Актуелно

Предизвици на пазарот: дигитализација, нови трендови, вработувања...

18 Sep 2024

Македонскиот пазар се соочува со динамични промени кои влијаат врз различни сектори од економијата: зголемена конкуренција, нови трендови во потрошувачките навики, дигитализација, работна сила и задржување на вработените.

  Автор: Симона Павлова, косопственик на „Чезакомерц“

Дополнително на ова, нашиот пазар бара исклучително ниска цена за производите со висок обрт  и токму таа игра голема улога за потрошувачот. Пазарот е преплавен со конкуренција, од домашни, но и од увезени брендови. Но, тоа што се забележува на полица е поголемиот удел на увезените производи. За жал, голем дел од маркетите во Македонија немаат политика за да ги поддржат домашните производители, туку им даваат предност на светските брендови. Во земјите во Европа домашните брендови имаат предност на полица, за потрошувачот полесно да ги набави, па на тој начин се постигнува пораст на економијата во државата.

За да напредува фирма во овој сектор, мора да се приспособи на пазарот, да ги намали цените, но и да ја зголеми продажбата. Токму тоа го направивме и ние како компанија. Напорно работиме за да одговориме на барањата на пазарот. Тоа подразбира склучување договори со нови синџири маркети, работење на приватни марки, лансирање нови производи, нови грамажи, дури и нови партнери за извоз. Предизвикот е голем, но веруваме дека оваа напорна работа ќе донесе успех во нашата компанија.

Клучот на успешните компании е колку успешно ќе ги идентификуваат и имплементираат најдобрите практики за да станат конкурентни на пазарот.

Како што и претходно пишав, еден од клучните трендови во FMCG-секторот во Македонија е дигитализацијата. Се забележува силен пораст на онлајн-купувањето, па компаниите ќе мора да се адаптираат кон дигиталните канали за продажба. Електронската трговија ќе продолжи да расте, поттикната од зголемената употреба на мобилните уреди и подобрената логистика. Во исто време, се зголемува интересот и за здравата храна. Новиот концепт на живот, светските трендови кои ја поттикнуваат оваа категорија на производи, ја наметнуваат потребата од брзо, современо и квалитетно следење и приспособување на пазарот. Нашата компанија, недвосмислено, со години го прави тоа.

Сепак, колку и да напредува дигитализацијата, колку и да се вложува во брендот, успешноста на компанијата зависи и од вработените. А, со овој предизвик, многу компании се соочуваат веќе одреден период. Многу од квалификуваните работници ги напуштаат фирмите за да најдат подобри услови во други. Компаниите применуваат различни мотивациски стратегии: финансиски стимулации, можност за напредок, препознавање и награди, создавање пријатна и позитивна работна атмосфера, обезбедување конкурентни плати и атрактивни бенефиции итн. Сето ова е клучно за задржување на талентираните вработени.

И на крајот, клучот на успешните компании е колку успешно ќе ги идентификуваат и имплементираат најдобрите практики во овие области. Оние што ќе го направат тоа ќе имаат значителна предност во конкурентниот пазар во иднина.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...