Вештачката интелигенција сè повеќе се интегрира во различни функции во малопродажбата, а пакувањето на производите се наоѓа на раскрсница откако е најавен новиот закон за пакување на ЕУ. Поради несогласување со партнерите, се случија промени во алијансите во кои партнери се најголемите трговски синџири, а од друга страна, поради несогласување со правилата, одредени компании се против Nutri-Score.
Извор: ПЛМА
Неизбежноста на ВИ во малопродажбата никогаш не била поочигледна
Вештачката интелигенција сè повеќе се интегрира во различни функции во малопродажбата. „Карфур“ неодамна покажа како ја користи вештачката интелигенција за да ги подобри своите комерцијални понуди и да го оптимизира управувањето со акции, и во продавниците и во магацините. Алатките за вештачка интелигенција им помагаат на менаџерите на продавниците да носат одлуки засновани на податоци за пласманот на производите, количеството и распоредот на полиците. Овие алгоритми ги земаат предвид факторите како што се локација, време и демографија на населението, обезбедувајќи прецизни сознанија за носителите на одлуки.
„Теско“ е уште еден трговец што ја користи моќта на вештачката интелигенција. Тој ги објави плановите за искористување на вештачката интелигенција за воведување нова иницијатива: користење податоци од картичките за лојалност за да се поттикнат потрошувачите да изберат поздрави и попристапни алтернативи. Со анализа на навиките за купување на потрошувачите, вештачката интелигенција ќе обезбеди персонализирани предлози за производи насочени кон обезбедување поголема вредност на нив.
„Алберт Хеин“ воведе нова функција во својата апликација наречена Scan & Cook, која има цел да им помогне на потрошувачите да го намалат отпадот од храна. Функцијата им овозможува на корисниците да фотографираат продукти во нивниот фрижидер, оставата или кујната и да ги прикачат на апликацијата. Користејќи ја оваа технологија, која дополнително ќе се подобрува во текот на годината, апликацијата потоа ги трансформира состојките во персонализирани, вкусни рецепти со само еден клик. Ова е една од апликациите за генеративна вештачка интелигенција што „Алберт Хеин“ ја разви, имплементира и сега се воведува.
Влез и излез во „Еверест алиансе“: „Аура ритеил“ во, а „Супер У“ надвор
Во изненадувачки пресврт на настаните, „Кооператив У“, оператор на синџирот супермаркети „Супер У“, се разделува од меѓународната алијанса за набавки „Еверест“, како и со сојузот „Епик“. Трговецот на мало ѝ се приклучи на алијансата пред само две години, во партнерство со другите членки „Едека“, „Пикник“ и „Џамбо“. Причина за напуштањето на алијансата се внатрешните несогласувања меѓу партнерите, потенцијално околу стратешки пристапи или преговори. „Еверест“ преговара за куповните цени за своите партнери со повеќе од 50 мултинационални компании. „Епик партнерс“ ги вклучува „Едека“, „Џамбо“ и „Пикник“, како и „Мигрос груп“, „Џеронимо Мартинс“ и др. „Епик“ преговара со главните доставувачи за врвни услови за меѓународни маркетинг-кампањи.
По само неколку дена од објавата дека „Коoператив У“ си заминува од алијансите, оттаму најавија нов значаен член: „Аура ритеил“, француска компанија за набавка на храна. Со оваа компанија се очекува „Еверест“ да биде ривал на големината и влијанието на „Јуролек“, сојуз меѓу „Е. Леклер“, „Реве“ и „Ахолд Делез“.
Пакувањето на раскрсница
Претстојната регулатива на ЕУ за пакување и отпад од пакување (PPWR) треба да го преобликува пејзажот за пакување низ Европа. Новата легислатива има цел драстично да ги намали пакувањето и отпадот од пакување и ќе се применува постепено почнувајќи од средината на 2026 година. Поставени се амбициозни цели за производителите и за трговците, што влијае и врз брендираните производи и врз приватните трговски марки.
Конечната верзија на законот се очекува да биде објавена пред крајот на годинава, со што официјално ќе се постави временската рамка за имплементација. Се очекува законот значително да го промени начинот на кој пакувањето се дизајнира, троши и се отстранува низ целиот синџир на вредност на ЕУ. Бизнисите треба да бидат подготвени.
Како дел од Зелениот договор на ЕУ, регулативата има три основни цели: да се намали отпадот од пакување, да се промовира висококвалитетно рециклирање и да се воспостават унифицирани правила во сите земји-членки. Досегашната директива на ЕУ им овозможуваше на земјите значителна флексибилност. Сега, со оваа регулатива, стандардизираните упатства ќе се применуваат насекаде, со построго спроведување.
Големите брендови го напаѓаат популарниот Nutri-Score
И покрај неговата широко распространета привлечност, Nutri-Score се соочи со притисок во неколку земји, вклучувајќи ги Италија, Романија, Грција, Кипар, Чешка и Унгарија. Властите во овие нации тврдат дека системот неправедно ги казнува традиционалните производи, како оние што вообичаено се наоѓаат во медитеранската исхрана. Критичарите тврдат дека Nutri-Score ги поедноставува процените на храната со фокусирање на одредени нутриционистички фактори, што може да го наруши разбирањето на потрошувачите за целокупната здравствена вредност на производот.
Покрај владините приговори, компаниите производители на големите брендови како Danone, Heineken, Unilever и Arla изразија неподготвеност да го усвојат Nutri-Score на пакувањето на нивните производи. Овие компании тврдат дека алгоритамот што се користи за пресметување на резултатите не се усогласува со нивните национални диететски упатства или дека неодамнешните промени во системот ги намалија нивните производи во пониски категории, што резултира со она што тие веруваат дека се неправедно ниски оцени.
Неодамнешните ревизии на системот Nutri-Score ги рекласифицираа млечните и растителните пијалаци. На пример, цврстиот јогурт, кој се смета за храна за оброци, е класифициран поинаку од јогуртот за пиење, кој се смета за пијалак кој често се консумира помеѓу оброците, преместувајќи го од категоријата општа храна во категоријата пијалаци. Оваа промена имаше значително влијание врз оцените на производите бидејќи алгоритамот применува различни критериуми за исхрана во зависност од категоријата на производот. Како резултат на тоа, одредени млечни производи кои претходно имаа висока оцена „А“ или „Б“ паднаа на пониски оцени од „Д“ или „Е“, главно поради нивната содржина на шеќер или употребата на алтернативни засладувачи.
Накратко...
„Веитрос“ им дозволува на потрошувачите да ги донесат своите природни тапи од шишиња за вино во продавниците. Компанија од трета страна ќе ги преработи искористените тапи за да направи производи како што се подови, изолација, компоненти за авион и сл.
dm ги приспособува сопствените брендови за да ги усогласи со меѓународната експанзија на трговците. Целта е да се намалат можните јазични бариери и да се користи локалниот јазик.
„Џамбо“ лансира нов сопствен бренд наречен Jumbo’s. Новата линија се состои од готови оброци. Оброците се сместени во одделот за ладење, што дава луксузен изглед.
„Карфур“ почна со ребрендирање на купените 60 продавници „Кора“. Потрошувачите ќе видат како нивната продавница се трансформира за постепено да ги прифаќаат новитетите на групацијата „Карфур“.
„Алди норд“ ја затвора својата прва продавница без каса во Холандија. Експериментот што беше лансиран пред две години беше едукативен, но е премногу скап за да продолжи.
„Конад“ објави дека има цел да го удвои бројот на артикли од сопствениот бренд Piacersi за да го зголеми уделот во вкупниот број производи од приватната трговска марка на трговецот. Во моментов, севкупно, приватните трговски линии вредат 6 милијарди.
„Едека“ ја почна кампањата на нов сопствен бренд Herzstücke. Со овој потег трговецот сака да го зголеми уделот на приватните трговски марки во продажбата. Асортиманот вклучува околу 1.000 артикли.
„Консорзио Ц3“ ја реновира сопствената линија на брендови на пијалаци Noi&Voi. Квалитетот е подобрен и дизајнот вклучува нова графика со светли бои и распоред што го истакнува производот.
„Теско“ воведе нова луксузна приватна трговска марка за месо наречена Finest Steakhouse. Линијата има наменски дел во одделот за месо на кој се прикажани парчиња месо, алтернативни главни јадења, голем број примамливи прилози и сосови.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.