Актуелно

Останавме ли на вистинската маршрута?

07 Aug 2024

Минатата година, и покрај сите контроверзии, во Македонија продолжи да се вложува во модернизација на транспортната инфраструктура. Иако сè се одвива толку бавно, сепак се реализираат проекти за подобрувања на патиштата, а имаше и најави за вложувања во железничката мрежа. Воедно, Македонија продолжи со напорите за интеграција во Европската Унија, што вклучуваше хармонизација на транспортните стандарди и усогласување на правилата со европските стандарди. Особено внимание беше посветено на транспортните коридори што поминуваат низ земјата.

  Автор:Верица Мартиновска, verica@instore.mk

Договорите за трговија со стоки го намалија времето на трговските процедури и транспортот, така што значително се намалија и трошоците. Со олеснување на процедурите за извоз и увоз, даноците и таксите за меѓународна трговија со храна меѓу членките се намалени до 80 отсто, а зголемена е и трговијата во регионот на Отворен Балкан.

Сепак, некои проблеми останаа исти и се очекува да се прелеат во работењето и годинава. Цените на превозот се очекува да се зголемат, а има повеќе причини за тоа. Дистрибутерите се соочуваат и со зголемени трошоци за вработените, како и повисоки оперативни трошоци. А кога станува збор за вработените, недостигот на работници и нивното задржување и понатаму ќе биде горлив проблем за дистрибутивните, но и за транспортните и логистички компании.

Од друга страна, голем број дистрибутивни компании ги препознаа придобивките од воведувањето нови технологии. Тука се подразбира воведување системи за следење и менаџмент на превозот преку IoT технологии, како и употреба на дигитални платформи за управување со логистичките процеси. Уште еден значаен аспект на кој се фокусираат дистрибутивните компании е зголемениот интерес за еколошките предизвици и одговорноста што ја имаат. Иако инфраструктурата во Македонија е далеку од добра за инвестирање во електрични возила, сепак, кај компаниите има интерес за воведување други одржливи решенија.

Предизвици за оваа и за наредната година

Со причина македонските дистрибутивни и транспортни компании треба да се фокусираат на одржливото работење и новите технологии. Една од причините, секако, е што во мај годинава земјите од Европската Унија дадоа конечно одобрение на Законот за намалување на емисиите на јаглероден диоксид од камионите, со кој ќе се бара повеќето нови тешки возила што се продаваат во ЕУ од 2040 година да бидат ослободени од какво било загадување на животната средина. И покрај обидите на Италија, Полска и Словачка да го блокираат законот, новите правила за тешките возила ја задржуваат постојната цел - намалување на емисиите за 15% за камиони над 16 тони, и тоа до 2025 година. Новата легислатива е проширена за речиси сите камиони. Секако, се очекува и македонските компании да ја преземат оваа легислатива.

Ако се земе предвид дека на глобално ниво пазарот за вештачка интелигенција (ВИ) во транспортот беше проценет на 3,5 милијарди долари во 2023 година и се очекува да расте со висока стапка и да достигне вредност од 22 милијарди долари до 2033 година, тогаш е очигледно дека иднината на работењето оди во оваа насока. Покрај автономни возила и роботи, предвидливото одржување, автоматизацијата и оптимизацијата на маршрутата се главните сили зад револуцијата на ВИ во транспортната индустрија.

МАПАТА НА ДИСТРИБУТЕРИ е специјално издание на InStore кое го издаваме еднаш годишно. Во финансиската анализа на InStore годинава вклучивме 46 дистрибутивните компании чија дејност е дистрибуција на големо на прехранбени производи, пијалаци, тутун, козметички производи и др.

Бројки, таргети, приходи...

Факт е дека успешното работење на компаниите на крајот се гледа низ призмата на бројките. А еве што кажуваат тие за македонскиот пазар, но и конкретно за компаниите што ги анализиравме годинава.

На македонскиот пазар, доколку се земат предвид шифрите на дејност 46.17; 46.19; 46.34; 46.35; 46.36; 46.39; 46.45; 46.49; 46.90 според Централниот регистар, има вкупно 2.816 дистрибутивни компании што во 2023 година работеле на нашиот пазар. Тие оствариле вкупен приход од 169.383.725.330 денари и вработиле 14.255 луѓе.

Годинава во МАПА НА ДИСТРИБУТЕРИ го анализираме работењето на 47 компании чија дејност во Централниот регистар е заведена според споменатите шифри. Тие во 2023 година оствариле вкупно приходи од 53.063.072.250 денари, што е 31,32% од вкупно остварените приходи на претходно анализираните шифри на дејност. Во овие 47 компании, во 2023 година биле вработени 4.358 луѓе, или 30,5% од вработените во претходно анализираните шифри на дејност.

Како и минатата година, во МАПАТА НА ДИСТРИБУТЕРИ го анализираме финансиското работење на 47 дистрибутивни компании кои во табела 1 се подредени според профитот остварен во 2023 година. Износите се во денари според официјалните податоци на компаниите, добиени преку biznismreza.mk.

Во 2022 година овие 47 компании оствариле вкупен профит од 1.463.216.071 денари, а минатата година нивниот вкупен профит бележи пораст 29,67%. И годинава на првата позиција според профитот во 2023 година е „Адријус“, која бележи пораст од 9,09% во споредба со 2022 година. На втората позиција е „Алма-М“ со пораст од 98,76% и „Колид фудс“ со пораст на профитот од 105,91%. Овие три компании оствариле вкупен профит од 563.835.853 денари, или нивниот вкупен профит зазема 29,6% од вкупно остварениот на анализираните 47 компании. Во првата петорка се и компаниите „Колид с тим“ со вкупно остварен профит од 151.390.836 денари и „Пекабеско“ со 145.997.759 денари.

Во табела 2 се дадени топ-15 компании според приходите остварени од продажба на производи. На првите три позиции според остварените приходи од продажба на производи во 2023 година се: „Пекабеско“ со остварени 5.456.166.701 денар, „Еуро табак“ со 5.277.536.891 денар и „Даути комерц“ со остварени приходи од 4.359.399.008. Вкупните приходи од продажба на производи на 47. анализирани компании изнесуваат 51.497.966.054 и во споредба со една година претходно бележат пораст од 10,7%.

Табелите можат да се видат на  https://www.instore.mk/record/29/15750/mapa-na-trgovci-2024-mapa-na-distributeri-2024

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...