Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"
Наспроти домашните стопанственици, кои предупредија дека политичарите си ја сечат гранката на која седат, а на стопанството и државата им се заканува банкрот, странците се многу „покул" – за нив главен проблем се квалитетните кадри.
Како странските инвеститори ја доживуваат политичката криза во Македонија? Наспроти домашните стопанственици, кои јавно предупредија дека политичарите си ја сечат гранката на која седат и продуцираат клима во која на стопанството, а и на државата во целост им се заканува банкрот, странците се многу „покул". Ако се суди според нивните јавни настапи, едноставно кажано, тие си ја бркаат работата, односно бизнисот, а политиката, особено онаа дневната, им ја оставаат на политичарите.
Во изминатиот период економските (не)прилики во Македонија ги одбележаа неколку моменти – најавата дека бизнисот ќе излезе со предлог-решенија за надминување на проблемите во економијата произлезени од неповолниот амбиент во кој се најдоа компаниите, како и ставот на странските инвеститори дека нив толку не ги погодува политичката криза, колку што имаат проблем со недостиг на квалитетни кадри.
На прв поглед малку е необично што двете (условно кажано) страни – домашните фирми од една, и странските од друга, иако работат во ист економски амбиент, различно го доживуваат влијанието на длабоката политичка криза во која се најде земјата.
Всушност, и површната анализа покажува дека во домашната економија постои еден вид паралелизам, во кои домашните стопанственици, со право или не, се чувствуваат подредени во однос на странските инвеститори. Тоа, пред сè, се однесува на привилегиите за странските директни инвестиции како што се: бесцаринскиот увоз, ослободување од плаќање персонален данок и придонеси од личен доход и други давачки. Истовремено се ослободени од трошоци за комуналии, добиваат бесплатни приклучоци за енергија, лесно стигнуваат до градежни дозволи, а обуките за вработените се на товар на државата. Она што е спорно, според овие бизнисмени, е тоа што ваквите привилегии се алиментираат од даноците и придонесите што токму домашните фирми ги плаќаат и со кои се полни буџетот.
Оттаму и не чуди различната диоптрија за влијанието на актуелните настани врз бизнисот. Но, дилемата што „виси" во воздухот е колку таквото гледиште е единствено и кај фирмите со домашен капитал. |
Имено, различните асоцијации на стопанствениците покажаа висок степен на единство, па дури најавија и заеднички предлог-мерки, што прва во јавноста ги испорача најстарата асоцијација – Стопанската комора на Македонија. Така, од оваа комора сметаат дека треба да се отвори расправа дали курсот на денарот е реален и доволно стимулативен за развој на бизнисот, колку регулаторните тела се независни и зошто учеството на бизнисот во нив е сведено на минимум. Понатаму, тие ќе се залагаат за промена на методологијата на пресметка на обврските кон пензискиот и здравствениот фонд, како и за укинување на законскиот лимит на највисокиот износ на пензија, потоа промена на законското решение поради кое тие практично не можат да ги наплатат своите побарувања од општините и јавните претпријатија.
Сепак, сите овие предлог-мерки повеќе наликуваат на решенија кои се карактеристични за редовна состојба, а не за амбиент во кој на фирмите им „гори" под нозете.
Од друга страна, странските инвеститори во преден план го издвојуваат проблемот со недоволно стручни кадри кои можат да одговорат на потребите на стопанството и недоволната ефикасност на пазарот на труд. Овие две работи, според нив, се од најголема важност, не само за стопанските субјекти во остварувањето на нивните развојни планови и за вклучување во процесите на глобализација со изострена конкуренција, туку и за земјата во целина. Еден од нивните предлози е практичната работа за студентите да биде задолжителна, да трае подолго и да се реализира преку квалитетни програми, кои ќе им обезбедат побрзо вклучување во процесот на работа.
Нивниот фокус се иницијативи за развој на стручното образование, што ќе придонесе и за создавање квалификуван кадар кој ќе може да се носи со растечката меѓународна конкуренција. Тоа, според странските инвеститори е и патот кон повисоки плати на вработените во овие фирми, а што е една од главните забелешки во македонската јавност – дека наспроти меѓународното реноме што со себе го носат овие компании – примањата во нивните подружници се типично македонски. А, ако се знае дека платите во Македонија дури и во споредба со земјите од регионот се едни од најниските, какви било дополнителни коментари се непотребни.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.