Актуелно

Мислења и коментари: На старите се надоврзаа нови проблеми со снабдување

04 May 2022

Сликите од маркетите покажаа дека при зголемената побарувачка на одредени производи за кратко време се случи недостиг на производите, но дали е реален стравот на потрошувачите дека ќе ги снема нив од рафтовите? Во поглед на залихите на производи и суровини, треба да се размислува за долгорочни промени и владина стратегија. Воедно, треба да се афирмира и потребата од приклучување кон европски систем на набавка на енергенти, пред сè, гас

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk


Владимир Глигоров, економски истражувач во Виенскиот економски институт

Не е лесно да се оценат ризиците од оваа војна бидејќи не се знае колку ќе трае, а не се знаат ни воените цели на Русија. Ако нема мир, да речеме за месец или два, ќе мора да се мисли за идната зима и да се бараат потрајни алтернативи на сè што се извезува од Русија. Тоа се, пред сè, енергијата и суровините. Краткорочно не би морало да има тешки последици како што се наближува летото, а би требало и да има одредено количество залихи. Меѓутоа, реално е да се очекува да се покачат цените на подолг рок. Треба уште отсега да се направат стратегии и да се мисли за идната зима.

Цените се очекува да се зголемат, што е проблем со кој би требало да се соочи и Владата. Не би требало да има паника од недостиг на производи во супермаркетите.

Храната би требело да биде помал проблем бидејќи тоа што недостига може да се купи во регионот. Македонија увезува храна, но не од Русија или Украина. Цените се очекува да се зголемат, што е проблем со кој би требело да се соочи и Владата. Не би требало да има паника од недостиг на производи во супермаркетите.

Македонската индустрија, како и некои други на Балканот, увезува суровини од Русија и за индустријата. Ако долгорочно се прекинат односите со Русија, а Украина биде окупирана, тогаш нема лесни решенија. Со време ќе се најдат други извори, но трошоците ќе бидат други и ќе биде потребна друга технологија.

Сè на сè, нема причина за паника, но треба да се размислува за долгорочни промени.


Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис - конфедерација на Македонија

Состојбите на светскиот пазар се сериозно различни од нашиот локален мал пазар. Пред сè, ќе се осврнам на квалитетот на производите и суровините што се користат и употребуваат кај нас. Би сакал да потенцирам дека суровините и квалитетот на производите за македонскиот пазар се далеку послаби за нашите производители и потрошувачи, особено во делот на суровинскиот и технолошкиот квалитет на изработка и заштита/безбедност на производот и суровината. Што се однесува до производите за мала потрошувачка, очекуваме намалување на „присуството“ на мал број производи на пазарот, но одредени компании сериозно размислуваат за оптимизација на количеството, пакувањето и формата на одредени производи. Исто така, се работи, поточно се истражува во насока на промена на технолошките процеси и суровински замени.           

Треба интерно да се договориме и да прифатиме дека сè поизгледна е кризата со енергија и суровини. Треба итно да се договорат мерки за обезбедување резерви на основните суровини и продукти. Владата да донесе итно решение за овозможување краткорочно користење на земјоделското, градинарското, шумското земјиште во сопственост на државата за посеви, садници и други култури, како и да се обезбедат семенски материјали, ѓубриво и достапност на вода. Во моментов фокусот на Владата е насочен кон обезбедување средства и мерки за помош на стопанството, вработливоста и граѓаните, но исто така е важно да обезбеди средства и гаранции за набавка на поголеми количества суровини. Не би смееле да го заборавиме домашното производството, кое точно е наменето за купувачите од подрачјето на воениот конфликт, тоа производство не смее да се фрли, мора да се преработи и да остане преработено, конзервирано во нашата земја или да се најде нов пазар. 

Владата да донесе итно решение за овозможување краткорочно користење на земјоделското и градинарското земјиште во сопственост на државата за посеви и да се обезбедат семенски материјали, ѓубриво и достапност на вода.

Де факто нашата земја е на индиректен начин засегната од конфликтот, особено што некои наши традиционални трговски партнери се директно засегнати и фокусот го насочуваат кон своите потреби за енергенти, ресурси, потрошувачи и производители. Конфликтот има негативен ефект врз европската и глобалната економија, преку дополнителни нарушувања на синџирите за снабдување, односно директниот негативен ефект врз глобалното снабдување и побарувачка. Тоа е поврзано и директно ќе влијае врз нашата мала и отворена економија која е силно поврзана со европската. Исто така, може да дојде до поголема резервираност кај странските и домашните инвеститори, што би се одразило врз нивото на инвестиции. Од друга страна, директната изложеност на нашата земја кон руската и украинската економија е релативно мала. Увозот и извозот кон секоја од нив гравитира околу 1%. Исто така, нивната застапеност во странските директни инвестиции во земјава, како и во приливот на паричните дознаки е под 1%. Но, увозот на гас во Македонија е повеќе од 95% руски! Градежните материјали, железото и челикот исто така се суровини кои се увезуваат од земјите од конфликтот.


М-р Павле Гацов, eкономски експерт 

Пандемијата, цените на енергентите, инфлацијата, необновените синџири на снабдување со добра кои се инпут кај други производители, воениот конфликт на територијата на Европа и предизвиканата политичката и економска нестабилност се главните причини за забавеното заздравување на економиите на излезот од пандемските 2020 и 2021 година. Освен енергетската криза (струја, гас и фосилни горива), недостигот на суровините што доаѓаа од земјите зафатени со воениот конфликт, лошите кинески испораки и високите трошоци за транспорт на стоки од Кина кон европските земји создаваат услови за недостиг на одредени стоки, особено во сферата на прехраната и одделни преработувачки индустрии.

Под психозата на војната и очекуваните високи цени на прехранбените производи, ги снемува од рафтовите зејтинот и брашното, делумно поради високата побарувачка, шпекулативниот однос на трговците (повлекување на зејтинот од страна на македонските трговци за сметка на продажбата на Косово по цени кои се двојно повисоки од оние во Македонија).

Засега ваквата состојба би ја дефинирале како вонредна и временски ограничена, односно привремена. Таа би траела до траењето на причините што ја предизвикуваат. Но, за целосно нејзино анулирање, освен исчезнувањето на актуелните причини што ја предизвикуваат, потребни се и мерки за заживување на домашното производство и намалување на зависноста од увозот на суровини и енергенти. На потег се државите со проактивни економски и земјоделски политики.  

Во вакви услови е важно да се обезбедат доволно резерви со кои ќе се премости евентуалниот недостиг, а се афирмира потребата од потпирање на сопствените ресурси барем во делот на земјоделските производи кои на овој простор може успешно да се произведуваат.

По најавата за ограничување на трговската маржа, трговците тргнаа од рафтовите некои од производите за исхрана на населението, а по ваквата привремена мерка тие не се мотивирани да продаваат производи од кои нема да заработуваат. Затоа ваквите непазарни мерки треба да бидат краткотрајни и на причините треба да се влијае структурно, односно со обезбедување услови за зголемување на понудата, поддршка на населението кое остварува помал доход и сл.

Државите мораат да ги штитат националните интереси, односно интересите на своите граѓани. Затоа и се носат мерки со кои се ограничува надворешнотрговската размена, односно се ограничува извозот на стратешки суровини. Во вакви услови е важно да се обезбедат доволно резерви со кои ќе се премости евентуалниот недостиг во вонредни околности, до воспоставувањето нормални економски односи.  Ова ја афирмира потребата од потпирање на сопствените (внатрешни) ресурси барем во делот на земјоделските производи кои на овој простор може успешно да се произведуваат, жито, јачмен, пченка, репка, сончоглед...

И второ, се афирмира потребата од приклучување кон европски систем на набавка на енергенти, пред сè, гас, заради обезбедување најповолни услови за набавка во однос на можностите на поединечна набавка кога и цените се значително повисоки од оние на големите земји.

Со новата ситуација станува сосема јасно дека НАТО и ЕУ нема да ѝ помагаат на државата кога се работи за прехранување на населението и дека тоа е, пред сè, работна задача на секоја одделна влада, впрочем, тие имаат и уставна обврска за ваква грижа.

Директната засегнатост не е главниот критериум за ефектите од воениот конфликт врз домашната економија. Поважни се вкупните ефекти, директни и индиректни. Имено, нема да бидат погодени само домашните произведувачи на јаболка кои ги продаваа производите на овој пазар, или извозниците на зелки, погодени ќе бидат сите економски субјекти што користат нафтени деривати или гас во која било форма, потоа увозниците на храна, увозниците на вештачки ѓубрива итн. Ова ќе придонесе за намалување на конкурентноста на домашната економија, зголемување на трошоците за производство на земјоделците и воопшто на индустријата, на цените на греењето и транспортот и сл.

Познато е дека Македонија увезува природен гас само од Русија и друг извор на гас засега нема. Исто така, еден од најголемите дистрибутери на нафтени деривати во Македонија е рускиот „Лукоил“. Ова ја покажува вистинската ранливост на домашната економија и нејзината изложеност поради овој воен конфликт.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...