„Потребата е мајка на иновацијата“ никогаш не била порелевантна отколку денес, кога гледаме дека иновациите доаѓаат од неочекувани места. Пример е кинескиот ВИ-модел „Дипсик“ (DeepSeek), кој со значително помалку ресурси од ChatGPT понуди извонредни резултати. Ова покажува дека иновацијата не зависи секогаш од огромни буџети – често почнува со паметен пристап или свежа перспектива. Тие што се „надвор од системот“ често имаат предност. Зошто? Затоа што слободата од ригидни стратегии овозможува неконвенционално и креативно размислување. Еден пример е „Амазон“, кој ја трансформира американската малопродажба.
Пишува: Драган Јосифовски, извршен директор и коосновач на Paket.mk
Иако ваквите примери често се поврзуваат со технолошкиот сектор, истиот принцип важи и за малопродажбата, особено во мали пазари каде што ограничувањата создаваат идеални услови за иновирање.
Кој има поголема потреба за иновации од трговците во мали, фрагментирани пазари? Овие пазари се карактеризираат со мала база на потрошувачи, хетерогени преференции и неразвиена логистика. Балканот, на пример, е составен од пазари кои, иако можеби изгледаат слично, бараат уникатен пристап.
Токму овие предизвици го поттикнуваат развојот на хиперлокализирани стратегии. Тоа не е само алатка за преживување – тоа е модел за раст кој големите пазари често го игнорираат.
Малите пазари често се перципираат како ограничени во капацитетот за развој на нови производи. Но, тоа не значи дека иновацијата е невозможна.
Во Paket, кога се соочивме со недостиг на индустриски пакувани производи, како свежо месо и печива, иновиравме преку соработка со локални месарници и пекарници. Создадовме систем за испорака во реално време, кој ни овозможи да понудиме производи без потреба од залихи во нашите магацини.
Ова доведе до развој на нашата платформа Basket Consolidation, која комбинира различни извори на производи во една нарачка. Овој модел е редок на глобално ниво бидејќи на големите пазари, како Берлин или Њујорк, ваквата флексибилност не е неопходна. Но, за мали пазари, тоа е суштинско решение.
Голем дел од светската популација живее во мали или оддалечени пазари. Тие имаат исти потреби како и оние во големите метрополи, но многу од решенијата за големите пазари не функционираат за нив.
Иновациите создадени за мали пазари имаат огромен потенцијал за примена на глобално ниво. Ограничувањата честопати создаваат можности за решенија кои можат да инспирираат трансформации во малопродажбата низ целиот свет.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.