Македонска иницијатива по примерот на Франција
Колку храна се фрла во Македонија и дали примерот со Франција, каде што со закон се ограничува фрлањето храна од маркетите би бил применлив во земјата?
Араш Дерамбарш, општински советник во Курбвоа, иницијатор на законот за забрана за фрлање храна од маркетите во Франција
Мојот политички статус не ми дава моќ да ги менувам законите, но ова е 21 век и условите се променети. Денес, светот е во голема криза и затоа не треба да се задоволиме само со извршувањето на основните функции – ако сме во можност, треба да направиме повеќе!
Храната е основна потреба, која ни овозможува да бидеме способни да функционираме во општеството. Поаѓајќи од сопственото искуство, како студент, немав доволно пари за храна, но се срамев да признаам. Го одложував ручекот до пет часот за да не мора да вечерам... Уште тогаш имав идеја дека на системот му се потребни промени. Во 2014 година, бев избран за советник. Почитувајќи го францускиот концепт за сојузништво и за здруженост, барав начини да придонесам за тоа начело. Неколку месеци подоцна, со пријателите, побаравме од два супермаркети да ни ја даваат храната што им е за фрлање, но ни рекоа дека ни требаат ладилници за чување. Немавме ниту пари, ниту логистика. Се договоривме со локалниот „Карфур" за директна дистрибуција. Кога затворија, ни дадоа 50 килограми храна, што ја поделивме на 100 луѓе – на 50 од средната класа и на 50 бездомници. Така почна сè...
Кога покажавме дека директната дистрибуција може да функционира, почнавме петиција и за само една година, во февруари годинава, парламентот го изгласа законот за забрана за фрлање храна од супермаркетите. Не откривме нешто ново, луѓето беа свесни за проблемот со фрлањето храна, но додека немаше криза, никој нереагираше. Законот доби широка поддршка, односно тоа беше првиот закон поттикнат директно од граѓаните преку интернет.
Со решението, се предвидува дека секое граѓанско здружение може да ја побара храната што би била фрлена од маркет, за да ја подели на населението кое се соочува со недостиг. Ако супермаркетот одбие, ќе добие финансиска казна.
Иницијативата продолжува да се развива глобално – четири држави веќе го донесуваат законот: Финска, Чиле, Италија и Конго. Организираме и голема петиција во Европа.
Постојат неколку причини поради кои сум во Македонија, но би ги издвоил двете најважни. Прво, да видам како работи банката за храна, какви се условите и можностите за обезбедување храна. Второ, да ги повикам надлежните да го донесат законот како што го сторивме тоа во Франција. Многу закони бараат пари за да се спроведат, но овој не е таков – нема да ја чини државата ниту денар!
Храната за гладните, а не на депонија
|
Душко Христов, „Банка за храна" – Македонија
Според истражувањето што го спроведовме во рамките на проектот „Храната за гладните, а не на депонија", во земјава се фрла речиси една четвртина од вкупното количество храна со која манипулираат маркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите. Најмногу храна фрлаат маркетите и дистрибутерите, чиишто производи се со краток рок на траење, а по нив следуваат рестораните и домаќинствата.
Истражувањето беше спроведено во Тетово, Скопје, Битола и во Струмица, а досега ги презентиравме резултатите од Скопје и од Тетово, од каде што беа опфатени вкупно 170 субјекти – 130 во Скопје и 40 во Тетово. Анкетираните субјекти годишно оперираат со 18.129 тони храна или 384 тони неделно, најмногу кондиторски производи (36 отсто), масло и оцет (12 отсто), леб и печива (10 отсто). Притоа, регистрирани се 66 отсто вишоци – кондиторски производи (34 отсто), леб и печива (27 отсто), готови јадења (18 отсто), од кои најголем дел завршуваат на депонија.
Од цифрите заклучуваме дека илјадници тони храна што е добра за консумирање – нерасипана, пред истек на рокот, оштетена... секојдневно се фрла од македонските маркети и ресторани. Дури 68 отсто од анкетираните субјекти изјавија дека храната се повлекува неколку денови пред истекот на рокот, што отвора простор за нашата иницијатива.
Како организација, пред пет години поведовме иницијатива за донесување закон за обврска на маркетите и на другите трговски субјекти, вишокот и храна со краток рок на употреба да се донира на хуманитарните организации, т.е. на гладните и на сиромашните граѓани, но не добивме одговор од институциите. Повторно ќе ја поведеме иницијативата и се надеваме дека овојпат ќе успееме во намерата и ќе го донесеме законот.
Полека, но сигурно стануваме активен учесник и реализатор во акцијата посветена на борбата против сиромаштијата и гладта во земјава, како и сериозен борец против фрлањето и расипувањето на храната. Решени сме да му помогнеме на секој човек во остварувањето на есенцијалното право на живот и животен стандард, кој му обезбедува здравје и благосостојба, пред сè храна.
Се вчитува следна вест...