Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"
Стопанствениците отворено проговорија дека имаат проблеми – сè повеќе се намалува работата со странските партнери, а се намалуваат и новите нарачки.
Македонското стопанство се најдеm среде политичко минско поле кое се заканува, ако не да ги разнесе добрите економски прогнози за годинава, тогаш барем да ги наруши постојните планови и прогнози. Политичките „бомби" кои во изминативе месеци ги „поставува", опозицијата откривајќи низа пикантерии, но и политички и економски местенки на власта, од една страна, како и одговорот на власта дека станува збор за „масло" на странски служби, додека опозицијата е само инструмент за спроведување туѓи интереси, создадоа опасен комплот. Тој може да ги минира сите напори што се прават за привлекување странски инвестиции, но и настојувањата на фирмите да работат што поуспешно и да извезуваат повеќе. Првите „пукнатини" веќе се наѕираат. Дел од стопанствениците отворено проговорија дека имаат проблем – сè повеќе се намалува работата со странските партнери, а се намалуваат и новите нарачки.
Слични оцени доаѓаат и од нивните асоцијации – стопанските комори од каде што велат дека секоја нестабилност во државата може да има поразителни последици врз бизнисот. Тоа на некој начин го потврди и статистиката според која во првите два месеца од годинава, во однос на истиот период минатата година, обемот на надворешната трговија се намалил за 12,7 отсто. Тоа особено се однесува на февруари, кога извозот се намалил за 11,8 отсто во однос на истиот месец минатата година. Ако на овие показатели се додадат оние за работењето на странските компании во слободните економски зони, тогаш стравувањата за состојбите во македонските фирми уште повеќе растат. Имено, власта се пофали дека во првите три месеци годинава од зоните биле извезени производи за рекордни 325 милиони евра и доколку продолжи ваквиот тренд, ќе биде надминат минатогодишниот извоз од 1,17 милијарди евра.
Колкаво е значењето на овие компании во структурата на надворешнотрговската размена, покажува и податокот дека тие учествуваат со 31 отсто во вкупниот извоз на земјата. Е, сега, ако вкупните податоци за надворешнотрговската размена се стават во корелација со оние на странските инвеститори, излегува дека на остатокот на стопанството, односно на компаниите со домашен капитал кои работат надвор од зоните, состојбите не им се розови.
Економските аналитичари, но и гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, предупредуваат дека доколку продолжи политичката криза во земјава, тоа ќе има и последици врз економијата. Последните достапни податоци зборуваат дека НБМ очекува пораст на БДП од 4,1 отсто, што е подобро и од прогнозата на ММФ од 3,8 отсто објавена во пролетниот извештај за перспективите во глобалната економија, што ја вброи Македонија меѓу земјите во регионот со најголем пораст, покрај оној на Црна Гора од 4,7 отсто. На опозициските „бомби" и на критиките што опозицијата ги испорачува на протестните маршови во повеќе градови во земјата, владејачката партија одговори со партиски народни собири на кои се најавуваат бројни бенефиции и олеснувања за оние што и онака се на товар на буџетот (зголемување на платите на полицијата, на социјалната помош, ваучери за набавка на таблети за студентите...), бројни вработувања, како и многу мерки кои треба да им го олеснат работењето на компаниите, но кои исто така имаат фискални импликации.
Овие мерки не беа дел од изборната програма ниту, пак, беа најавени во време кога се носеше буџетот за 2015 година. Тоа значи дека за обезбедувањето средства за сите овие намени ќе мора да се премине или кон кратење на некои постојни буџетски расходи или да се зголеми буџетскиот дефицит. Во првиот случај, тоа обично се капиталните трошоци, што значи дека би се намалиле инвестициите, а другиот води кон ново задолжување, за што просторот е веќе прилично исцрпен. На ваква разврска наведува и анализата на Центарот за економски анализи, од каде што пресметаа дека во првите два месеца од 2015 биле потрошени една четвртина или 25 отсто од вкупниот предвиден буџетски дефицит за годинава. Според нивните пресметки, доколку се продолжи со ова темпо, до крајот на годинава буџетскиот дефицит предвиден на 3,5 отсто од домашниот бруто-производ или околу 300 милиони евра, ќе се надмине за дополнителни 130 милиони евра и ќе достигне 4,9 отсто од БДП.
Се вчитува следна вест...