Што треба да се земе предвид при користењето на концептот на овластен економски оператор и кои се улогата и активностите на граничните и државните органи и агенции што учествуваат во прекуграничната трговија?
Автор: Златко Ветеровски, помошник-директор, Сектор за меѓународна соработка, проекти и европска интеграција, Царинска управа
Царинењето на стоките во прекуграничната трговија е од исклучителна важност за подобрување на конкурентноста, како на извозниците така на увозниците. Како такво, секоја држава настојува да воведе програма за овластен економски оператор (ОЕО) со цел да се промовира сигурноста на пратките што се извезуваат или увезуваат, како и да се забрза движењето на пратките. Целта на овој текст е да ги претставам факторите што треба да се земат предвид при користењето на концептот на овластен економски оператор, како и улогата и активностите на граничните и државните органи и агенции што учествуваат во прекуграничната трговија.
Во меѓународната трговија организациите не се мерат само преку нивниот годишен профит, туку, исто така, и според начинот на кој ги извршуваат нивните активности. Добивањето статус на ОЕО потврдува и докажува дека компанијата ги извршува нејзините активности во согласност со правилата и препораките што се релевантни за ефикасноста и безбедноста на нејзините операции. Придонесот на статусот на ОЕО има значително влијание врз професионалната компетентност и квалитетот на услугите што ги нуди компанијата, како што се брзина на спроведување на постапката, поедноставување на царинските постапки и на формалностите за царинење на стоките и она што е најважно - гаранција дека стоките треба да пристигнат на крајното одредиште во предвиденото време.
Светската царинска организација (СЦО) во 2007 година, во вториот столб Царина-Бизнис од Рамката на стандарди за обезбедување и олеснување на глобалната трговија (WCO Safe Framework of Standards) го усвојува стандардот и концепт овластен економски оператор (ОЕО) како еден од главните сегменти на партнерството меѓу царинските органи и бизнис-заедницата, а со цел обезбедување на меѓународниот синџир на снабдување.
СЦО го дефинира ОЕО како оператор кој е вклучен во меѓународното движење на стоката во која било улога што ја врши, одобрен од страна на царинскиот орган дека ги исполнува стандардите на безбедност и сигурност на синџирот на снабдување од СЦО или други еквивалентни стандарди.
Се наоѓаме во глобално опкружување каде што растот на меѓународната трговија не може ниту да се попречува, а на логистичките синџири, како посредници во меѓународната трговија, им се потребни компании и професионалци што треба да го зголемат квалитетот на работата. Без никаков сомнеж, можам да кажам дека ОЕО е токму тој „плус“, таа „додадена вредност“ што ја прави меѓународната трговија побезбедна, побрза, поефикасна. Токму во тој контекст, Царинската управа силно го промовира развојот на ОЕО и на тој начин ќе придонесува за вклучување на македонските компании во глобалниот синџир на снабдување и зголемување на извозот.
Европската Унија ја воведува програмата ОЕО врз основа на меѓународно признаените стандарди со измените во Царинскиот закон во 2016 година со цел обезбедување на меѓународниот синџир на снабдување и олеснување на трговијата.
ОЕО е „додадена вредност“ на компаниите, тоа што ја прави меѓународната трговија побезбедна, побрза, поефикасна. Царинската управа придонесува за вклучување на македонските компании во глобалниот синџир на снабдување и зголемување на извозот.
Овластен економски оператор како концепт претставува потврда на соработка и партнерство меѓу царинскиот орган и трговските друштва вклучени во меѓународниот синџир на снабдување.
Одобрението овластен економски оператор што го издава Царинската управа претставува потврда дека лицето имател на ОЕО е сигурен и безбеден партнер на царинскиот орган и има контрола над процесите на своето работење.
ОЕО може да биде кое било лице основано во царинското подрачје, без оглед на неговата големина и кое спроведува активности што се опфатени со царинските прописи.
Економскиот оператор може да има повеќе улоги во меѓународниот синџир на снабдување опфатени со царинските прописи, како: производител на стока, увозник, извозник, царински застапник, превозник, шпедитер, консолидатор, држател на складиште.
Економските оператори што поседуваат одобрение за овластен економски оператор ги имаат следниве погодности: поволности од одредени видови поедноставувања врз основа на признавање на статусот на ОЕО, поповолен третман во однос на другите економски оператори во поглед на царинските контроли, вклучувајќи помалку физички и документарни царински контроли, со исклучок на контроли поврзани со мерки на безбедност и сигурност, претходно известување во случај кога е селектиран за царинска контрола, предност во случаи кога е селектиран за царинска контрола, можност за побарување контролата да се изврши на место различно од местото за контрола на надлежниот царински орган, предност при одлучување по кое било поднесено барање до царинскиот орган, бесплатна обука за новини во царинското работење еднаш на две години за одговорното лице за царински прашања и дополнително пет вработени, во зависност од потребите на ОЕО, користење приоритетна лента за излез од царинското подрачје.
ОЕО е клучна активност што е предвидена во Повеќегодишниот акциски план за регионална економска интеграција на земјите од Западен Балкан, усвоен на Самитот во Трст. Македонските компании ги охрабруваме да се здобијат со овој статус за да можат да се вклучат во регионалните синџири на снабдување во рамките на ЦЕФТА и да ги искористат придобивките и поволностите со можноста за заемно признавање на одобрениот статус што ни претстои.
Со реализирање на овие цели на Царинската управа, македонските компании, покрај поволностите во царинското подрачје, ќе може да ги добијат истите поволности во сите ЦЕФТА страни, односно приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број физички и документарни контроли од царинските органи, избор на местото за контрола, како и други директни и индиректни поволности.
Посебен дел во Регионалната економска област е посветен на меѓуинституционалната соработка. Ова е предвидено преку потпишување на меморандуми за соработка со сите гранични и државни органи.
Соработката меѓу граничните агенции на националната граница е фундаментална компонента за модернизирање на царинската служба и соодветна примена на стратегијата за гранична контрола. Таа се состои од хармонизирање на паралелните процеси и на технологиите што обезбедуваат различни гранични агенции да работат заедно во остварувањето на граничните цели.
Со имплементирање на стратегијата за гранично управување и постоење на договори или меморандуми за меѓународна соработка, како на домашно така и на меѓународно ниво, државата може значително да ги намали трошоците за извршување на меѓународната трговија, да ја подобри безбедноста и да ја зголеми севкупната можност за олеснување на трговијата и поголема наплата на приходи.
Загубата од доцнењата при извозот е околу 1% од надворешнотрговската размена за секој дополнителен ден за обработка на декларациите или чекање на границите. За земјоделски производи, секој дополнителен потпис од извозникот придонесува за намалување на обемот на трговија за 4,2%.
Во една неодамнешна студија е пресметано дека загубата од доцнењата при извозот претставува околу 1% од надворешнотрговската размена за секој дополнителен ден за обработка на декларациите или чекање на границите. За земјоделски производи, секој дополнителен потпис што треба да го обезбеди извозникот придонесува за намалување на обемот на трговија за 4,2%.
Примарна фаза во координираното гранично управување треба да претставува прибирањето на податоците поврзани со извозот и увозот во една централна точка, каде што податоците треба да бидат анализирани и испратени до сите гранични агенции според нивната надлежност. Овие функции на прибирање, анализа и распределување можат значително да се разликуваат според природата и мора да се земат предвид фактори како што се земјоделската контрола и безбедноста на производи. Ова треба да овозможи различните агенции да спроведат сопствени процени во раните фази на извозот или увозот, што треба да придонесе за низа погодности на засилена безбедност и забрзано царинење на стоките. За ова во голема мера ќе придонесе и новиот реформски пакет на Владата во соработка со Светската банка за олеснување на трговијата и нов едношалтерски систем за сите гранични агенции.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.