Актуелно

АМЕРИТ бара мерки за помош на транспортерите

11 мар 2022

Итна средба со Владата поради растот на цената на нафтата на која ќе бидат договорени конкретни мерки за ублажување на ударот од кризата кај транспортерите, побара Стопанската интересна заедница за патен транспорт Македонија сообраќај (АМЕРИТ), каде членуваат транспортни фирми за превозот на стока и на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Лефтер Андонов, управител на СИЗ „Македонија сообраќај” АМЕРИТ – Скопје, во отворено писмо до Владата предупредува дека поради големото учество на горивото во цената на транспортот и неизвесноста за транспортерите по најавата дека секојдневно ќе има нова цена, ќе бидат принудени да го прекинат превозот на стока и на патници, како и да ги повикаат своите членки на масовни протести до наоѓање решение. 

Во последниот период, цената на нафтените деривати драстично се зголемува, што доведува до катастрофално влијание врз  транспортните фирми. Кога се зголемува цената на горивата,транспортните фирми се принудени да ги зголемат цените, при што се зголемуваат цените на производите, директно на удар врз македонските граѓани. Притоа, многу од нив се соочуваат со огромни загуби, бидејќи превозниците во внатрешниот патнички превоз, имаат склучено договори за редовни линии, за превоз на ученици, на војската и други јавни услуги, договорени цени кои веќе не се одржливи, наведува Андонов.

АМЕРИТ ја повикува Владата да реагира итно и да договори средба на која ќе учествуваат и тие како претставници на транспортниот сектор и да донесат конкретни мерки за ублажување на овој удар кој, нагласува, многу македонски фирми ќе ги принуди да престанат со вршење на дејноста транспорт.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...