Актуелно

Мирче Јовановски: Виртуелна реалност

18 Mar 2016
 
Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"

Вниманието на јавноста се оттргнува од реалните социјални проблеми со креирање етничка загрозеност и со пикантерии во тајно снимени телефонски разговори.

На македонските граѓани не им се потребни никакви технолошки играчки или уреди на очите за да ја  живеат виртуелната реалност што им ја сервираат политичките партии.

Како што наближува датумот за презакажаните предвремени парламентарни избори на 5 јуни (откако пропадна првично предвидениот термин на 24 април), не само што се засилува реториката, туку секојдневно сме сведоци на бројни подметнувања и на потези што можат да ја насочат земјата кон уште поопасни води од тие во кои веќе се наоѓа. Општеството е поделено до крајни граници, секој предлог или потег се оценува низ призмата на „наши" или „ваши", односно ако не си со нас, веќе си државен непријател. Иако е реална опасноста таквата поделеност да предизвика уште поголеми потреси со несогледливи последици, наместо создавање услови да се излезе од ваквата состојба, секојдневно се долева масло на огнот.

Така, на најпримитивен начин се користат национални и верски симболи за да се обележат јавните површини што им припаѓаат на сите граѓани, без оглед на нивната етничка или верска припадност, како „свои" територии. Тоа се прави на секој чекор и надвор од каква било нормална процедура карактеристична за демократски општества.  И тоа не од кого било, туку од луѓе што се избрани да им служат на граѓаните и на јавниот интерес, а не на партиските или на желбите и на визиите на поединци.

Партиските машинерии се ставени во погон да креираат проблеми наместо да нудат решенија за постојните. Преку ноќ никнуваат орли и крстови, педесетметарски јарболи, цркви и џамии...

Истовремено, интернет-платформите наместо за презентирање креативни идеи, се злоупотребуваат и се користат како вистинско бојно поле каде што се подметнуваат највалкани работи, кои буквално влегуваат во спалните соби и во тајните афери на поединци.

Вниманието на јавноста, од една страна, е преокупирано со креираната етничка загрозеност, а од друга, со пикантериите со кои изобилуваат тајно снимени телефонски разговори, кои сега се објавуваат на „Јутјуб". Не станува збор за опозициските „бомби" кои сега се дел од истрагата што ја води Специјалното обвинителство, туку за новообјавени разговори што можат да се сместат во графата „секс, лаги и видеоленти" и кои немаат никакви допирни точки со некаков јавен интерес (освен ако под ова не се подразбира разоткривањето какви сè тајни во приватниот живот кријат некои јавни или помалку познати личности).

Неволјата да биде уште поголема, во целата оваа мешаница, активно се вклучени и повеќе медиуми, кои наместо да се водат од начелото јавноста да ја дознае вистината, тие повеќе се ставаат во улога на носители или поддржувачи на така креираната виртуелна реалност.

Во овој контекст, кој да мисли на секојдневните проблеми, односно на вистинската реалност што ја живее најголемиот број од граѓаните. На пример, дека платите во Македонија се најниски во регионот, а со тоа и на дното во Европа, дека невработеноста и понатаму е меѓу највисоките, дека поголемиот дел од луѓето се принудени да преживуваат со 200 евра (или помалку) месечно, дека бенефиците кои се множат преку ноќ, како што се ближи датумот на изборите, не се решение за социјалните проблеми што ги мачат граѓаните... Или дека младите масовно заминуваат од земјата, барајќи ја среќата некаде каде што наместо партиската припадност, повеќе се цени стручноста, каде што владеењето на правото не е само празна фраза и каде што платите односно примањата се такви што многу и нема да им значи ако платат за некоја услуга, наместо да се радуваат на „бесплатниот ручек" кој тука толку великодушно им го „сервираат" политичарите.

Оптимизам, сепак, нуди еден нов тренд што е присутен во последно време, а тоа е сè поизразената граѓанска свест, особено меѓу младите и кај невладините здруженија.

Студентските протести минатата година, како и протестите на еколошките здруженија или на велосипедистите, покажуваат дека за земјата има надеж. Друго е прашањето дали некоја од релевантните политички партии ќе го препознае тоа и ќе го преточи во политичка програма. За такво нешто не се потребни никакви очила или софистицирани уреди за виртуелна реалност, туку само визија за иднината.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...