Актуелно

Александра Николоска: Подобри времиња доаѓаат, но за кого?

27 Apr 2022

Подобри времиња доаѓаат, но само за приспособливите. Добрата вест е дека повеќето имаме исти шанси за преживување, а лошата е дека некои бизниси ќе згаснат. 

Александра Николоска, директор за продажба во „Виа пром“ – Охрид

Пред 10 години, работејќи во стартап-акцелератор на Блискиот Исток, првпат искусив различна нормалност. Основачите беа професионалци со стекнато образование на реномирани американски универзитети, со значајно искуство од приватниот сектор и со извонредни квалитети. Иако живееја под постојана воена закана, лоша распределба на ресурси, наплив на мигранти и други економски, политички и безбедносни проблеми, сепак, во тоа време постигнаа маркантен успех на домашната и на регионалната стартап-сцена. Привлекоа многубројни инвеститори, бизнис-ангели и солидна покриеност од влијателни регионални и светски медиуми. На прашањето како се толку успешни, а се опкружени со закани од секаков вид, ми одговорија дека за разлика од нивните колеги во развиените земји, тие научиле да се борат за опстанок уште од најрана возраст, дури и во услови на бомбардирање.

Зборуваме дека се приспособуваме, но пазарните случувања нè демантираат. Состојбата во прехранбената индустрија е критична. Сепак, мора да пристапиме кон решавање на проблемите, а не само да ги идентификуваме.

Денес, сите живееме нова нормалност. Зборуваме дека се приспособуваме, но пазарните случувања нè демантираат. Состојбата во прехранбената индустрија е критична. Во изминатиов период се соочивме со енормни ценовни зголемувања на суровините, превозот и градежните материјали. Додека имаше простор, одржувавме ценовна стабилност, но веќе нема услови за тоа. Сепак, мора да пристапиме кон решавање на проблемите, а не само да ги идентификуваме.

Во „Виа пром“ постојано негуваме култура на оптимизам и на самостојно создавање можности адаптирани на новата реалност. Направивме коренити промени со цел ефикасно приспособување и тоа не од денес до утре, туку од утро до пладне. Би ја искористила оваа пригода да ја споделам основата на нашиот систем за справување со кризата:

  1. Селективност: дефинирање строг фокус и елиминирање на непродуктивното;
  2. Репрограмирање: создавање систем што генерира ефикасни одговори на чести промени; 
  3. Аутсорсинг: зголемено, но паметно користење на надворешните услуги;
  4. Различност: нови продукти што носат значајна додадена вредност за потрошувачот;
  5. Оптимизам: барање можности во секоја тешкотија.

Подобри времиња доаѓаат, но само за приспособливите. Добрата вест е дека повеќето имаме исти шанси за преживување, а лошата е дека некои бизниси ќе згаснат. Во случајот на македонските компании, особено оние со долга традиција, веројатно и нема простор за голема загриженост бидејќи голем дел од нив успешно се справиле со многу кризи во минатото и несомнено изградиле моќен механизам за преживување.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...