Опасност од губење на странските пазари
Стопанска комора на Македонија
Тргнувајќи од актуелните состојби во земјата, Стопанската комора на Македонија, оцени дека е потребно да спроведе анкета меѓу своите членки, во насока на дефинирање на проблемите со кои моментално се соочуваат компаниите и кои влијаат на условите за стопанисување.
Во периодот од 19 до 22 април 2016 година, кога се спроведуваше анкетното истражување, добиени се одговори од 1.000 компании од различни стопански дејности и тоа од компании од индустријата, дрвната индустрија, земјоделско-прехранбениот сектор, услужните дејности (осигурување, ИТ-индустрија, комунална дејност, угостителство и туризам), текстилно-кожарскиот сектор и од градежништвото.
На прашањето Дали во моментов во Вашата компанија има најави за откажување на договори кои ги имате со странски партнери?, потврдно одговориле 37 отсто, а 63 отсто одговориле дека засега немаат најава за откажување на договорите што ги имаат склучено со странските партнери. Од компаниите кои одговориле потврдно, наведени се следните забелешки:
- Има откажување на посети кои биле најавени од потенцијални странски партнери, што предизвикува губење или одложување на нови потенцијални нарачки. Тие ќе предизвикаат сериозни проблеми во поглед на пополнување на производствените капацитети на компаниите за наредниот период;
- Има најава за откажување на веќе склучени договори со купувачи кои се претежно од земјите на Европската Унија и од Русија. Тие се загрижени за можноста, домашните компании да вршат редовна испорака во согласност со актуелните случувања. Доколку дојде до откажувања на договорите, за кои компаниите имаат направено план за производство за годинава, се стравува дека ова ќе резултира со намалување на бројот на вработени и ќе влијае на ликвидноста;
- Се очекува намален прилив на гости во земјата, што ќе влијае на намалување на бројот на резервации на соби, како и користење на угостителски и конференциски услуги;
- Поради состојбата и настанатите промени во министерствата за економија и за животна средина, не се процесуираат навремено редовните административни постапки.
Како резултат на актуелните состојби, испитаните компании ги наведоа клучните проблеми со кои се соочуваат во тековното работење, меѓу кои се:
- Проблеми со ликвидноста – 55 отсто од компаниите навеле дека немаат проблем, додека 45 отсто од компаниите потврдиле дека имаат проблем со ликвидноста. Како причини за проблемот со ликвидноста компаниите ги навеле: намалена наплата на побарувањата, која е поизразена од домашните купувачи; иако се врши авансно плаќање за набавка на суровини и на репроматеријали за потребите во производствениот процес, купувачите сѐ почесто бараат одложено плаќање; поради ова се стравува и од намалување на високостручниот кадар потребен за изработка на проекти за извоз;
- Проблеми со извозот – 83 отсто од компаниите одговориле дека не се соочуваат со проблеми во редовните извозни активности, а потврдно одговориле 17 отсто од анкетираните;
- Проблеми со увозот – 86 отсто од компаниите навеле дека немаат, само 14 отсто одговориле дека имаат проблеми при увозот.
Генерално, наведените проблеми во одговорите на прашалникот не се резултат само на моменталните состојби во земјата. Најголемиот дел од нив се проблеми што континуирано се провлекуваат веќе подолг период во тековното работење, а сега само е поизразена нивната тежина.
Во поглед на заинтересираноста на странските инвеститори, присутна е одредена доза резервираност за нивно понатамошно инвестирање во земјата.
Во моментов се соочуваме со најави од ЕУ за одземање на препораката за претпристапни преговори на Македонија со Европската Унија, што може да се случи во јуни годинава, кога ќе се носи одлуката од Европскиот совет.
Постои загриженост како актуелните состојби би се одразиле врз стопанството и како би се одвивала соработката со партнерите од земјите членки на Унијата.
Засега, најголема опасност се гледа во губењето на постојните и на потенцијални странски партнери со кои соработуваат или планираат да соработуваат македонските компании. Веќе имаме примери од компании на кои во контакти со странски партнери им е наведено дека како земја сме карактеризирани како „ризично подрачје". Затоа кај странските партнери, се јавува резервираност во соработката поради постоење на ризик од ненавремена испорака на производи, односно услуги или неможност за реализирање на планираниот извоз. Ова би можело во голема мера да влијае на нашата надворешно-трговска размена со земјите од ЕУ со кои имаме значителна размена.
Неизвесност во работењето на компаниите
Благица Петрески, извршен директор во Институт за економски истражувања и политики „Финанце тхинк" (Finance Think)
Економијата не е имуна на случувањата во опкружувањето, било во земјата или надвор од неа. Така, политичката криза негативно се одразува врз економијата.Таа го зголемува политичкиот ризик за земјата и тоа дава негативни сигнали кон два канали: странските инвеститори и потенцијалните кредитори. Прво, неизвесноста за идните економски и даночни политики ги одложува одлуките за инвестиции како на домашните, така и на странските инвеститори. Главно, капиталните и подолгорочните инвестиции трпат во еден таков контекст. Тука спаѓаат и сите стратешки инвестиции како воведување нови линии производи, иновации, проширување на прозиводството. Второ, идните кредитори политичкиот ризик ќе го калакулираат во каматните стапки и тоа ќе предизвика нивно зголемување. Тоа, пак, може да го намали кредитирањето и да ја загрози ситуација со ликвидноста на бизнис-секторот во земјата.
Според податоците за потрошувачката кошница на четиричлено семејство, не постојат големи разлики пред почетокот на политичката криза (март-април минатата година) и сега. Куповната моќ на граѓаните зависи од целокупниот економски пораст, расположливиот доход и од цените. Во изминатиот период цените беа стабилни, не постоеја никакви инфлаторни притисоци, а економскиот пораст беше задоволителен. Но, ова се само краткорочни согледувања. Политичката криза која трае подолг временски период, може на среден рок да се одрази и врз целокупната економија и да го намали животниот стандард на граѓаните.
Во поглед на економските санкции од Европската Унија за Македонија, не очекувам таков тип санкции. Можни се политички санкции, затоа што трговијата помеѓу нас и Европската Унија е регулирана со Договорот за стабилизација и за асоцијација. За мене, како економист, позагрижувачки се ефектите од политичката криза и неизвесноста и без да постојат санкции. Неизвесност за идни испораки на производи и на услуги, навремено плаќање на производите и слично.
Економско преживување
Професор д-р Сами Беслими
Влoшувањето на политичката клима во земјата ќе има соодветно влијание и врз правецот и врз динамиката на развој на економските текови. Негативните импликации веќе ги чувствуваме и доколку во најкратко време не се најде решение, тогаш најверојатно ќе зборуваме за последици од поголеми размери врз сите сектори на стопанството. Најпрво, во услови на политичка криза, доаѓа до намалување на агрегатната побарувачка (личната и инвестиционата потрошувачка), тенденција што се рефлектира и врз намалување на агрегатната понуда. Во такви услови, стопанската активност се одвива со позабавена динамика (под својот производствен капацитет), економијата испорачува помалку нова вредност, како рефлексија на намалената агрегатна побарувачка. Истовремено, како последица на политичката криза, доаѓа до намалување на надворешно-трговскиот промет. Од друга страна, надворешните партнери се пребирливи и соработуваат само со партнери кои се сигурни во континуитетот, што испорачуваат навремено и квалитетно, под услови кои важат на пазарот. Одржувањето на стопанската активност на постојното ниво би било можно доколку се спроведе политика на поттикнување на побарувачката (поекспанзивна фискална и/или монетарна политика). Во таков случај потребно е дневно следење на состојбата, од причина што тоа може да ја загрози стабилноста на општото ниво на цените, како и стабилноста на девизниот курс на националната валута. Монетарната власт во земјата, во согласност со нејзината основна цел, пристапи кон спроведување на поинаков пристап, жртвувајќи ја реализацијата на проектираната стапка на економски пораст, во корист на стабилноста на општото ниво на цените и на девизниот курс. Наместо да го стимулира економскиот пораст, преку зголемување на монетарните фактори, монетарната власт се определи за спроведување порестриктивна монетарна политика на одржување на макроекономската стабилност како приоритетна цел. Една од првите мерки на монетарната власт деновиве беше зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка од 3,75 отсто на 4,0 отсто, за прибирање на вишокот пари во оптек. Тие се убедени дека со тоа ќе се намали притисокот на побарувачката на ефективни странски парични средства (валути) на пазарот. Таквата мерка на монетарната власт веројатно ќе влијае на зголемување на каматните стапки и на комерцијалните кредити, со што по автоматизам доаѓа до зголемување на трошоците за финансирање на стопанството и на населението, а тоа секако ќе има негативно влијание врз ценовната конкурентност на домашното стопанството, но и негативно влијание врз животниот стандард на населението. Политиката на скапи пари, во услови на ниска стапка на инфлација (-0,3 отсто кон крајот на 2015 година), обезбедува стабилност на општото ниво на цените, како и стабилност на девизниот курс на националната валута, но не и повисока стапка на економски пораст, како една од основните цели на макроекономската политика. Од претходно изнесеното може да се заклучи дека во услови на политичка криза доаѓа до промена на приоритетите на носителите на економската политика, но и на приоритетите на дејствување на стопанските субјекти. Наместо реализација на основните макроекономски цели, носителите на економската политика се преокупирани со решавање на акутните дневни проблеми, а основен предизвик им е оддржување на континуитетот и на функционалноста на стопанскиот организам, од една страна, додека на стопанските субјекти, свесни за ризикот од влошената политичка клима, приоритет им се обезбедување сигурност на капиталот и оддржување на континуитетот на економската репродукција. Во такви услови не може да се зборува за активности кои би значеле зголемување на инвестиционата активност, за активности во зголемување на текот на физичкиот и на хуманиот капитал, во примена на нови знаења и технологии и слично. Активностите во функција на промена на постојната структура на производство, потоа збогатување на асортиманот, т.е. миксот на производство во услови на политичка криза, не се од приоритетно значење, туку, едноставно, во такви услови приоритет на економските субјекти е економското преживување.
Во услови на политичка криза доаѓа до влошување на економско-социјалниот статус на најголем дел од граѓаните. Тоа особено доаѓа до израз во земјите што се соочуваат со проблемот на висока стапка на невработеност, со ниски и нередовни приходи, како и со проблемот на големи социјални раслојувања. Според податоците на Државниот завод за статистика, цените на мало во март 2016 година во споредба со март 2015 година покажуваат тенденција на минимален пораст (индекс 100,2), цените на земјоделските производи во истиот период покажуваат тенденција на намалување (индекс 92,1 ), додека трошоците на живот се речиси непроменети (индекс 100,1). Тоа значи дека проблемот на нискиот животен стандард на населението не е постојното ниво на цените, туку ниското ниво на остварени приходи, високата стапка на невработеност, како и големите разлики во однос на остварените приходи помеѓу различните социјални групи. Просечно исплатената нето-плата во февруари 2016 година изнесува 21.813 денари, што е значително пониска во однос на трошоците за живот. Во полоша социјална состојба се вработените од пооделните гранки на индустријата (текстилната, кожарската индустрија, земјоделството, шумарството и слично, кои остваруваат далеку пониски нето-примања од просечно исплатениот износ на нето-плата). Во слична незавидна социјална состојба се голем дел од пензионерите чии примања се далеку пониски од просечно исплатената пенија (13.076 денари во јануари 2016 годиина). Секако, во најлоша социјална состојба се невработените, чиј број во февруари годинава изнесува 233.767 лица. Тие, како и голем дел од вработените што примаат далеку пониски примања од просечно исплатената нето-плата, но секако и добар дел од пензионерите со ниски примања, се соочуваат со проблемот на сиромаштија. Доколку се смета за веродостојна процената дека во земјата има околу 558.000 семејства, додека вкупниот број на вработени изнесува 715.758 лица (декември 2015 година), тогаш во просек излегува дека секое семејство во земјата има по еден вработен, додека 157.758 семејства имаат по двајца вработени. Сето тоа би било во ред доколку би било така, но прилично голем број од домаќинствата немаат ниту еден вработен, а тоа значи дека немаат никакви приходи. Влошувањето на политичката криза секако влијае на влошување на економско-социјалниот статус на граѓаните. Најпрво, граѓаните свесно се откажуваат од купување на добра кои не им се најнеопходни, но и ја редуцираат вкупната потрошувачка. Со тоа дел од средствата ги чуваат како резерва која може да им се најде доколку работите се одвиваат во неповолна насока.
Доколку во најкратко време политичката криза во земјата не биде решена во согласност со препораките и со сугестиите на претставниците на меѓународната заедница, пред сè на ЕУ и на САД, тогаш голема е веројатноста дека земјите членки на ЕУ ќе пристапат кон спроведување на одреден вид санкции. Се надевам дека тоа нема да бидат санкции кон земјата, во смисла на одземање на препораката за почнување преговори за полноправно членство во ЕУ, уште помалку, ставање надвор од сила на сите склучени договори за слободна трговија со земјите членки на ЕУ. Најверојатно, доколку не се најде решение на политичката криза, на удар на санкции ќе се најде добар дел од раководната структура која не се покажала како кооперативна во процесот на преговорите. Искрено се надевам дека ќе преовладува разумот и дека сегашната кризна состојба ќе биде надмината. Во спротивно, последиците за домашната економија би биле катастрофални. Податоците за учеството на земјите членки на ЕУ во увозот (повеќе од 62 отсто) и извозот (повеќе од 77 отсто) доволно зборуваат за значењето на заедничкиот европски пазар за домашната економија.
Се вчитува следна вест...