Актуелно

Замрзнати цени – кој што добива, а што губи?

19 Apr 2023

Владата на одреден рок ги замрзна цените на повеќе основни прехранбени производи, но од мерката се незадоволни и граѓаните и компаниите. Првите, оти и сегашните цени им се превисоки, а вторите – оти сметаат дека не можат да ги покријат и онака зголемените трошоци. InStore ги праша засегнатите кои ќе бидат ефектите од замрзнатите цени? 

Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Институционален став

Крешник Бектеши, министер за економија

Во втората половина од февруари 2023 г. Пазарниот инспекторат утврди дека цената на основните прехранбени производи што се предмет на трговска маржа не е намалена соодветно на износот на субвенционирана електрична енергија која производителите на млечни производи и на леб ја користеа. Поради ова и бидејќи млечните производи имаат значајно учество во пазарот и потрошувачката, оценивме дека треба да ја ограничиме нивната цена. Цената на бел и полубел леб (сечен на парчиња или цел) се  ограничи на 33,00 денари по парче за минимална тежина од 450 грама, според пресметките на движењето на цената на суровините на светските берзи и цената на енергентите на „Хупекс“ берзата.

При пресметка на цена по јајце се утврди дека кај цените на свежи јајца од кокошка има пораст во споредба со 2022. Поради интересот за извоз на домашното производство на јајца од кокошка, може да дојде до недостиг на пазарот и значаен пораст на цената, особено за празниците. Затоа се ограничи највисоката цена на домашниот пазар на ниво на цената во трговијата на мало на 15 март 2023.  Во периодот јануари-март 2023 година просечната извозна цена на ориз е 68,47 ден/кг за ориз со средни зрна, односно 64,34 ден/кг за ориз со долги зрна. Повисока е за 30% од просечната извозна цена во 2022. Цената на тестенините (макарони и шпагети) се ограничи на намалување од 15% бидејќи овозможивме укинување на царинската стапка од максимум 27% кон земјите од кои се врши увоз на макарони и шпагети. Со  мерката на ограничување на највисоки цени во трговијата на мало  опфативме најголем дел од основните прехранбени производи.  Единствено не се опфатени маслото за јадење од сончоглед, шеќерот и брашното, но според официјални најави што ни пристигнуваат од производителите, тие самостојно ги намалуваат цените. Околу предлозите до нас, од една Стопанска комора добивме барање да се укинат  царинските давачки на голем број прехранбени производи и квотите од договорите за слободна трговија - што значи увоз на тие производи без количинско ограничување и без царински давачки. Ваквото барање ќе значи зависност од увоз. Од друга страна, увоз без царина ќе влијае врз конкурентската предност на домашното производство на производи кои се наменети за домашен пазар бидејќи ќе се даде предност на увоз на готов производ чија царинска стапка кај некои производи достигнува до 50%. Заложба на коморите треба да биде кон мерки за поддршка на извозот наместо да се фаворизира увозот. 

Засега ја следиме состојбата со цените на суровините и енергентите на светските берзи. Тие ќе ја диктираат потребата од продолжување на мерката или, пак, ќе оставиме производителите и трговците да покажат општествена одговорност кон потрошувачите откако ќе заврши мерката.

Експертски став

Дриљон Исени, извршен директор на Стопанска комора на Северозападна Македонија

Во последните три години нашата економија претрпе многу големи загуби поради турбулентните бранови кои последователните кризи ги донесоа, но тоа беше генералната карактеристика на кризата и за другите земји на глобално ниво, а не само во Северна Македонија. Тоа што го имаше само кај нас, кога зборуваме за земјите со пазарна економија, е редовната интервенција на институциите во сите пори на економијата, со што се ризикуваше аспектот на слободна пазарна економија бидејќи имаше интервенции од секоја страна со разни мерки, како што се замрзнување на цените, маржите итн. Ефектите што ги видовме се разни и секако дека ќе биде потребен еден значителен период компаниите и пазарот да се вратат во нормала. Замрзнувањето на цените може да нѐ доведе до недостиг на производи на пазарот бидејќи компаниите не може да ги покријат трошоците за тие одредени производи. Од друга страна, со цел да се пласира стоката на рафтовите, производителите може да го намалат квалитетот за да ги почитуваат мерките, но и да не ги загубат позициите на пазарот.

Сметаме дека во овој период, во кој кризата забавува, не треба да се интервенира до степен кога Владата ќе одлучи колку ќе бидат цените на одредени производи, но тоа треба да се остави на побарувачката и понудата како клучни елементи. Не случајно ние како комора секогаш сме биле гласни за зајакнување на конкурентноста на нашата земја бидејќи тоа освен што ја засилува и забрзува економијата, има исклучително влијание врз цените, намалувајќи ги поради силната конкуренција, но и поради големите заштеди на компаниите што доаѓаат како резултат на применување на најсовремените технологии и методологии.

Владата треба да интервенира соодветно преку имплементирање политики чија цел е да го поддржат производството, но и синџирот на снабдување, со што ќе се зголеми понудата на стоки и услуги, а тоа ќе резултира со намалени цени.

Прифатливо е да се употребат такви мерки само еднаш или двапати, но тоа се повторува речиси секој квартал и, за жал, тоа не е карактеристика на развојните економии.

 

Став од секторот

Цветанка Стојаноска-Пешовска, извршна директорка на Здружение на производители и преработувачи на млеко „Знак за квалитет“

Граѓаните се најважни не само за Владата, туку и за нас како здружение и за нашите членки – млекопреработувачи. Ние работиме за нив и зависиме од нив. Но граѓани се и нашите вработени и нивните семејства. Оттука, го поддржуваме ставот на Владата дека треба да се направи кошница на поевтини производи, но сметаме дека притоа сите треба да понесеме сличен товар со една цел - oд оваа криза сите да излеземе живи и посилни.

Владата не ги замрзна цените на неколку млечни производи, туку на над 80% млечни производи, спуштајќи ја цената за 10%, со што направи сериозен удар на целата млечна индустрија. Примери дека млечната индустрија е најзагрозена се следниве: во пекарската индустрија замрзнат е само еден производ, а тоа е леб, на максимум 33 денари; месната индустрија не е опфатена со ниту еден производ. Втора исклучително важна неправилност на одлуката е цените на 1 март да се намалат за 10%. Пример, имате два типа млечни компании - првите кои во јануари и февруари ги намалиле цените според договорот со Министерството за економија; вторите кои воопшто не ги намалиле цените. И двата типа компании со назнаката: цените да се смалат за 10% се ставени во ист кош, односно првите кои го почитувале договорот се дополнително казнети со 10%.

Образложението на министерот од 10 +10% или од 5+5% се однесува на бруто-маржа на производителите и малопродажбата, а не на нето-маржа, како што министерот ја прикажува. Доказ за тоа се завршните сметки на млекопроизводителите во Македонија, регионот, Европа и светот - во млечната индустрија реалниот профит/добивка/нето-маржа на годишно ниво е приближно 3%. Македонските компании во последните 2 години работеа со минусна маржа или со загуба, а само малку од нив со минимален профит кој во просек е околу 2%, со ретки исклучоци. Тоа значи само едно, дека со оваа одлука сите ќе бидат во загуба.

Според нас, Владата требаше да го спроведе францускиот модел. Таму Владата се договори со маркетите да направат социјална ­­­кошница за луѓето со понизок стандард. Притоа трговците се договорија со производителите од прехранбената индустрија од сите категории, но и со производителите на други основни производи - шампони, тоалети, сапуни, чаеви, зачини...

Најважно: секоја гранка на производство да предложи и да прифати еден до два свои производи. Со тоа кошницата ќе ги опфати сите потребни производи (а не само млечните) и индустриите еднакво ќе го поделат товарот на пониски цени.

Нагласуваме, млечната индустрија прва се согласува со владините мерки за подобар стандард на граѓаните и прва е спремна да придонесе за тоа, но не по цена да не постоиме, затоа што тоа не е во ничиј интерес.

Став од секторот:

Кристијан Стојков, бренд-менаџер во „Колид С Тим“

Право, и обврска на Владата е да го штити стандардот на граѓаните, особено на ранливите категории. Укинувањето на царината како мерка е во прилог на оваа стратегија. Како времена мерка, тоа ќе даде ефект, но што ќе се случи по враќањето на царините? Дали очекуваме по 31 мај да се намали влезната цена на тестенините и ќе може повторно да се врати царината?

Сметам дека трајно намалување на царината на ниво од 5 до 10% е покорисно за граѓаните, како и за самата држава. Со тој потег потрошувачот ќе може да добие поголем бенефит на долг рок од намалената цена на рафт во споредба со незначителната заштеда од привремената мерка која во апсолутна вредност на просечно четиричлено семејство споредбено со потрошувачката кошничка изнесува помалку од 1%.

 Од аспект на нашето работење, мерката не ни е во прилог бидејќи со секое продадено парче генерираме поголема загуба на брендот и постои ризик од демотивираност на дистрибутерите, исто и “out of stock” ситуација со цел намалување на загубите. Замрзнатата цена воопшто нема да ја зголеми продажбата на Barilla тестенините бидејќи брендот има лојални купувачи кај кои цената не е пресудна при изборот на производот и не очекуваме да придобиеме нови купувачи врз основа на пониската цена. Брендот Barilla расте секоја година и очекуваме да го задржиме истиот тренд на раст.

Не гледаме потреба од некои специфични мерки за да се преброди овој период. Македонија во криза се наоѓа долг период и овој период не е повеќе или помалку кризен од претходните. Најдобар начин да им се помогне на здравите компании е со намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција, со про-бизнис економски политики и предвидливи и навремено објавувани промени во даночната политика. Исто така, можеби треба да се размисли за многу поголемо зголемување на минималната плата со цел да пробаме да се намали одливот на работници, а од друга страна, субвенционирање на придонесите до некое ниво за целиот товар да не биде само на работодавецот.

Tрајно намалување на царината на ниво од 5 до 10% е покорисно за граѓаните, како и за самата држава. Со тој потег потрошувачот ќе може да добие поголем бенефит на долг рок.

 

 

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...