Актуелно

Мирче Јовановски: Турбуленции

17 Aug 2015
 
Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, која во Македонија престојуваше на почетокот од јули, само ги потврди сознанијата за искушенијата низ кои минува македонската економија.

Заврши мирната пловидба на економијата, ако воопшто така може да се нарече периодот во изминатите две години, кога кварталните стапки на домашниот бруто-производ се движеа меѓу 3,2 и 4,7 отсто. Од почетокот на годинава, иако порастот во целина се одржува, работењето на многу фирми, па и на стопанството, е во зона на силни турбуленции. Домашната политичка криза и (не)подготвеноста да се најде решение за напластените проблеми, како и грчката драма во еврозоната врз која Македонија не може да влијае, но од која трпи директни последици, оставија траги врз економијата.

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, која во Македонија престојуваше на почетокот од јули, само ги потврди сознанијата. Но, фрли и дополнителна светлина врз „големата слика". ММФ прогнозира „умерена" стапка на пораст на БДП од 3,2 отсто годинава, што на прв поглед и не е лошо со оглед на околностите и особено зашто се потпира на инвестициите во инфраструктурата, порастот на кредитите и сл.

Не изненадува ниту помалата наплата на данокот на додадена вредност. Познавачите на даночната проблематика знаат дека ДДВ е многу прецизен индикатор и дијагностичар на состојбите во економијата. Така, кога работите (како сега) не се многу поволни, логична е реакцијата трошењата да се одложуваат, па резултатот е помала „жетва" на ДДВ. И обратно, поголемите приходи од овој данок се првиот индикатор дека работите тргнале на подобро.

ММФ откри и една тема за која надлежните не беа многу расположени да дебатираат - дека се подготвува ребаланс на буџетот. Можеби, поради тоа што ќе се крати кај стоките и кај услугите и - што е особено чувствително, кај субвенциите кои се еден од адутите на Владата со кои успешно врзува големо гласачко тело. Покрај фактите за удвојување на нивото на јавниот долг од 2008 година досега (за волја на вистината почетното салдо на задолженост беше прилично ниско), како и потребата буџетскиот дефицит да се сведе на 3 отсто од БДП до 2017 година, паѓа в очи констатацијата дека „ефикасноста на наплатата на ДДВ е ниска според регионалните стандарди". Ако е навистина така, тогаш паѓа во вода уверувањето дека Македонија е успешна приказна во поглед на наплата на даноците. Ако, пак, се стави во корелација со помалите приходи од ДДВ годинава, тоа може да значи дека се зголемува сивата економија.

Покрај внимателно одбраните критички забелешки, ММФ има и пофалби, особено за финансискиот сектор, кој оценува дека е здрав, а банките, „вклучувајќи ги и двете грчки подружници, се добро капитализирани, високо ликвидни и во најголем дел финансирани од домашни депозити". Се нагласуваат и другите активности за „да се спречат ефектите на можното загрозување од грчката криза".

Македонија веќе подолго време е надвор од прегратките на највлијателната меѓународна финансиска организација, барем што се однесува на стенд-бај аранжманите. На крајот на февруари годинава, предвреме го исплати долгот од кредитната линија за претпазливост, чија последна транша изнесуваше 174 милиони долари. Кредитот од 312 милиони долари беше земен во 2011 година и Македонија беше првата земја што користеше ваква кредитна линија за ефикасно спречување на кризата, иако критичарите забележуваа на нивно несоодветно трошење.

Предвременото враќање беше образложено со зајакнување на доларот во однос на еврото, со што официјално се заштедија пет милиони евра на камати и на курсни разлики, а се намали и јавниот и државниот долг за 1,7 процентни поени. Дел од економистите видоа шанса Владата целосно да се ослободи од сенката на ММФ.

Но, дури и да е така, сугестиите што ги даваат монетарците треба сериозно да се земат предвид. Ако ништо друго, полесно ќе се пребродат турбуленциите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...