Актуелно

Мирче Јовановски: „Опозициски“ буџет

16 Mar 2016

Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"

Иако со присуството на опозицијата во расправата и во гласањето (првпат по три години), буџетот го доби легитимитетот во Собранието, пред овој документ е многу потешка задача - да се потврди и во реалноста.

Македонија доби досега најголем буџет - идната година Владата ќе може да смета на речиси 3,2 милијарди евра, за 4,7 отсто повеќе од предвидените расходи за годинава. Но, иако во прашање се огромни пари за мала економија како што е македонската, ова можеби и не е главната вест. Исто толку важен, ако не и поважен од износот на расходите е фактот дека првпат по три години најважниот економски документ е донесен со присуство на опозицијата во Собранието, па оттаму и предзнакот „опозициски".

Присуството на опозицијата, сепак, не ја разниша намерата на власта да донесе буџет по своја мерка, онака како што таа замислува дека треба да се трошат јавните пари во 2016 година. Тоа го вклучува и буџетскиот дефицит кој надминува 300 милиони евра или 3,2 отсто од домашниот бруто-производ, пари кои во голема мера треба да се покријат со новата, трета по ред еврообврзница. Уште поголем проблем е што во изминатите неколку години имаше потфрлања токму во големината на буџетскиот дефицит, кои по правило, на крајот, излегуваа поголеми од проекциите. Така, лани наместо предвидените 3,5 отсто од БДП, буџетскиот дефицит достигна 4,2 отсто, годинава требаше да се сведе на 3,5 отсто од БДП, а се проценува дека ќе изнесува 3,6 отсто.

Тоа беше и повод некои економисти да изјават дека Буџетот за 2016 година е со фабричка грешка, односно со проекции кои уште сега е јасно дека тешко можат да се реализираат. Тоа значи дека дефицитот ќе биде поголем, а со тоа и вкупниот долг на државата.

Главниот проблем на македонскиот буџет се таканаречените фиксни трошоци, кои според пресметките на универзитетски професори, зафаќаат дури 80 отсто од вкупната сума на расходите. Состојбата се усложнува поради тоа што последниве години овие износи постојано се зголемуваат, а така ќе биде и наредната година за кога е најавено зголемување на пензиите и на социјалната помош за пет отсто... Поради тоа и маневарскиот простор на Владата е прилично ограничен.

Од друга страна, ако им се верува на образложенијата на владините претставници, во буџетот за 2016 година значајно е засилена ставката за капитални расходи, што е аргумент повеќе дека има силна развојна компонента. Така, за капитални расходи се проектирани 408 милиони евра, од што за патната инфраструктура е предвидено да се наменат 243 милиони евра. Од тоа, само за делницата од автопатот  Демир Капија – Смоквица се наменети 42 милиона евра, за железницата 36 милиони евра, за водоводни и канализациони мрежи 50 милиони евра, а предвидени се инвестиции и во студентски домови, реконструкција на училишта, градинки, здравствени објекти... Продолжува и значајното субвенционирање на земјоделството (за оваа цел идната година се предвидени 141 милион евра) итн. 

Колку за споредба, идната година само за плати на буџетарите ќе се потрошат 421,2 милиони евра, а за стоки и услуги 321,4 милиони евра.

Опозицијата, разбирливо, ги дочека своите пет минути, па не се воздржуваше од критикување не само на буџетските продлози, туку и на владината политика во целина, па често дебатите наликуваа на сè друго, освен на дискусии за буџетот.

Една од најголемите забелешки за буџетската потрошувачка е нетранспарентноста. Ова го нотираше и Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјата, во кој беа посочени повеќе забелешки во однос на менаџирањето со јавните финансии, (не)транспарентноста при подготвувањето на  буџетот, а загрижува и постојаниот пораст на нивото на задолженост на државата во последните неколку години.

Колку маневарскиот простор е ограничен, зборува и податокот дека со новата еврообврзница од 500 милиони долари, нивото на јавниот долг ќе се зголеми за 3 до 4 процентни поени. Иако никој не ѝ предвидува на Македонија грчко сценарио, сепак економистите се едногласни дека е потребна голема претпазливост.

На крајот, иако го доби легитимитетот во Собранието, пред „опозицискиот" буџет претстои многу потешка задача – да се потврди и во реалноста.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...