Актуелно

Трендови до крајот на годината

12 Apr 2023

Млечни производи без животинско потекло, млечни производи за контрола на тежината, развој на приватните трговски марки се само дел од трендовите што ќе бидат актуелни за млечната индустрија во годината што ни следува

Приреди: Редакцијата на InStore

Минатата година, во светот, па и кај нас, беше година на високи цени на млекото, но и високи трошоци. Како и во преостанатиот дел од сточарството, високите трошоци за добиточна храна го намалуваат приносот. Можеби повеќе отколку во другите области на земјоделството, високите трошоци за гориво ги зголемија дневните трошоци за транспорт на млеко низ целиот производствен систем.

Помалку крави во текот на првата половина од годината во споредба со претходната година, заедно со малиот пораст на производството на млеко по крава, доведе до реален пад на производството на млеко. Таа ситуација се промени во втората половина на годината со зголемен број крави и зголемување на производството на млеко по крава. Кон крајот на годината, поголемото производство на млеко почна да ги намалува цените на млекото.

Млекарниците ќе продолжат да се соочуваат со високи трошоци за добиточна храна и во 2023 година. Цените на млекото годинава веројатно ќе бидат просечно под оние од 2022 година поради поголемото производство на млеко.

На глобално ниво, високите цени на млекото поттикнаа високи цени на сирењето на почетокот на годината и рекордно високи цени на путерот во есента. Потрошувачката на путер по жител се зголеми во последните години.

Млекарниците ќе продолжат да се соочуваат со високи трошоци за добиточна храна и во 2023 година. Повеќе крави на почетокот на годината треба да доведат до зголемено производство на млеко, но стапката на пораст на производството на млеко треба да се забави кон крајот на годината. Цените на млекото во 2023 година веројатно ќе бидат просечно под оние од 2022 година поради поголемото производство на млеко. Побарувачката ќе продолжи да обезбедува одредена несигурност на пазарот. Растечката економија придонесува за повисоки цени на млекото и секоја борба со рецесија или пад на реалните приходи ќе ја ограничи побарувачката. Трговијата продолжува да биде важен фактор во цените на млекото бидејќи стануваме сè позависни од извозот.

Трендови што ќе ја обележат млечната индустрија во 2023

Гледајќи напред кон 2023 година, добиваме увид колку се развила категоријата млечни производи. Како што иновациите се зголемија за да ги задоволат променливите барања на потрошувачите, млечните производи продолжуваат да бидат суштински дел од исхраната. Следните трендови ќе ја одбележат 2023 година: 

Култивирани млечни производи за подобар имунитет

Пандемијата предизвикана од ковид-19 ја стави во средиште важноста на добриот имунитет, а потрошувачите посегнаа по млечни производи кои овозможуваат дополнителна поддршка на здравјето. И во периодот по пандемијата потрошувачите користат култивирани млечни производи во редовната исхрана.

Млечни производи без животинско потекло

Растителните млечни производи заземаат сè поголем дел од пазарот во последниве години, почнувајќи од растителните млека и проширувајќи се на растителен јогурт, сирење и сладолед. Додека брендовите од растително потекло продолжуваат да иновираат со нови вкусови и состојки, тие имаат нова конкуренција. Наскоро се очекува на полиците да се појави млеко без животинско потекло, направено со протеини од сурутка произведени преку клеточното земјоделство. Овој нов вид млеко ги допушта тврдењата: без лактоза и без холестерол и може да се користи за правење сирење и други млечни производи.

Млечни производи за контрола на тежината

Потрошувачите постојано трагаат по стратегии за намалување на тежината, во кои се вклучуваат и млечни производи кои им го овозможуваат тоа. Млечните производи - особено опциите со висок протеин и ниско ниво на шеќер - се добро позиционирани да бидат дел од решението. Производителите можат да го искористат овој тренд со пораки за улогата на млечните протеини во чувството на ситост.

Премиум сирења за подобро здравје

Голем број од потрошувачите се фокусираа на усвојување поздрави животни навики, вклучително и поздрава исхрана. Оваа растечка свест за користење хранлива и функционална храна за оптимизирање на здравјето создава клучна можност за велнес-сирењата. Овие премиум сирења се збогатени со состојки како што се пробиотици, витамин Д и омега-3.

Високопротеински млечни пијалаци

Се очекува РТД (ready to drink) млечни пијалаци да остварат добри резултати во 2023 година. Овие јогурти за пиење, шејкови и ароматизирани млека, збогатени со протеини, може да се користат како здрава протеинска ужина или како замена за оброк за потрошувачите кои се враќаат на брзиот начин на живеење. Тие, исто така, може да се користат за поддршка на тренинзите поради нивните високи нивоа на протеини.

Одржливо работење на производителите

Врз основа на истражувањето направено за одржливото работење на компаниите, многу преработувачи и фабрики за млечни производи ја споменаа одржливоста како тема што е на првото место. Некои ја признаа вклучената финансиска посветеност и потребата да се осмислат стратегии за исполнување на нивните, во некои случаи, високи цели за одржливост. Но, многумина во млечната индустрија изразуваат загриженост за работи како што се емисиите на стакленички гасови и се обврзани да изнајдат начини за намалување или решавање на овој предизвик.

Приватната трговска марка кај млечните производи

Уште еден начин на кој пандемијата предизвикана од ковид-19 ја промени млечната индустрија, и прехранбената индустрија воопшто, беше промената на ставот на потрошувачите кон купувањето поевтини производи од приватните трговски марки. Купувачите развиле доверба во врска со купувањето на овие производи, нешто што може да го обезбедат преработувачите на млечни производи и потенцијално да ги зголемат своите резултати. Со оглед на тоа што инфлацијата е сè уште висока и потрошувачите сè уште внимаваат на цената, се очекува трендот на приватните етикети да продолжи да биде актуелен и во 2023 година.

Инфлацијата и млечните производи

Кога сме кај инфлацијата, нема сомнение дека таа ќе остане во тренд и годинава, исто како и минатата година. Кон крајот на 2022 година, на глобално ниво инфлацијата почна да се намалува. Сепак, таа ќе продолжи да биде актуелна и годинава, така што цените на многу прехранбени производи и пијалаци, вклучително и млечни производи, можеби ќе го достигнат својот врв.

Пандемијата ја стави во средиште важноста на добриот имунитет, а потрошувачите посегнаа по млечни производи кои овозможуваат дополнителна поддршка на здравјето.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...