Актуелно

Мирче Јовановски: Диши длабоко

13 Nov 2014

Смогот е секојдневје не само во главниот град туку и во многу други места во Македонија, но барем досега не беа преземани некои посебни мерки за состојбата да се санира.

Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"

Скопјани зимава би можеле да се вратат на системот пар-непар кој повозрасните граѓани уште го паметат од времето на заедничката федерација, кога премиер(ка) беше Милка Планинц. Но, за разлика од тогаш, кога причината беше недостигот на гориво и тешкотиите да се набави, овој пат мерката што ја предложи градоначалникот Коце Трајановски е поради воздухот што го дишат скопјани подолго време.

Смогот е секојдневје не само во главниот град на Македонија, туку и во многу други места, како Тетово, Битола..., но барем досега не беа преземани некои посебни мерки состојбата да се санира. Сепак, поради многу причини, состојбата е најдраматична во Скопје – конфигурацијата на теренот (Скопската котлина е позната по магливите периоди, особено зиме), тука е сконцентриран најголем дел од населението, како и индустриските капацитети од кои некои се вбројуваат меѓу најголемите загадувачи во земјата...

Поради ова, но и поради други фактори, просечно во текот на годината секој жител на Скопје вдишува по околу 20 килограми отровни гасови. Најлошо е зиме, особено кога градот ќе го окова познатата скопска магла, но мерните станици на повеќе пунктови покажуваат дека граничните вредности за присуство на опасните материи во воздухот неколкукратно се надминуваат и во другите периоди. Состојбите не се многу подобри ниту во Битола, особено со концентрациите на чад, како и во Тетово, каде што особено во зимски услови има и до 1.000 микрограми од честичките ПМ 10 на кубен метар, што е 20 пати над дозволеното.

Според податоците на Светската здравствена организација, годишно во светот умираат над седум милиони луѓе како последица од загадениот воздух. Медиумите пишуваа  дека таа бројка во Македонија е околу 1.300 лица, што значи дека во текот на една декада загадувањето голта по едно мало гратче.

Во време кога овој текст е подготвуван, сè уште не беше познат исходот на инцијативата за која требаше да се произнесат советниците во Градскиот совет. Покрај пар-непар, доколку десет дена по ред во воздухот се регистрираат над 100 микрограми честички ПМ 10 на кубен метар, се предвидуваат и други мерки – построги контроли за загадувачите, градилиштата, стимулирање на употреба на електромобили, ориентирање кон користење велосипеди, миење на улиците со специјално средство кое ќе ги „лепи" опасните честички, бесплатен јавен превоз во тие денови итн.

Се чини дека и покрај покажаната подготвеност, конечно нешто да се направи, иницијативата е само гребење по површина. Јасно е дека се потребни посеопфатни зафати. Проблемот е многу подлабок за да може да се реши со пар-непар и сличните предлози. Потребно е менување на навиките на граѓаните, но претходно неопходни се повеќе крупни инфраструктурни зафати кои многупати досега биле ветувани, но никако да се реализираат.

Податокот дека годинава во Македонија за затоплување ќе требаат 700 илјади кубици дрва за греење уште повеќе ја нагласува потребата за што побрза гасификација на земјата. Освен во Скопје, каде што има систем на централно греење, во другите места на дрва се греат околу 80 отсто од домаќинствата.Кон крајот на октомври, клуч на врата, барем привремено, требаше да стави еден од најголемите металуршки комбинати во земјата – скопски „Макстил", кој заедно со „Југохром" од Јегуновце веќе добија гратис-период за исполнување на еколошките стандарди. И додека во „Макстил" се одвиваат активностите околу изградба на потребните постројки за прочистување, во „Југохром" се на самиот почеток.

Безмилосното уништување на зеленилото, увозот на половни автомобили, неконтролираната урбанизација влијаеја да се влоши и онака лошата состојба. Во Скопје со години е ставен во фиока проектот за трамвајски превоз, кој може многу да придонесе за да се намали загадувањето. Од една страна, наместо автобуси кои користат дизел-гориво, ќе се вклучат превозни средства кои се движат на електрична енергија, а од друга страна, многу граѓани наместо автомобилите ќе го користат подобриот јавен превоз.

Но, за вакви и слични инфраструктурни зафати, потребни се време и пари. Во меѓувреме, граѓаните ќе мора да се задоволат со трибини од типот „каков воздух ќе дишеме оваа зима", или да се молат од некаде да дувне ветар.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...