Актуелно

Мирче Јовановски: Валутен одбор

19 Feb 2016

Клучниот проблем во Македонија е партизираноста и целосната недоверба во општеството и во постојните институции

Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"
 
Валутен одбор или фискален совет? Двете или ниту едното? Што ѝ е потребно на Македонија за да се справи со ситуацијата, која се заканува да се претвори во хаотична, доколку политичките лидери не се согласат на некое компромисно решение што ќе ја врати земјата на нормален пат. 
 
Една изјава на директорот на Комерцијална банка и поранешен премиер, Хари Костов, дека е потребно формирање домашен валутен одбор или фискален совет, како дел од решенијата за излез од кризата, е на добар пат да има „ефект на пеперутка", имајќи ги предвид реакциите и дебатите што ги предизвика. 
 
Што конкретно предложи Костов, во рамките на тоа што го подразбира под крупни промени во свеста на политичките елити, но и на мнозинството граѓани, кои можат да ја придвижат Македонија во правилна насока? Накусо, тој смета дека мора да се создадат инструменти, нови институции што ќе го одземат „суверенитетот" од власта врз јавните финансии и ќе функционираат со консензус (за задолжувањето и извршувањето на буџетот), нешто како домашен валутен одбор или фискален совет, во кој ќе седат и експерти од меѓународни финансиски институции, со право на одлучувачки глас. 
 
Во вжештена политичка атмосфера, како актуелната во Македонија, тоа беше доволно да се активираат партиските аналитичари, аргументирајќи ги, секој од своја страна, позициите категорично „за" и „против" ваквиот предлог. 
 
Управувањето со јавните финансии и трошењето на народните пари подолго време се цел на бројни критики. Од една страна, Министерството за финансии успешно ја затвора буџетската рамка. Даночните стапки се меѓу најниските во регионот, a одговорот на носителите на економската политика е кус – Македонија е ниско задолжена земја, има меѓу пониските буџетски дефицити и нема проблеми со отплата на кредитите. 
 
Од друга страна, не е мал бројот на реномирани економисти што укажуваат на зголемувачкиот тренд на задолженоста, но и на непродуктивните трошења на јавните пари за изградба на административни згради, наместо за инфраструктурни проекти... Власта се фали дека пензиите од 2006 година досега се речиси удвоени, но податоците покажуваат дека платите на вработените во стопанството, во истиот тој период, се зголемени за скромни 759 денари или за само дванаесетина евра, со што македонските плати се убедливо меѓу најниските во регионот, а со тоа и во Европа. Задолженоста се зголемува не само надвор, туку и на домашниот пазар, за што постојано се издаваат државни обврзници во поголем износ отколку тој на долгот што стасува за отплата. 
 
Повеќето економисти сметаат дека класичен валутен одбор, сепак, е непотребен за Македонија, имајќи ја предвид стабилноста на домашната валута и на банкарскиот сектор. Но, фискалниот совет не се исклучува како опција, иако има прилично сомневања како би функционирал во практика. 
 
Клучниот проблем во Македонија е партизираноста и целосната недоверба во општеството и во постојните институции. Поделбите се од таков степен што се закануваат да предизвикаат имплозија. Уште предминатата година, академиците посочија дека клучната криза кај нас е кризата на институциите што немаат своја слобода и автономија за успешно да ги решат клучните проблеми на општеството. 
 
Дилемата е дали со воспоставување нови модели и институции врз постојните темели, ќе се реши проблемот? Со оглед на искуството од изминатите години и неможноста да се изгради консензус и за најбитните прашања, одговорот, се чини, е познат однапред. 
 
Или, пак, вистинскиот пристап е изградба на потолерантно општество, во кое политичките противници ќе бидат ривали, а не непријатели, како и враќање на институциите во колосек, што подразбира нивна професионализација и департизација.
 
Доколку парламентот биде вистинското место за дебата и за контрола на извршната власт и доколку собраниските комисии функционираат како што треба, веројатно тие би биле најсоодветниот фискален совет, па и валутен одбор, многу поефикасен отколку неколку експерти кои, барем таква е практиката кај нас, не се независни, туку најчесто протежираат некоја страна.
 
Истото важи и за другите институции што постојат, а кои имаат контролни функции, како, на пример, Државниот завод за ревизија, Комисијата за спречување на корупцијата... 

Така, може да се очекува и вистинскиот ефект на пеперутка – кога ќе замавнат „крилјата" на некоја од независните институции, благиот ветер што ќе го предизвикаат, да создаде вистинска бура на другиот крај – таму каде што некој ги прекршил правилата или направил некоја злоупотреба.




 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...