INSTORE АНАЛИЗА
Со финансиската анализа на InStore правиме пресек на малопродажбата во Македонија и ги мапираме малопродажните објекти. Во анализата вклучивме 40 компании што работат во малопродажба. Во изборот на компании влегоа сите КА, ЛКА, дисконтери и мали дуќани што имаат повеќе од една продавница
Автор: Верица Мартиновска, verica@instore.mk
Ковид-кризата ги научи македонските трговци да се приспособат на новите потреби и барања на потрошувачите, развивајќи го онлајн-купувањето како нов канал на продажба и приспособувајќи го портфолиото на ценовно чувствителните потрошувачи. Минатата 2021 година заврши со желби да не се вратат повторно ограничувањата, затворањата, но никој не очекуваше дека ќе се случи војна која ќе предизвика турбуленции и во работењето на трговците.
Сепак, бројките на новоотворени објекти покажуваат дека малопродажниот пазар во Македонија не се плаши од новонастанатата ситуација и воопшто не стагнира. Туку напротив. „Киппер“ интензивно се шири низ државата, па така во истиот период лани бројката на отворени објекти беше 69, додека годинава 87. „Стокомак“ од јули лани до истиот месец годинава го зголеми бројот на објекти од 53 на 59, „Тинекс“ од 58 на 63, „Жито“ од 60 на 62 објекти...
Од финансиската анализа, во која вклучивме 40 компании, КА, ЛКА, дисконтери, се забележува дека меѓу првите пет, според профитот остварен во 2021 година, се наоѓаат три синџири дисконти – „Кам“, „Киппер“ и „Стокомак“.
Кон крајот на годината објавивме за преземањето на „Кит-Го“ од „Вива фреш“, кое се официјализира на 1 февруари годинава. Во истиот период „Рептил“ ги презеде маркетите на „Макпрогрес“, со што го направи првиот чекор кон проширувањето надвор од Скопје. Во декември минатата година почна ребрендирањето и реновирањето на маркетите, а како што изјави генералниот менаџер Даница Личанин-Блажевска во интервјуто на InStore, инвестицијата за овој проект изнесува половина милион евра.
Во 2021 година посериозно почна да функционира и посебното трговско друштво – стопанската интересна заедница ЛКА (Local key account group), кое е управувано од директори и менаџери на локални синџири маркети на национално ниво. Главните активности на здружението се увоз, развој на приватни трговски марки, заеднички преговори со домашни доставувачи и заеднички маркетинг.
Минатата година InStore објави и за влегувањето на рускиот дисконт „Мере“, кој првиот објект официјално го отвори во јуни годинава, а сè уште се очекува официјалното почнување со работа и на „Лидл“ во Македонија.
Иако мал, македонскиот малопродажен пазар има голем број дисконтни синџири кои реализираат добри финансиски резултати. Во анализата на InStore која ја објавуваме во третото специјално издание Мапа на трговци направивме пресек на малопродажбата. Од финансиската анализа, во која вклучивме 40 компании, КА, ЛКА, дисконтери, се забележува дека меѓу првите пет, според профитот остварен во 2021 година, се наоѓаат три синџири дисконти – „Кам“, „Киппер“ и „Стокомак“. Нивниот вкупен профит во 2021 година изнесува повеќе од 829 милиони денари.
Во анализата на InStore можат да се видат информациите за финансиското работење според вкупните приходи, профит и приходи од продажбата на производи за 2020 и 2021 година, стапка на профит, профит по вработен, профит по продавница и уште неколку клучни параметри. Редоследот на компаниите во табелата е даден според профитот остварен во 2021 година.
На првото место според остварениот профит е „Веро“, чија позиција не е променета од лани, иако бележи благ пад од 1,46%. Во првата петорка второто место го задржа „Кам“, со пораст на профитот од 3,81%. Следните две позиции се дисконтерите „Киппер“ со пораст од 39,73% и „Стокомак“ со пораст од 19,41%. За разлика од лани кога беше на третата позиција, „Тинекс“ годинава ја зазеде петтата позиција и бележи пад на профитот од 29,21%. Во топ-10 се најде „Рамстор“, кој во 2021 година бележи скок за десет позиции и пораст на профитот од 356,62%, во споредба со лани кога беше на 17 место. Со пораст на профитот од 51,56% и работење преку 9 маркети, „Црвена ружа“ се најде на 10. позиција.
Според приходот од продажба на производи во 2021 година, на првата позиција е „Кам“ со остварени 11.197.140.449 денари и пораст од 10,62%, потоа „Тинекс“ со остварени 5.867.734.485 и пораст од 5,48% и „Киппер“ со 5.829.541.930 и пораст од 36,62%.
Како и минатите две изданија на Мапа на трговци, и годинашното нуди финансиска анализа која во голема мера кажува за работењето на компаниите. Сепак, треба да се има предвид дека за целосната слика важни се и податоците за новоотворени маркети, капиталните вложувања, споредните бизниси и сл.
Се надеваме дека оваа финансиска анализа ќе ви даде јасна слика што се случуваше лани кај трговците и ќе ви го олесни работењето во тековната година.
Табелата каде што е прикажана финансиската анализа на КА и ЛКА на македонскиот пазар може да ја погледнете на стр.6 во Мапа на трговци
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.