Актуелно

Мирче Јовановски: Нова бизнис-филозофија

20 Nov 2015
 
Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"
 
Стопанската комора најави дека ќе предложи свои решенија, што покажува дека бизнисот не секогаш е задоволен од она што го добива од власта.
 

Во деновите кога никој во Македонија не можеше да ја предвиди судбината на политичкиот Договор од Пржино, со кој треба да се разврзе Гордиевиот јазол на длабоките внатрешни поделби и криза, како и дали земјата ќе ја задржи препораката за преговори со ЕУ, стопанствениците се одважија и го кренаа гласот.

Ќе ја напуштиме состојбата на немо прифаќање на она што како решенија ни го нудат политичките структури и ќе нудиме наши решенија за одредени состојби кои се значајни за економијата. Тие ќе бидат далеку подобри, бидејќи ќе бидат базирани на научни истражувања, порача претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, најавувајќи нова филозофија во дејствувањето на бизнис-заедницата.  

Многумина со нетрпение чекаат да видат како ваквите храбри најави на бизнис-секторот ќе бидат дочекани од политичарите.

Меѓутоа, бизнис-заедницата, според суштината на нејзиното дејствување, нема или не би требало да има популистички пристап. Искуството, исто така, покажува дека досега бизнисот или бил прилично безгласен во однос на политиката или немал доволно храброст да тропне на маса и гласно да проговори за проблемите што го мачат, пред сè за оние што се однесуваат на ликвидноста. Законот за финансиска дисциплина со кој се пропишаа строги рокови за плаќање, не се однесуваше на државниот сектор. Сега се најавени новини што ќе почнат да се применуваат од Нова година, со кои би требало да се изедначат сите субјекти, но во јавноста сè уште има резерви во поглед на некои решенија. Особено тоа се однесува на исклучокот од правилото „плаќање во рок од 60 дена", кое нема да важи за повеќегодишните јавни набавки. А, вредноста на јавните тендери годишно е околу една милијарда евра.

Една од причините за незадоволство е и чувството дека во фокусот на власта се странските инвеститори. Оттаму, разбирлива е реакцијата на комората дека во време кога силно се инсистира и се зборува за странските инвестиции, не треба да се заборави дека и Македонија има свои компании кои се пробиваат надвор и градат производствени капацитети надвор од земјата

Од друга страна, ако се земе како репер извештајот на Светска банка за условите за водење бизнис (Дуинг бизнис) за 2016 година, кој беше објавен неодамна, излегува дека работите во Македонија стојат прилично добро. Таа е рангирана на високото 12. место меѓу 189 земји, не само најдобро во споредба со земјите од Западен Балкан, туку и подобро од многу земји-членки на ЕУ, дури и од европската локомотива Германија.

Ако се земе како репер извештајот на Светска банка за условите за водење бизнис (Дуинг бизнис) за 2016 година, работите во Македонија стојат прилично добро. Но, тој наидува на многу контроверзии, не толку поради методологијата, колку поради тоа што не ја отсликува реалноста.

Овој извештај наидува на многу контроверзии меѓу дел од економистите, не толку поради методологијата, колку поради тоа што не ја отсликува реалноста. Тоа, можеби, најдобро го покажува следниот пример: на листата земји, подредени по азбучен ред, Луксембург и Македонија се една до друга. Паѓа веднаш в очи дека големото војводство е на скромното 61. место според леснотијата за водење бизнис, а освен за регулативата за почнување бизнис, во однос на Македонија стои полошо и според други параметри, како, на пример, за регистрирањето на сопственоста, заштитата на малцинските инвеститори, па дури и за добивањето кредит каде што Луксембург е на 167. место, а Македонија на 42. позиција. Но, сите овие споредби паѓаат во вода кога ќе се фрли поглед врз нивото на националниот бруто-приход по жител, кој во Луксембург е 72.728 американски долари, а во Македонија 5.070, еден од најниските во Европа.

Но, и покрај ваквите нелогичности, сепак, странските инвеститори го земаат предвид извештајот на Светска банка кога треба да се донесе некоја важна одлука за тоа каде да ги вложат парите и, на некој начин, е поттик за властите да носат закони со кои ќе го олеснуваат водењето на бизнисот. 

Е сега, колку таквите стремежи ќе се совпаднат со она што му е потребно на бизнис-секторот, допрва треба да се види. Очигледно, според реакцијата на Стопанската комора да предлаага свои решенија, бизнисот не секогаш е задоволен од она што го добива од власта.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...