Актуелно

Посетивме: AllWeb – конференција за маркетинг на дигитални медиуми

21 Dec 2015

Kонференцијата посветена на дигиталниот маркетинг во Македонија, AllWeb, се одржа на 13 ноември во хотелот „Александар палас" во Скопје. Околу 250 учесници имаа можност да се запознаат со десетина предавачи и да го слушнат панелот „Clash of Clans" меѓу македонските медиумски агенции.

Целта е на нашите компании, организации и претприемачи да им го доближиме начинот на кој глобалните и регионалните компании ги интегрираат дигиталните комуникации во бизнис-стратегиите. Од година во година се обидуваме да опфатиме повеќе теми од различни аспекти, па затоа и програмата е динамична, со голем број различни луѓе на сцена, вели Дарко Булдиоски од „Њу медиа MK", организатор на конференцијата.

Ориентирана кон дигиталното, но и со неколку предавачи кои направија дигресија, конференцијата AllWebја постигна целта – корисни и освежувачки предавања за македонската маркетинг-бранша.

Конференцијата ја отвори Иван Миниќ, консултант за интернет-маркетинг, дизајнер и автор на проектот MojaFirma.rs. Целта ми беше да ги разбудам луѓето преку приказните за претприемништвото и за мотивацијата, преку практични примери од реалниот живот кои во претходните неколку месеци ги обработивме на порталот MojaFirma.rs, изјави тој, откако ги пренесе успешните претпремнички искуства на сцената во Србија и најважните фактори за успех.

Павел Коленда, директор за истражувања во ИАБ (Interactive Advertising Bureau) во Полска, прикажа неколку интересни податоци, од истражувањето „Digital Scope" спроведено во Југоисточна Европа. Според презентираните информации, 41 отсто од корисниците додека гледаат телевизија, сурфаат по веб-страниците, 40 проценти проверуваат мејл, а 35 отсто се занимаваат со активности поврзани со училиштето или работата. Најголемиот дел од нив ги користат паметните телефони за таа цел.

Ружица Врдољак од хрватската агенција „404" покажа како се води комуникација на социјалните мрежи преку примерот за настапот на шоуто „The Voice", кое на „Твитер" стана глобален тренд и стигна до второто место. Таа истакна дека е особено важно да се креира различна содржина за секоја социјална мрежа и да се користат и новите канали, т.е. оние кои штотуку се појавиле. Во случајот „The Voice", тоа е паметно искористениот „Перископ". Заклучокот беше дека добрата содржина не е доволна – неопходна е и квалитетна комуникација.

Во предавањето „Farewell digital",Дејв Бирс,креативен директор во „Драм студиос", се обиде да објасни дека дигиталното не е одвоен дел од маркетингот и дека иднината е во единствениот пристап што оди во корист на сите достапни канали за најголем и за најдобар ефект. Големиот мотиватор и фантастичниот говорник, со публиката сподели бројни интересни проекти на кои работи. Неговите изјави: Подобро многу мали идеи, отколку една голема! иЛуѓето од „дигиталното" се најдобри, затоа што се фокусирани на иднината, се реплики што остануваат отворени за цитирање и за дискусија.

Пораката треба да биде суштина на секоја маркетинг-стратегија!, беше заклучокот на Татјана Забасу од „Саут централ венчрс" (South Central Ventures). Таа  претстави неколку иновативни проекти во кои инвестирале и сподели информации каде инвестирале и кои се спецификите на компанијата што ќе го привлечат вниманието на инвеститорите.

Никола Јовановиќ од „Лампшејд медиа" зборуваше за дистрибуцијата на музички материјали и за состојбата со заштита на авторските права во регионот. За кризата, задолжени се картелите што ја контролираат медиумската сцена, но има надеж и можности „да се живее" и од музиката.

Mирослав Варга и Иван Речевиќ, секој од свој агол, како лиценцирани тренери на „Гугл", презентираа што може да донесе аналитиката и како времето посветено на истражување може многукратно да го зголеми резултатот од огласувањето. За да ве најдат луѓето, мора да знаете што тие бараат! – гласеше наравоучението за присутните.

Младиот инстаграмџија Максимилијан Мунк од Германија откри како љубовта и страста кон фотографијата ги претворил во бизнис. Денес тој има 117.000 следбеници на „Инстаграм" и бројни брендови што му плаќаат да го запознае светот и да го сподели со неговите пријатели.

ЦрногорецотВладимир Вулиќ (Digitalizuj.me) раскажа за тоа како некои бизниси со поинаков пристап на решавање на проблемите и на предизвиците станале поуспешни: Проблемите и околностите, иако не можеме да ги игнорираме и секогаш да ги победиме, сепак можат да бидат и од наша корист.

По Вулиќ, на сцената се случи жестоката панел-дискусија меѓу претставници од агенциите во Македонија – Александра Дилевска од „Публицис" – Македонија, Владимир Димовски од „Мекен Адриатик" и Сашо Пешев од „Њу момент". Тие дискутираа околу прашањето дали и колку традиционалните маркетинг-агенции од Македонија имаат и развиваат капацитет и ресурси за да одговорат на новите предизвици.

Пол Пападимитриу, основач и домаќин на шоуто „Дигитал луп" и кодомаќин на најважната европска конференција за технологија LeWeb, ја затвори конференцијата. Во енергичното предавање, со присутните сподели како настануваат иновациите и што е потребно да се промени во начинот на размислување. Заклучокот гласеше: Иновациите се новата нафта. Тој изнесе бројни совети за компаниите кои сакаат, т.е. мораат да бидат иновативни, бидејќи во спротивно ќе згаснат.

Четврта конференција AllWeb инспиративно и конкретно им зададе домашна задача на присутните – како да бидат попаметни и порешителни за тековната година да биде најуспешна!



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...