Вкупниот профит што банките го остварија лани изнесува, за македонски услови, фантастични 75,4 милиони евра, што е 47 отсто повеќе во споредба со минатата година.
Денес е тешко да се работи во Македонија. Партизираните институции, нискиот деловен морал, нелојалната конкуренција, политичката криза… се само некои од клучните пречки што ги истакнуваат бизнисмените. Затоа, дури и за оптимистите, пријатно беше изненадувањето кога официјалната статистика го објави податокот дека лани македонската економија остварила пораст од 3,7 отсто, меѓу најдобрите во регионот, па и во Европа.
Ниту конјуктурата на светскиот пазар не им оди од рака на цели сектори. На пример металургијата, една од клучните гранки, е на колена. Ниските цени на металите на светскиот пазар, но и некои домашни околности, влијаеја металците да ги живеат најтешките денови. Предупредуваат дека падот на производството и на извозот и нередовните нарачки можат да доведат до намалување на бројот на вработените во овие компании, па дури и ставање клуч на врата кај некои од нив.
Затоа, пак, зад градежниците е уште една добра година. Според официјалните податоци, излегува дека токму овој сектор лани, со пораст од 16,8 отсто, бил движечката сила на македонската економија.
Но, повеќето економисти токму во структурата на градежната активност ја гледаат и најголемата слабост. Причината е што катализатор за ваквиот пораст на градежниот сектор не беа приватните, туку инвестициите во инфраструктурата што се финансираат од буџетот или со странски позајмени пари. Оттаму и дилемата кај нив колку ваквиот пораст е одржлив на подолг рок, имајќи предвид дека државата веќе нема комотна позиција за понатамошни задолжувања.
Но, ако се суди според профитите од минатата година, за главен добитник може да се прогласи банкарскиот сектор. Банките уште еднаш се покажаа како поотпорни од повеќето компании кога станува збор за работење во прилично сложени услови, какви што беа изминатите 12-13 месеци, колку што трае и политичката криза во Македонија. Таков заклучок се наметна откако Народната банка на Македонија објави податок дека вкупниот профит што банките го оствариле лани изнесува, за македонски услови, фантастични 75,4 милиони евра, што е 47 отсто повеќе во споредба со минатата година. Како им успеа во услови кога каматите на кредитите се намалуваа? Главно, така што тие уште побргу ги намалуваа каматните стапки на депозитите, велат аналитичарите. Во јануари, на пример, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесуваше 6,5 отсто, за 0,6 процентни поени помалку во однос на јануари минатата година. Истовремено, просечната камата на вкупните депозити беше 1,9 отсто, исто така за 0,6 процентни поени помалку, што покажува дека банкарите работеле со солидна разлика меѓу прибраните и пласираните средства.
Но, и во овој сектор е дојдено до граница што значи ограничен маневарски простор за понатамошни чекори. Банките, практично, нема да можат уште многу да играат на картата на помали каматни стапки за депозитите, без опасност да ги загубат штедачите. Среќна околност за нив е што граѓаните и понатаму парите ги чуваат во вид на заштеди во банки, а не како инвестиција во хартии од вредност или други форми на вложување.
На Берзата, на пример, има неколку акции чија дивиденда им донесе на акционерите солидни приноси. Традиционално, станува збор за „Алкалоид", „Македонски телеком", „Македонија турист", „Реплек", „ТТК банка". Овојпат акционерите пријатно ги изненади и „Тетекс", а по двегодишна пауза меѓу акционерските друштва што исплаќаат дивиденда е и „Комерцијална банка". Генерално, приносите од акциите се од 3,9 до 11,5 отсто кај споменатите компании.
Како што може да се заклучи, и покрај повеќе од солидниот пораст лани и уште подобрите очекувања за годинава, во механизмот кој ја раздвижува домашната економија има уште многу делови што треба да се синхронизираат. Некои, како цената на суровините на светскиот пазар, се надвор од дофатот на домашните креатори на економската политика. Но, не се малку и работите врз кои може да се влијае. Некој се во доменот на компаниите, а некои, како оние од почетокот на текстот, бараат и поинакви ангажмани и решенија.
Банките нема да можат уште многу да играат на картата на помали каматни стапки за депозитите, без опасност да ги загубат штедачите. Среќна околност за нив е што граѓаните и понатаму парите ги чуваат во банки, а не во други форми на вложување. |
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.