Актуелно

Далиборка Росиќ: Да се биде човек (на прво место)

23 Aug 2023

Далиборка Росиќ, маркетинг-директор, „Др. Еткер“

Кога ја добив поканата да бидам гостин-воведничар, со задоволство прифатив знаејќи дека има неколку теми кои би сакала да ги опфатам во овој текст: вештачка интелигенција, дигитално рекламирање, сегментација на пазарот, важноста на иновациите, разбирање на потребите на потрошувачите. За жал, во Србија, во меѓувреме, се случија две големи трагедии кои толку силно нè погодија што тоа што го чувствуваме е тешко да се опише со зборови. Кај многумина од нас поттикна длабоко да се преиспитаме и да се запрашаме што ни е суштински важно, а мене ми се наметна сосема нова тема.

Бидејќи ова е бизнис-магазин, ќе ја приспособам содржината на тие рамки. Би се осврнала на важноста на емпатијата и хуманоста во бизнисот и во лидерството.

Емпатијата е дефинирана како способност да се разберат и почувствуваат емоциите на другите луѓе. Со обидот да се „ставиме во кожата“ на другите луѓе и подобро да ги разбереме, можеме да постигнеме многу. Прво, подобро комуницираме со нашиот тим, со клиентите, деловните партнери... Кога вистински ќе разбереме дека сите имаме свои стравови, потреби, желби, аспирации и цели, ќе биде многу полесно да се дојде до заеднички решенија.

Способноста на лидерот да покаже емпатија и разбирање кон вработените е клучна за градење здрава работна средина.

Способноста на менаџерот да ги разбере своите подредени и да го приспособи својот стил на управување прави голема разлика меѓу тоа дали вработените ќе се чувствуваат ценети и мотивирани на работа или не. Како и со нашите искуства во училиште, каде што имавме наставници кои повеќе ни се допаѓаа поради таа способност и токму поради таа причина полесно го усвоивме материјалот од нивните предмети, така и во деловното опкружување, ако се чувствуваме почитувани, тоа влијае врз нашата продуктивност и придонес во работата. И обратно.

Во суштина, способноста на лидерот да покаже емпатија и разбирање кон вработените е клучна за градење здрава работна средина. Освен што сме јуниори, сениори, менаџери... пред сè, ние сме луѓе. Кога ќе почувствуваме дека некој нè гледа, слуша и цени, повеќе ќе уживаме во нашата работа, ќе бидеме попродуктивни и затоа ќе придонесуваме повеќе за бизнисот.

Кога луѓето чувствуваат дека се слушани и разбрани, се создава врска на доверба. Тогаш сме покреативни и поиновативни и знаеме колку е важна иновацијата за конкурентноста и опстанокот на компанијата. Затоа, емпатијата има и економска вредност.

Знаеме дека потрошувачите се во центарот на нашиот бизнис. Кога ги гледаме потрошувачите не само како купувачи, туку како луѓе, пред сè, тогаш ќе ја достигнеме вистинската цел на бизнисот. Се трудиме да креираме производи кои би го олесниле, разубавиле или засладиле животот на нашите мајки, баби, татковци, дедовци, деца, внуци, пријатели... Нашите цели не се само бројки, туку зад нив стојат вистински луѓе кои го поддржуваат нашиот бренд и кои се идентификуваат со него.

Емпатијата е вештина што може да се научи и што е најважно - може да се подобри и зајакне. Но, само ако постои желба за тоа.

И еве нова тема: Дали емпатијата и „да се биде човек на прво место“ во бизнисот е правило или исклучок?



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...