Стоки за широка потрошувачка со брз обрт или она што во современата прозападна терминологија се нарекува „fast moving consumer goods". Повеќе десетици индустрии збиени во една експланаторна абревијација – FMCG. Исто толку и збиен простор за маневар во секојдневната борба што добива епски димензии, без оглед дали се работи за маалско гранапче или за дел од голем синџир супермаркети. Чувството е идентично како на заглавениот Бил Мареј во „Денот на мрморецот" (Groundhog Day)!
Влегувањето во FMCG-секторот подразбира дека производите треба што помалку време да останат на продажните полици, побрзо да се „свртат" и да генерираат обрт за да дојдат други. Повторно истиот круг, во натпревар со способностa да сe создаде производ што ќе биде баран од потрошувачите, а во исто време да се развие лојалност и доверба кон брендовите. Колку изгледа едноставно и лесно, како од учебник!? Меѓутоа, сите што сме во овој сектор знаеме колку е ова комплициран процес, колку е компетитивен пазарот и колкави се предизвиците пред нас.Ама, нели, сопствената мака е поголема од таа на соседот!? Така и нашата...
Една од најголемите пречки што подразбира систематско вложување и константно работење, е излегувањето на производот од локални рамки и негово пласирање на меѓународните пазари. Сегмент во кој, покрај вложување, потребни се и храбри и ризични чекори и одлуки. Треба да признаеме дека нашите производи потекнуваат од релативно млад пазар. Дваесет години ставени во меѓународниот контекст, каде што има брендови и компании што постојат и по сто години – се навестува голема нерамноправна битка. Давид и Голијат! За разлика од старозаветните, приказните во реалниот бизнис се многу посурови. Секако, и тие се со наравоучение, за оној што сака да научи.
Што научивме ние во „Вивакс"? Развојот на семејните компании, каков што е примерот на „Вивакс", мора да следи динамична развојна стратегија, во согласност со глобалните трендови. Врвниот квалитет на употребените суровини и на конечниот производ, станаа највисок приоритет врз основа на што ги градиме и ги развиваме идентитетот и вредностите со кои се пробиваме на странските пазари. Новите стандарди и квалификации за здрава исхрана, но и пазарот, нè тераат да не заостануваме во инвестициите во најсовремена опрема за производство и постојано да воведуваме иновации и нови технологии. Од тековното искуство, креиравме сопствен прирачник за создавање автентични македонски брендови, каде што клучни зборови се детерминираност, посветеност и, секако, фаќање во костец со секојдневието во FMCG-секторот. Во време-невреме, во период на една од најголемите економски кризи, кога на работењето ултимативно влијаат намалената куповна моќ и отежнатиот пласман на странските пазари, решивме да влеземе во добро осмислени инвестициски проекти. Како резултат на тоа, во последните четири години „Вивакс" го реализираше најголемиот инвестициски циклус во постоењето, со што изгради нов деловен капацитет со најсовремен машински парк и со соодветна инфраструктура. Тоа е нашиот одговор на предизвиците, но и нашиот влог во брендовите.
Пазарот постојано се движи, се менува и наметнува нови стандарди. Многумина од нас реализирале голем дел од поставените цели. Но, понатамошните успеси зависат од одговорот на прашањето: Дали сме доволно подготвени, посветени и храбри да ја поставиме следната голема цел? Рингот на FMCG-секторот е отворен 24/7!
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.