Во целата какофонија на политички дебати, тешко се пробива гласот на бизнисмените и нивните барања. На пример, ставање во рамноправна положба на сите должници, особено на привилегираните јавни претпријатија и на локалната самоуправа
Пишува: Мирче Јовановски
Македонија го живее најдолгиот предизборен период во досегашната нејзина историја како независна држава. Иако до предвремените парламентарни избори закажани за 26 април идната година преостануваат уште шест-седум месеци, целиот политички живот е ставен во посебен режим на работа и приспособен е на обезбедување подобра позиција. Локален пат овде, производствен погон онде, лавина странски инвестиции и нови работни места во најава, сечење ленти, исплата на субвенции, најави за повисоки пензии, решавање на проблемите на граѓаните и во најзафрлените места буквално „од нога", а сето тоа ревносно го следат телевизиите небаре станува збор за реално шоу...
Од друга страна, опозицијата што објективно го нема на располагање ваквиот арсенал на мерки, со сите сили „пука" од други орудија. Откако, како резултат на постигнатиот политички договор се врати во Собранието, парламентарната говорница се користи максимално. Така, повеќето министри, а особено премиерот, се најдоа на силен удар на првата седница за пратенички прашања, на која во овој собраниски состав се присутни и опозициските пратеници. Жешките афери најавени во опозициските „бомби", како и оние за корупцискиот скандал со „Маѓар телеком" сега беа стрелите чија цел беа „капиталците" од редовите на политичките противници.
Но, целиот овој амбиент, кој наликува на политичка турли-тава, ги потиснува другите животно важни теми. И тешко дека го обезбедува неопходниот консензус за економските прашања важни за иднината на земјата. Внатрешните долгови се трупаат, бројот на блокирани субјекти се зголемува, а состојбата дополнително се комплицира со проблемот со мигрантите, поради што земјите од регионот, па и пошироко, се на работ на трговска војна, чии последици ги почувствуваа и македонските транспортери и извозните компании.
Во оваа какофонија тешко се пробива гласот на бизнисмените и нивните барања. На пример, ставање во рамноправна положба на сите должници. Како што сега стојат работите, вистинска умешност е да се наплати побарување од некои од јавните претпријатија или, пак, од дел од локалните самоуправи. Додека да се решат работите, фирмата што ги извршила своите обврски и го испорачала производот или услугата, за што употребила свои обртни средства или се задолжила в банка, може да пропадне. Бидејќи, државата од своја страна нема милост за она што таа го побарува, било да станува збор за данокот на додадена вредност, разни такси или придонесите за исплата на плати и на други давачки.
Товарот врз стопанството е сè поголем. Државните потреби се зголемуваат. Владата испорача најголем буџет, кој за идната година предвидува вкупни расходи од 3,18 милијарди евра, за шест отсто повеќе од годинава. Навистина, се предвидува намалување на буџетскиот дефицит, на 3,2 отсто, но не е првпат да има вакви проекции, за потоа во реалноста да излезе спротивното. Впрочем, така беше и пред неколку месеци кога Собранието (без присуство на опозицијата) го усвои ребалансот на годинашниот буџет, кога дефицитот беше зголемен од 3,5 на 3,6 отсто од БДП.
Опозицијата, очекувано, го пречека владиниот предлог на нож – коментирајќи дека е нереален, трошаџиски, предизборен итн. Но, ако ништо друго, овојпат барем може да се очекува поквалитетна расправа за тој важен документ онаму каде што и треба – во парламентот.
Затоа, за жешки теми се потребни ладни глави. Некои земји учат на туѓите искуства. Тоа им помага да не ги повторуваат нивните промашувања. И поминуваат со пониски трошоци. Други одат по потешкиот пат – учејќи на сопствените грешки, но сепак и покрај внатрешните разлики, доаѓаат до сопствени заеднички решенија, што потоа се почитуваат од сите.
Во нашиот случај за тоа често е неопходно и поттурнување однадвор, односно посредување на меѓународниот фактор. Без нивната инволвираност во преговорите, тешко дека ќе се направеше исчекор во спроведување на Договорот од Пржино, каде летоска власта и опозицијата се договорија (исто така под меѓународен притисок) да ги решат бројните отворени прашања, но и при донесување на Законот за специјален обвинител итн. Така веројатно ќе биде и до април идната година, до кога претстојат уште многу обврски за изборите да бидат онакви какви што посакуваат сите – чесни и фер.
Се вчитува следна вест...