Актуелно

Од наш агол: Помош – колку тоа силно звучи!

16 Sep 2016

Како општествено одговорната активност на компаниите од избор да премине во (морален) императив, дали јавно објавените донации можат да поттикнат и да бидат добар пример за другите, кој ја поттикнува иницијативата во една компанија за општествена одговорност и на кој начин компаниите им помагаат на вработените што доаѓаат од загрозените места, се прашањата што им ги поставивме на нашите соговорници.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Активна помош

Стопанска комора на Македонија

Стопанската комора на Македонија и компаниите-членки активно се вклучија во активностите за обезбедување хуманитарна помош и за поддршка на настраданите подрачја од катастрофалните поплави што ги зафатија регионите на Скопје и на Тетово.

Со донирањето на најпотребните производи за настраданите во поплавите, односно, вода за пиење, конзервирана храна, храна за бебиња и пелени, производи од кондиторската и од прехранбената индустрија, млеко и млечни производи, лекови, облека, ќебиња, средства за хигиена и средства за дезинфекција, разни други производи, како и финансиски средства, компаниите-членки на Стопанската комора ја покажаа корпоративно-општествената одговорност на дело.

Изразувајќи ги солидарноста и хуманоста, компаниите-членки веднаш одговорија на повикот што го упати Комората, а притоа се вклучија и голем број компании од цела Македонија, особено банките, како и компании од различни производствени дејности. Со донирањето, стопанствениците ја покажаа хуманоста и желбата да донираат за да им помогнат на тие на кои помошта им е најпотребна.

Доброволна одлука што треба да се негува

Никица Кусиникова, извршна директорка, „Конект"

Општествената одговорност на претпријатијата треба да биде вградена во сите стратешки одлуки и операции на компанијата. Во случај на големи непогоди, компаниите имаат многу важна улога. На краток рок, се активира хуманитарниот аспект и сочувството со сограѓаните. Во таа насока, компаниите во Македонија се исклучително респонзивни, што се покажа и при неодамнешните поплави преку бројните донации во парични средства, производи и волонтерски ангажман од вработените. На долг рок, од интерес на бизнис-секторот е погодените заедници побргу да се „вратат во нормала" и да се превенираат идни катастрофални последици од тој тип. Затоа е важно поддршката на компаниите да продолжи стратешки долгорочно.

За нас, како јавност, е важно да работиме на зајакнување на желбата на компаниите доброволно да вложат, а не да чувствуваат грижа на совест и обврска. Донирањето е исклучиво доброволна одлука и таа треба да се негува наместо да се наметнува. Не смееме да заборавиме и дека бизнис-секторот не може и не смее да биде замена за институциите, туку нивна поддршка.

Промовирањето на донациите од компаниите делумно има цел да ја поттикне јавноста и да даде добар пример. Но, во екот на најголемиот шок и болка, тоа промовирање мора да биде умерено. Може да биде објавено на интернет-страниците на компаниите, но споделувањето со платени објави на социјалните медиуми, во тој период е несоодветно. Компаниите имаат на располагање и други начини за поттикнување на компаниите и на граѓаните, преку директно контактирање и повикување на деловните соработници и на вработените, како и преку коморите. Промотивниот аспект, секако, нема да изостане бидејќи примателите јавно искажуваат благодарност кон компаниите што помогнале.  

Притоа, свесноста и посветеноста на врвното раководство на компанијата е клучно. Раководството може целосно да го промени начинот на кој компанијата го води бизнисот, а тоа одлучува и каде ќе се насочат ресурсите на компанијата. Но, вработените се најважниот ресурс на компанијата, па затоа е важно тие да бидат директно вклучени во креирањето на иницијативите за општествена одговорност.

Компаниите може да им помогнат на вработените и на нивните семејства, кои доаѓаат од загрозените места, наједноставно преку парична и материјална поддршка. Следува флексибилноста и разбирањето на чувствителниот период низ кој минуваат, со овозможување на флексибилно извршување на работните обврски. Долгорочно, компанијата може да овозможи поволен заем за рехабилитирање на домот, стипендии за образовните потреби на децата и сл. При обновувањето на домовите, волонтерски може да се вклучат и другите вработени, со што ќе се зајакне солидарноста. Особено е важно овие вработени да не се почувствуваат како објект на сожалување. Со оглед на тоа што семејствата живеат во поширока заедница, компанијата може долгорочно да вложи во обновување на загрозените заедници и да го помогне нивното целосно закрепнување.

Секоја помош е добредојдена

Хамим Даути, директор на „Даути комерц"

Општествена одговорност е составен дел од работата и од функционирањето на „Даути комерц", интегрирана и во плановите за развој. Нашата политика на општествена одговорност се темели на етичко работење и на желба да помогнеме во создавање на подобро опкружување за вработените, партнерите и за пошироката општествена заедница, секако, со висок степен на одговорност кон животната средина. Прашањето како општествената одговорност да премине во (морален) императив е комплексно, од причина што одговорноста треба да се поседува во внатрешноста на функционирањето на компанијата и во начинот на размислување. Како компанија, веќе подолг период организираме активности што се поврзани со општествена одговорност. Сериозен чекор направивме во 2011 година, со основањето на фондацијата „Даути", во која се канализирани сите инвестиции и активности од тој тип, а за неколку години успеавме да мотивираме повеќе од 20 компании да партиципираат во овој процес. Од годинава, фондацијата е преименувана во „Албиз".

Објавувањето на донациите по медиумите и по социјалните мрежи има позитивни и негативни страни. Кога станува збор за поголеми донации, во случајов поради елементарна непогода, потребна е поголема синергија за штетите да бидат санирани брзо и ефикасно, за луѓето да можат да живеат и да функционираат нормално. Во тој случај, каква било објава за донација треба да се прими позитивно, како пример од други компании, па и од физички лица, зошто да не? Секоја помош е добредојдена.

Концептот за општествено одговорно дејствување во компанијата е потребно да доаѓа од повисока инстанца, а иницијатива треба да има и од двете страни – и од вработените, и од директорот. Вработените треба да придонесат со идеи, додека врвниот менаџментот е тој што ќе ги инкорпорира идеите на сите партиципиенти и ќе ги реализира.

Одговорноста да се помогне на вработен, можеби е и најголемата одговорност за секој сопственик. Конкретно, за последните случувања, како компанија се организиравме на тој начин што вработените и нивните семејства ги пријавија штетите кај нас, формиравме комисија што ќе постапи по тие пријави и ќе ја утврди висината на штетата направена од поплавите, за да им се помогне да се вратат во првобитната состојба.

Обврска на компаниите е да плаќаат даноци

Анатол Кутревски, втор извршен директор, „Пекабеско"

Општествената активност на фирмите за време на големи непогоди е избор, за кој се одлучија голем дел од компаниите и донираа. Сепак, главната обврска на компаниите е контунуирано да плаќаат даноци, преку кои државата ќе може да ги подмири штетите од кои беа погодени многу семејства. Само од донации, штетата и болката може да бидат ублажени, но не и да се санираат.

Објавувањето на донациите на медиумите или на социјалните мрежи не треба да биде пренагласено. Јавната објава може да претставува поттик и за другите компании да се вклучат во донациите, но само ако е во умерен облик.

Иницијативата во една компанија за општествено-одговорна активност треба да ја поттикне сопственикот, односно директорот. Кога станува збор за помош на вработените кои доаѓаат од загрозените места, во „Пекабеско" ги ослободивме од работа сите чиишто домови беа погодени од поплавите. Исто така, одредивме и буџет за помош што ќе им го исплатиме, со кој барем малку ќе придонесеме за враќање на нивните нормални услови за живеење.

Моралноста и одговорноста - всадени во свеста

Митко Јанчев, генерален менаџер, „Кожувчанка"

И воопшто да ги немаме oвие непогоди, а кога веќе се случуваат и се дел од нашето секојдневие, мора интервентно, брзо и ефикасно да одговориме на овие ситуации. Пред сè, за да се однесуваме морално и општествено одговорно, мора сите постојано да работиме на оваа проблематика и тоа да биде всадено во нашата свест, како личности и како граѓани. Во тој случај, кога би дошло до несакани ситуации или непогоди, сите ќе знаеме како да реагираме, односно секој поединец, колектив, компанија и институција, според можноста, ќе излезе во пресрет и ќе помогне.

Не постои единствено правило или став околу прашањето дали донациите да се објавуваат или не. Сепак, мислам дека добро е да се објави медиумски, бидејќи кај нас сèуште не е развиена свеста на високо ниво околу општествената одговорност, па тоа е еден од начините да се поттикнат јавноста и граѓаните масовно да се придружат во донирањето и во хуманоста, кои не значи дека секогаш мора да бидат изразени финансиски. Постојат и други начини на кои може да се помогне. Точно е дека тоа, можеби, во многу случаи се злоупотребува, па затоа не треба да биде премногу медиумски експонирано и да се обрне повеќе внимание околу тоа како и каде завршуваат донациите.

Во зависност од тоа како се поставени работите или хиерархијата во една компанија, така и функционира организацијата, па оттаму доаѓа и иницијативата за секоја идеја или проект. Ние, како компанија, работиме и функционираме заеднички, како една целина или семејство, па така и ги носиме и иницијативите и ги спроведуваме одлуките. Сметаме дека клуч за успехот е кога сите се чувствуваат како дел од заедницата и навремено и транспарентно се вклучени во процесите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...