Актуелно

Мирче Јовановски: Лов на милионер(и)

20 Apr 2015

Податоците дека Македонец на сметка во ХСБЦ имал 54,6 милиони долари покажуваат дека богатството на луѓето од овие простори не е само книговодствена вредност на фирмите кои беа приватизирани во процесот на транзиција, туку дека станува збор за конкретни, многу опипливи износи.

Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"

Кој е македонскиот милионер што во швајцарската филијала на британскиот финансиски гигант „Хонконг Шангај бенк корпорејшн" (ХСБЦ) имал депонирано 54,6 милиони долари? И има ли можеби и други, покрај посочените деветмина, кои се затскриле и кои најновото истражување на Меѓународниот конзорциум на новинари не успеало да ги детектира? Според објавеното во медиумите, во швајцарската подружница на ХСБЦ се провлекуваат уште осум имиња на македонски граѓани. Сите тие на 15 сметки имале вкупно 164 милиони долари. Банката се најде на удар откако се откри дека им помагала на богатите клиенти да избегнуваат плаќање даноци, иако меѓу објавените имиња има и такви што најлегално си ги плаќале обврските.

Оваа „бомба" што одекна минатиот период не повреди никого и некако падна во сенка меѓу другите објавени афери за масовни прислушувања, притисоци врз судството, обвинувања за лажирани избори и сл. кои дополнително го контаминираа и онака деликатниот политички амбиент во земјата.

И додека за политичките бомби надлежните институции прилично калкулираа, фантомскиот милионер (и другите) веднаш се најдoa под лупа на Обвинителството за организиран криминал, Управата за финансиско разузнавање, а за случајот се заинтересираа и во Народната банка на Македонија.

Главниот фокус е дали овие пари се стекнати легално, дали за нив е платен данок, каков е начинот на кој се трансферирани во странство, со оглед дека македонските граѓани сè уште имаат бариери за отворање сметки и чување пари во банка надвор од Македонија. 

Податоците што ги обелодени Меѓународниот конзорциум на новинари во најновото истражување се однесуваат на периодот од 1988 до 2006 година, односно на времето кога транзициските богаташи ја вршеа „првобитната акумулација на капиталот". Но, ако се има предвид дека при осамостојувањето Македонија имаше девизни резерви од само 16 милиони тогашни марки (или долари), јасно е дека посочената сума пари е огромна во македонски рамки, особено за периодот кога се однесува. Па дури и сега, кога според една друга приватна компанија – „Велт икс" (Wealth X) – во Македонија има 36 милионери кои заедно располагаат со богатство вредно вкупно 4 милијарди долари.

Меѓутоа, оваа анализа наметнува други дилеми. Дали само 36 луѓе во нашата земја располагаат со 40 отсто од националното богатство? Ако се подели оваа вредност со бројот на тие што имаат најмалку 30 милиони долари (што е минималниот износ да се влезе на оваа престижна листа), кај нас најбогатите во просек вредат по 111 милиони долари. Според податоците на Светска банка, БДП изнесува малку над 10 милијарди долари, што укажува на големата концентрација богатство кај мал круг богати поединци. 

Дилемите дали македонските милионери навистина вредат толку, се наметнуваат и од некои достапни податоци, како на пример, оние за пазарната капитализација на акциите кои котираат на официјалниот пазар на Македонската берза, а кои на крајот од јануари годинава изнесуваа 103 милијарди денари или околу 1,67 милијарди евра.

Има и други анализи во кои се посочуваат најбогатите Македонци. Податоци што во развиениот свет се достапни и транспарентни.

Можеби сето ова произлегува од сè уште раширеното уверување дека богатството претежно може да се стекне на нечесен начин, а не преку труд.

Но, податоците за милионските суми, кои истекоа во јавноста, покажуваат уште нешто – дека, сепак, богатството на луѓето од овие простори не е само книговодствена вредност на фирмите што беа приватизирани во процесот на транзиција, туку дека станува збор за конкретни, многу опипливи износи. Тоа и не мора да е лошо, напротив, врз богатите не треба да се фрла анатема, под услов својата благосостојба да ја стекнале на легален начин.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...