реализира дистрибуцијата, производите беа доставени.

Поради оваа ситуација се забележа и зголемена фреквенција на сопственици на малите продавници кои самите доаѓаа да земат стока од кај нас, со што го дополнувавме времето изгубено во дистрибуција.

За жал, ова се случуваше низцела Македонија, не само во Велес. Патиштата не беа навреме исчистени, бидејќи не се инвестира доволно во возила за чистење. Се надевам дека наскоро ќе се инвестира во нова механизација, затоа што ова ќе ни се случи повторно. А во вакви ситуации се забавува целото работење, а загубата е на повеќе нивоа - таа се чувствува и кај дистрибутерите, кај партнерите, но и кај потрошувачите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...