Актуелно

Мирче Јовановски: Далеку е Европа

20 Apr 2015
Мотивацијата не е прашање кое се однесува само на оние што ја водат државата. Таа е исто толку важна и на микрониво, за фирмите, за нивните вработени... На пример, како да се мотивира некој со 155 евра колку што е минималната плата, или уште полошо, некој во текстилниот сектор каде што минималецот е 130 евра?
 
Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"
 
Не е лесно да се биде земја на Балканот. Години, па и децении транзиција, реформи, тешки преобразби на општествата, а целта сега се чини дека е исто толку далеку како и пред деценија и пол. Ако не и подалеку. Вака отприлика стојат работите меѓу земјите од регионот и „таргетот" наречен Европска унија и достигнувањето на просечниот европски стандард. Перцепцијата е регионална, онака како што нè анализираат меѓународните финансиски институции, иако за секоја земја се земаат предвид и нејзините специфики, падови и подеми, предности и недоследности.
 
Но, општата констатација во извештајот на Меѓународниот монетарен фонд наречен „Западен Балкан: 15 години транзиција", кој во текот на февруари беше промовиран во Виена, е дека Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија заостануваат зад другите поранешни комунистички земји, кои ѝ се придружија на Европската унија и го завршија преминот кон пазарните економии.
 
Другите се движеа побрзо отколку Балканот, а целта не е статична. Таа е како подвижна мета, која не се движи лево-десно, туку има ист правец на движење како нашиот. 
 
Кога станува збор за Македонија, петте приоритети се: подобрување на инфраструктурата, технолошка подготвеност, развој на финансискиот пазар, здравство и образование. Сето тоа треба да придонесе да се постават темелите за иден одржлив пораст.
 
Ваквите дијагнози, кои несомнено се прилично прецизни (барем кога станува збор за неопходноста од реформи), постконференциски отвораат и бројни теми за размислување. Едно од главните прашања е мотивацијата. Европската перспектива била силен поттик за спроведување реформи во земјите кои во меѓувреме ѝ се придружија на ЕУ. Сега, кога е јасно дека во наредните пет години има мораториум за нови членки, дилемата е каде да се бараат новите мотиви? Мотивацијата не е прашање кое се однесува само на оние што ја водат државата. Таа е исто толку важна и на микрониво, за фирмите, за нивните вработени...
 
Како, на пример, човек да се мотивира со 22.407 денари, или 364 евра колку што е официјално просечната нето-плата во Македонија? Или, со 9.590 денари (155 евра), ако е во онаа група граѓани (ги има многу), кои ја примаат минималната плата. Или, уште полошо, ако работат во текстилниот сектор, или кожарската индустрија, каде што законски одредената минимална плата е на уште пониско ниво – 8.050 денари (130 евра).
 
Македонија има најниска минимална плата дури и меѓу балканските земји. Тука некаде се и Косово и Албанија. Сто триесетте евра се трипати помалку од хрватскиот минималец кој е највисок во регионот, или 15 пати помал од минималецот во Луксембург кој е највисок во ЕУ. Иако членството во Унијата, само по себе, не е гаранција дека минималецот ќе биде висок. На пример, во Бугарија е 184 евра, во Романија 218 евра итн.
 
Од друга страна, ниските плати се еден од главните аргументи
за привлекување директни странски инвестиции. Дури и
Кинезите, кои долго време беа синоним за конкурентност
градена врз евтината работна сила, наоѓаат математика
да вложат, благодарение на ниските трошоци за производство,
меѓу кои и оние за платите на вработените.
 
Нови времиња, нови правила. Во иднина влегувањето во Унијата ќе биде поврзано, да не речеме условено, и со степенот на економскиот развој, покрај вообичаените критериуми кои се однесуваат на владеење на правото, демократијата и слично.
 
Тоа неодамна во Скопје јасно го ставија до знаење и од Советот за регионална соработка, наследник на некогашниот Пакт за стабилност на Југоисточна Европа, кога беше нагласено дека „првата од земјите во регионот која следна ќе влезе во ЕУ, нема да биде во тој момент и најсиромашната во ЕУ", односно дека мора да биде подобра од некој кој е веќе во ЕУ.Тоа е една нова логика, која ја немаше досега. И која секоја влада ќе мора да ја земе предвид кога ја конципира економската програма.
 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...