Автор: Богољуб Илиевски, европски патентен застапник и раководител на одделението за патенти во Агенцијата за интелектуална сопственост „Берин"
Првобитните откритија од типот на огнот и на тркалото биле пресвртна точка од технички аспект за понатамошниот развој на човековата цивилизација. Од наведените монументални пронајдоци, преку пронајдокот на сечилото, лакот и на стрелата преку парната машина, па сè до денешните модерни пронајдоци во компјутерската технологија, времињата значително се променија, но пронаоѓачкиот дух на човекот останал ист. Може да се каже дека тоа ни е запишано во гените.
Чувството што го гонело праисторискиот човек да открива, пронаоѓа и да иновира останало непроменето и, секако, постои и денес кај многумина од нас. Сепак, во денешно време, работите во врска со пронајдоците значително се променети.
Модерни пронајдоци - епохално откритие или едноставно техничко решение
Пронајдоците во модерното време во кое живееме не се веќе епохални откритија, туку само мали и ситни подобрувања на веќе познати проблеми на моменталната состојба на техника, кои овозможуваат нов правец на развој на технологијата и креирање одреден производ. На пример, ново техничко решение во основниот механизам кое ќе овозможи дополнително движење на раката на автоматот, ќе го забрза и ќе го направи поефикасен производствениот процес, а ќе овозможи нов правец во развој на технологијата. Или, пак, елегантниот хартиен држач што го користи „Старбакс" во своите кафетерии. Држачите се приспособени на секоја чаша, што овозможува држење на топлиот пијалак и негова консумација. Овој извонреден пронајдок на компанијата ѝ обезбеди дополнителна популарност.
Што со патентираниот пронајдок?
Смислата на пронајдоците и на животот на пронаоѓачите значително се промени со појавата на патентниот систем, кој во основа е воведен како морална и финансиска награда на пронаоѓачот.
Тука, терминот „патент" се дефинира како ексклузивно право што му се доделува на тој што создал пронајдок, кој, пак, за јавноста претставува ново решение на одреден технички проблем. Ексклузивното право за користење, пак, овозможува монопол во производството и во прометот на производи добиени врз база на пронајдокот, за одреден временски период.
Од досегашното искуство и работа со иноватори, односно пронаоѓачи од нашата земја, базирани на една интерна анкета на Агенцијата за интелектуална сопственост „Берин", околу 30 домашни пронаоѓачи, носители на патент, беа прашани што планираат понатаму откако ќе стекнат патент. Дури 90 отсто од нив одговорија дека сакаат веднаш да го продадат и да стекнат парична корист. По сè изгледа, претприемачкиот дух е слаба страна на нашите пронаоѓачи, иако тие во своите раце имаат моќна алатка за економски развој.
Исто така, евидентна е желбата на домашните пронаоѓачи нивниот пронајдок да биде нешто епохално, досега невидено и нечуено, нешто слично како првобитните пронајдоци што го смениле текот на историјата. Ваквите размислувања предизвикуваат проблеми во насоките при иновативното размислување, доведуваат до намалување на креативните идеи и непотребно трошење на ресурсите. За ваквиот вид пронајдоци, мошне тешко е подготвувањето квалитетна патентна пријава, што доведува до компликување на процедурата за добивање патент и до зголемување на финансиските трошоци за патентна заштита.
Како да се размислува!
Пронаоѓачите и иноваторите треба да се насочат кон креирање мали пронајдоци и иновативни решенија. Треба да се размислува за создавање подобрени решенија на веќе постоечки технички проблеми, постапки, операции или производи. Оваа форма на иновации е директна и на пронаѓачот му овозможува да се сконцентрира на вистинскиот проблем и од научен аспект да понуди квалитетно решение на одреден технички проблем или да подобри веќе постоечко решение. Квалитетното решение треба да биде ново и индустриски применливо.
Малите идеи и пронајдоци, колку безначајно да изгледаат, може да завршат како огромно иновативно решение или патент, иако на почетокот не изгледаат така. Малите патенти и технички решенија се најдобра стратегија за развој на малиот бизнис.
Обидете се и размислувајте на овој начин, зашто пронаоѓачкиот дух е присутен кај секој од нас.
Улогата на општеството?
Менување на насоката на размислување и на дејствување не се едноставни работи. Поради тоа, неопходен е заеднички ангажман на сите што на некој начин се вклучени во оваа проблематика: националните патентни застапници, Државниот завод за индустриска сопственост, како и универзитетите треба да ја преземат оваа улога. Промоцијата треба да се насочи кон индустријата (секторите за развој на машинската, електро, технолошко-металуршката, производство на храна, хемија и фармацијата), но и кај индивидуалните пронаоѓачи, кои може да произлезат од кој било слој во општеството. Основната цел е да се промовираат погоре предложените насоки на дејствување, кои ќе бидат база за создавање квалитетен и единствен производ на пазарот, за потоа со доделување патент да стекне конкурентна предност на пазарот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.