Билјана Спасевска, директор за продажба и маркетинг во „Актифф“
Сите сме свесни дека пандемијата на ковид-19 со себе донесе огромни промени во начинот на функционирање на секое поле, па така и во компаниите од FMCG-секторот. Така, ние што го менаџираме организациониот, работниот и продажниот процес се соочивме со нови предизвици на кои моравме да реагираме брзо, ефикасно и одлучно за да се адаптираме на новонастаната ситуација.
Среќни сме и горди што успеавме да се избориме и да се приспособиме на промените, а од најголема важност за нас е што иако беше наметната социјална дистанца, беа оневозможени чести средби и состаноци, останавме компактни, постигнавме одлични резултати и успеавме да ги зацврстиме и да ги издигнеме на највисоко ниво човечките вредности на кои впрочем и се темели успехот во нашата компанија. Ги применуваме сите современи техники и алатки за унапредување на продажниот процес, но не сме заложници на формата, туку на суштината и сметаме дека суштината е клучот за градење здрава компанија која може да ги надмине сите предизвици со кои се соочува.
Сите што сме во овој сектор треба да ги користиме и да ги применуваме добрите алатки од земјите во регионот и пошироко за да го унапредиме и модернизираме пазарот, и заедно да ги надминеме инфлацијата и економската криза.
И ете кога помисливме дека успешно се справивме со пандемијата и дека дојде крајот, почна војната меѓу Русија и Украина, која значително ги влоши условите за работа на глобалниот пазар и секако се пренесе и кај нас, со што под влијание на порастот на цените на енергијата (плин, нафта, струја) поскапија и суровините и дојде до поскапување на цените на производите.
Делот во кој ние како компанија, ексклузивен увозник и дистрибутер на брендот Violeta, сме најзасегнати и погодени е драстичното зголемување на цените на тоалетната хартија и кујнските бришачи, што не е случај во ниедна друга категорија производи. Загрижени сме и свесни дека ова ќе придонесе за намалување на продажбата земајќи го предвид фактот за месечните примања во нашата држава, потрошувачите ќе бидат принудени да ги менуваат навиките и тоа ќе доведе до рационално користење на овие неопходни производи.
Неизвесно е кога и како ќе завршат инфлацијата и економската криза и со какви последици, но работиме на тоа да понудиме алтернативни решенија за купувачите иако е многу тешко во услови на виша сила (force majeure).
Би сакала за крај да додадам дека сите што сме во овој сектор, вклучувајќи ги и трговците, треба да бидеме отворени и флексибилни кон имплементација на новитети, транспарентни во размена на податоци и информации, да се надградуваме и да се стремиме кон професионализам. Потребно е да си ги олесниме работните процеси, да ги користиме и применуваме сите добри алатки од земјите во регионот и пошироко со цел унапредување и модернизирање на пазарот, а воедно и за заедничко надминување на инфлацијата и економската криза.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.